Иван Павле I прогласен за блажен

Иван Павле I прогласен за блажен

„Ова го бара од нас Исус: Живејте го Евангелието и ќе го живеете животот, не половично, туку целосно. Живејте го Евангелието, живејте го животот без компромиси“. Токму така живееше новиот блажен Иван Павле I, љубејќи до крај. Следејќи го примерот на Исус, тој беше кроток и понизен пастир, кој се сметаше за „прав на кој Бог удостоил да пишува“. Ова го истакна папата Фрањо на евхаристиско славање во недела 4 септмеври 2022 година, на плоштадот Свети Петар, на кое беше прогласен за блажен Албино Лучијани, „насмеаниот Папа“.

Меѓу мноштвото народ на дождливиот плоштад Свети Петар, Светиот Отец во својата проповед се осврна на „непривлечниот и многу напорен говор“ во Евангелието за неделната Литургија, кој Господ го упатува на оние што го следат. Имено, Исус во евангелието истакнува дека не може да биде негов ученик оној кој не го сака повеќе од оние што му се драги, кој не го носи неговиот крст, кој не се одвојува од земните добра.

Најпрво, објасни Папата, Исус го следи мноштво народ, кои веројатно биле воодушевени од неговите зборови и од она што го правеше – во него гледале надеж за својата иднина. За разлика од лукавите водачи кои забележуваат дека нивната харизма привлекува, кои ветуваат дека ќе бидат „спасители“, додека всушност сакаат да им угодат на луѓето што е можно повеќе и да ја зголемат нивната моќ, Исус сепак постапува поинаку.

„Тој не ги искористува нашите потреби, никогаш не ги искористува нашите слабости за да биде Тој поголем“.

Зошто го следиме Господ?

Кај Исус нема култ на бројки, не бара одобрување, не е идолопоклоник на личниот успех. Тој дури изгледа и загрижен кога луѓето го следат со еуфорија и површно воодушевување. Наместо да се предаде на шармот на популарноста, тој бара од сите да ги разгледаат причините поради кои го следат и последиците кои ги носи сето тоа, рече Светиот Отец.

Човек може да го следи Господа од различни причини, забележа Светиот Отец, а некои се световни, мора да признаеме.

„Зад совршениот религиозен изглед може да се крие чисто задоволување на сопствените потреби, потрагата по личен престиж, желбата за одредена позиција, да се држат работите под контрола, желбата да се заземе простор и да се добијат привилегии, желбата да се добие признание и друго. Ова се случува меѓу христијаните денес. Но, тоа не е Исусовиот начин. И тоа не може да биде стил на учениците и на Црквата“.

Љубовта се црпи од Распнатиот

Да се следи Господ не значи да се влезе во палата или да се учествува во победничка поворка, па дури и да се добие сигурност во овој живот, нагласи Папата. Напротив, тоа значи да се носи крстот – како Исус, да се преземат своите и туѓите бремиња, својот живот да биде дар, трошејќи го во наследувањето на великодушната и милосрдна љубов, која Тој ја има кон нас. Тоа се избори, продолжи тој, кои ја вклучуваат севкупноста на постоењето; затоа Исус сака ученикот да не претпоставува ништо за таа љубов, дури ни чувствата што ги имаме кон нашите сакани и најголемото добро.

Но, за тоа е потребно да се потпреме повеќе на Него отколку на себе, да научиме да љубиме, да црпиме љубов од Распнатиот. Како што рече папата Лучијани, потсети Светиот Отец, „ние сме предмет на неминливата Божја љубов“.

„Гледајќи го Распнатиот, повикани сме на височините на таа љубов: да се очистиме од нашите искривени идеи за Бога и нашата затвореност, да го сакаме него и другите, во Црквата и општеството, дури и оние кои не размислуваат како нас, дури и нашите непријатели“.

Да љубиш: дури и да е како жртвата на крстот, тишина, недоразбирање, осаменост, воздржаност и прогонство, нагласи Папата, повторно цитирајќи го блажениот Лучијани кој рече дека ако сакаш да го бакнеш распнатиот Исус, „треба да се наведнеш под крстот и да дозволиш да те боцнат некои трње од круната што е на главата Господова“.

Да се живее животот во потполност

Ако од страв да не се изгубиме себеси, се откажеме да се даруваме, ги оставаме работите недовршени: односите, работата, задачите што ни се доверени, соништата, дури и верата, нагласи Папата. Така, на крајот, живееме половично: не ризикуваме за доброто, не се посветуваме вистински на другите.

Но Исус нѐ повикува да го живееме Евангелието и така ќе го живееме животот во потполност. Живеј го Евангелието, живеј живот без компромиси, истакна Папата и додаде дека токму така живеел новиот блажен на Црквата.

Црква со насмеано лице, како Лучијани

Папата Лучијани со насмевка можеше да ја пренесе Божјата добрина, се присети Светиот Отец.

„Убава е Црквата со среќно, светло и насмеано лице, Црква која никогаш не ги затвора своите врати, која не ги огорчува срцата, која не лелека и не негува чувствата на гнев, Црква која не е лута и нетолерантна, не намрштена и вообразена, не страда од носталгија за минатото, паѓајќи во заостанатост. (итал. „indietrismo)“

Својата проповед папата Фрањо ја заврши со охрабрување до верниците да бараат застапништво од тој „отец и брат“, да измоли за нас „насмевка на душата“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот