Индиските власти ги забранија странските донации за Мисионерките на љубовта

Индиските власти ги забранија странските донации за Мисионерките на љубовта

Доминик Гомес, генерален викар на надбискупијата Калкута, ја нарече одлуката „суров божиќен подарок за најсиромашните од сиромашните“.

Индиските власти го ускратија правото на Мисионерките на љубовта да примаат донации од странство. Одлуката беше објавена на 25 декември односно на самиот Божиќ.

Ова е голем удар за монашката организација основана од Мајка Тереза, која се грижи за илјадници болни и сиромашни во таа земја.

„Известени сме дека нашето барање за продолжување на финансирањето според условите на FCRA (Закон за регулатива за странски придонеси) не е одобрено. Затоа, за да бидеме сигурни и да не дојде до пропусти, побаравме од нашите центри да не управуваат со сметките за странски донации додека не се реши ситуацијата“, се вели во соопштението потпишано од поглаварката на заедницата, сестра Према, пренесува UCA News.

Портпаролката на Мисионерките на љубовта Сунита Кумар изјави за Њујорк Тајмс дека веруваат во позитивен исход и дека засега имаат доволно локални извори што им овозможуваат да продолжат да работат.

Министерството за внатрешни работи на Индија во понеделникот, на 27 декември, истакна дека одлуката за одземање на дозволата е донесена откако при евалуацијата на пријавата биле забележани одредени „неточни записи“. Не е наведено за кои записи се работи

Овој потег на власта наиде на бројни критики.

„Неверојатно е што индиските власти забрануваат странските донации за организацијата основана од нобеловката Мајка Тереза“, напиша на Твитер Сем Браунбек, кој од 2018 до 2021 година беше американски амбасадор за прашања за верската слобода во светот

„Овој погрешен потег само им штети на луѓето во Индија, треба да им се дозволи на добротворните организации да им помагаат на оние на кои се во потреба“, рече тој за CNA.

Слично реагираше и Доминик Гомес, генерален викар на надбискупијата Калкута, кој одлуката ја нарече „суров божиќен подарок за најсиромашните меѓу сиромашните“.

Во Индија живеат околу 30 милиони христијани, кои сочинуваат 2,3% од населението. Од тој број, две третини се припадници на Католичката црква.

Христијаните во Индија редовно се соочуваат со дискриминација и насилство, посебно од мнозинското хиндуистичко население.

Битно нет/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот