Изјава на бискупот Стојанов за Македонското Радио по повод празникот на света Мајка Тереза

Изјава на бискупот Стојанов за Македонското Радио по повод празникот на света Мајка Тереза

По повод празникот на света Мајка Тереза, Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх, монс. д-р Киро Стојанов даде изјава во вестите на Македонското радио – прва програма, која ја пренесуваме во целост.

Во „Деновите на света Мајка Тереза“ и 110 годишнината од нејзиното раѓање, при оваа пригода, би сакал на кратко да го дефинирам нејзиното делување меѓу отфрлените и осамените.

Секој живот е единствен, неповторлив и мистерија. Исто така секој човек има свое послание кое треба да го исполни во својот живот. Воопшто е тешко да се влезе, а особено да се разбере мистеријата на посланието на поедини личности кои израснуваат во големо стебло и кои стануваат воздигнат знак како што е св. Мајка Тереза. Денес е појасно, од било кога, особено во делувањето на папата Фрањо, кој постојано предупредува на посланието на Црквата, а спрема тоа и на верниците, дека се повикани да делуваат меѓу луѓето кои се на перифериите, болните и отфрлените. Впрочем, во Годината на Божјото милосрдие, пред некоја година, сите ние се соочивме со фактот дека нашиот Господ Исус Христос трајно беше свртен кон малите, грешните, болните и оние во потреба. Целото христијанство е повикано на тоа делување. Тоа не е социјално прашање, туку верско, спасително: „Здравите немаат потреба од лекар, туку болните“ (Мт 9,12). Св. Мајка Тереза, во своето делување, препознала две стварности во Исусовиот живот.

Првата – што таа често го спомнува – е Исусовиот збор на крстот „Жеден сум“ (Ив 19,28б). Таа во Исус Распнатиот го препознала и неговиот тестамент: „доколку сте го направиле тоа за еден од овие Мои најмали браќа, за Мене сте го направиле!“ (Мт 25,40). Очигледно е дека таа сакала да ја задоволи жедта на бројните жедни и гладни, кои умираат. Очигледно е дека желбата да служи е силна и дека не може да постави граници и разлики кому да се помогне, едноставно: оној кој е во потреба, нему треба да се помогне.

И овде е втората карактеристика на нејзината теологија, а тоа е: настанот на Милосрдниот Самарјанин. Таа Исусова приказна не обраќа внимание на Законот ниту на прописите, туку слуша само едно, а тоа е срцето и во срцето љубовта. Ми се чини дека во тие две, да ги наречеме, рамки, се случува животот на Мајка Тереза, т.е. Крикот од крстот: „Жеден сум“ и Исусовата приказна за Самарјанинот: „Оди и ти прави така“ (Лк 10,37). Тие две реченици, според мене, ја сочинуваат целата теологија на Мајка Тереза. Денес тоа е уште поочигледно доколку се соочиме со сè поголемиот расчекор меѓу богатите и сиромашните, а особено во оваа ситуација на пандемија, во судирот паѓа вредноста и општата конфузија на прашањето: Што да се прави за човекот? Нејзиниот животен модел е навистина порака за наше време.

Во деновите на св. Мајка Тереза имаме Акција – Љубов на дело, каде нашите волонтери во организација на Македонски Каритас ги посетуваат ранливите категории на луѓе охрабрувајќи ги со утешен духовен збор и телесна поткрепа.

Оваа година од програмата ќе отпадне културниот дел и самата процесија заради ситуацијата од Ковид 19, додека на самиот ден 5 септември во 18 часот ќе се слави  Понтификална света Миса строго придржувајќи се на мерките донесени од надлежните власти. При оваа пригода ги поканувам сите почитувачи на Мајка Тереза да ни се приклучат на прославата.

к.мк/Фото: Томас Шуман

Категорија: Вести, Македонија

За авторот