Интервју на кардинал Пуљиќ во пресрет на посетата на папата на Сараево

Во пресрет на пасторалната посета на папата Фрањо на Сараево на 6 јуни, кардинал Пуљиќ за списанието Гласник на мирот даде интервју во кое говори за престојната посета на папата на Сараево, како и за живоста на неговиот понтификат

Ваше високо преосвештенство, по посетата на папата Иван Павле II на Сараево во 1997 година и Бања Лука во 2003 година, ова е трета пасторална посета на Папа на Босна и Херцеговина. Како дојде до неа?

При самиот избор за Папа, кога му пријдов да му ја изразам својата солидарност и верност, тој веднаш рече: „Ах, ти доаѓаш од Црква која трпи!“ Веќе уште тогаш препозна дека Црквата во Босна и Херцеговина поминува низ големо искушение. Во сите наши средби и разговори кои следуваа секогаш изразуваше грижа и имаше големо разбирање за Црквата во БиХ. Одлучив да го поканам. На мојата покана едноставно одговори: „Кога?“ Морам да додадам дека уште нешто беше многу важно, имено да го поканат и државните структури. Кога двете се усогласија, службите на Ватикан започнаа да барат соодветен термин и го одбраа 6 јуни. Одлучено е тоа да биде еднодневна посета: ќе дојде наутро и ќе се врати навечер.

Епископот Комарица во една прилика рече дека Папите за своја посета ги избираат земјите кои на посебен начин се актуелни за целата Католичка црква и нејзиниот живот. По што во овој момент БиХ би била актуелна за црквата?

Мислам дека овој Папа има посебно чувство за луѓето кои трпат, кои се обесправени, кои се сиромашни, а БиХ е смеам слободно да кажам речиси целата сиромашна. Кога е во прашање Европа за своите посети освен БиХ ја избра и Албанија. Од Европа имаше многу покани, меѓутоа освен посетата на Европскиот парламент во Стразбур, не прифати ниту една. Папата сака да ги посети т.н. делови на работ и да даде надеж и охрабрување. Тоа го рече и најавувајќи го своето доаѓање кај нас: „Доаѓам во Сараево да дадам поддршка во процесот на дијалогот и градењето на мирот во БиХ.“ Тие две теми му се многу важни, бидејќи гледа дека тоа овде е многу потребно да се оствари.

Па, нема политички причини, ниту причини од некоја друга природа?

Не, нема. Никакви причини од таква природа не наведе. Уште повеќе, тој бега од сите политички конотации. Тој сака тоа да биде борба за човекот, борба за неговите права, борба за неговиот мир, неговото достоинство. Тој е Папа кој има посебно чувство за луѓето кои се во потреба и кои треба да ги охрабри.

Мотото под кое Папата ќе ја посети БиХ е „Мир вам“. Желбата на Папата е во БиХ да види можност за мирен соживот и дијалог. Колку во овој момент е можно да се оствари?

Јас не би поставил прашање колку е можно, туку како. Дијалогот и соживотот се можни, само прашањето е како. Мотото „Мир вам“ е земено од неговата најава да дојде да го поддржи градењето на мирот. Тие се и Исусовите зборови кои на денот на воскресението во салата на Последната вечера ги изговори на преплашените ученици. Така и јас, еве би кажал дека доаѓањето на Папата – е доаѓање во нашата преплашеност, несигурност, неизвесноста за нашата иднина. Папата како намесник на Исус Христос доаѓа меѓу нас за да ни каже: „Мир вам“. Ни треба тој мир. Мирот во срцето, во душата, мирот во семејството, во народот. Од тоа доаѓа самодовербата од каде што го бараме заземањето за градењето мир.

Помина нешто повеќе од две години од понтификатот на папата Фрањо. Ретко кој од неговите претходници внел толку свежина во Црквата. Неговата отвореност, директност, неретко и провокативност го привлекува вниманието не само на медиумите, туку и на целата јавност. Кои се според вас важните карактеристики на папата Фрањо и што посебно ги одбележи овие две години од неговиот понтификат?

Секој Папа на свој начин е неповторлив и секој од нив во Црквата и во животот на Црквата отвори длабок печат. Свежо ни е сеќавањето на двајцата негови претходници. Папата Иван Павле II со својот пастирски стил, став и порака е неповторлив. Бенедикт XVI е голем и силен на свој начин: тој на толку едноставен начин ја толкува најголемата тајна на верата. Овој пак Папа не дава да се стави во рамки. Тој сака Црквата од себе да биде слободна и храбра, а не со рамки да го спречи преминот на човекот. Тој всушност ги руши фосилите кои настанале низ историјата.

Во која мера на таквата комуникација влијаела културолошката и духовната средина од која доаѓа папата Фрањо?

Секако дека има влијание и средината од која доаѓа, но некако поблиску ми е да мислам дека преку него Светиот Дух во Црквата внесува нешто ново, дека Црквата не се петрифицира, туку евангелски да биде жива. Тоа е она што освојува, посебно малите луѓе, бидејќи оддеднаш почувствуваа дека имаат некој блиску, дека  имаат отец. Чувствуваат дека на него како пастир можат да се потпрат. Понекогаш е добредојдена и таа негова критичност за луѓето кои замислиле дека Бог го имаат в џеб малку да го корегираат својот став. Таа негова критичност е многу здрава, бидејќи корегира некои рационализирани ставови и јас немам чувство дека тоа е збунувчки. Уште повеќе тие предизвици ми одговараат.

Гласник Мира/ Марио Василј Тотин

к.мк/Превод: Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Свет

За авторот