Изјава на Н. В. П. монс. д-р Киро Стојанов по повод веста за доаѓањето на Неговата Светост Папата Франциск во посета на Република Македонија

Изјава на Н. В. П. монс. д-р Киро Стојанов по повод веста за доаѓањето на Неговата Светост Папата Франциск во посета на Република Македонија

Драги верници и почитувани граѓани на Република Македонија

Како бискуп, верник и граѓанин на оваа Земја – Република Македонија, веста за доаѓањето на Светиот Отец Папа Франциск во посета на нашата Земја ја примив со голема радост и благодарност кон Господа Бога, а верувам дека и граѓаните на Македонија и пред сѐ верниците католици ја примија со големо воодушевување. Сметам дека Светиот Отец Папа ја препозна потребата на Црквата и народ во Република Македонија за нивно охрабрување.

Папа Франциск од самиот почеток ја искажуваше и покажуваше својата близина и разбирање кон нас, примајќи ја секоја година во Аудиенција и Државната делгација во чест на чествувањето на Св. Кирил во Рим.

Верувам дека неговото доаѓање во главниот град на Државата и родниот град на св. Мајка Тереза – Скопје има посебна симболика, а исто така верувам дека и неговите пораки кои ќе бидат упатени за време на неговата посета ќе бидат делотворен поттик за многу потребната духовна и друга обнова на ова наше Општество и дека ќе ни помогне да го сфатиме и прифатиме фактот како сме сите, и како луѓе и како верници, одговорни за градење мир и среќна иднина меѓу сите верници, граѓани и народи во оваа наша мила Татковина – Македонија.

Затоа ги повикувам сите верници католици и луѓе со добра волја во Република Македонија, како и од соседството, на молитва и духовна подготовка за оваа драгоцена посета на Светиот Отец папа Франциск, првенецот на апостолскиот збор и неспорен морален авторитет на денешницата.

Категорија: Вести, Македонија

За авторот