Зошто Го барате Живиот меѓу мртвите

Кога тонеш во понорот на темнината, бесмисленоста, празнината, а каменот на гревовите се повеќе ти ја затвора душата, блеснува светлината на надежта, се појавува „човек во бела облека“ кој ќе ти каже зошто ја барате радоста и среќата во празниот гроб: „Зошто Го барате Живиот меѓу мртвите“?

Вистинската радост и среќа може да ја донесе само Христос Воскреснатиот, само треба да го побараме, да Му веруваме, да Му дозволиме да го освои нашето срце.  Често трчаме за признанието на светот, за првите места, но Христос Воскреснатиот нè ослободува од човечката слава и признание, и ни ја дадва вистинската слава на вечниот живот, затоа што тој ја почувствува „царската круна“ исплетена од најдлабоки човечки слабости и гревови. Нè подигнува од задоволството на страста, издигањето на горделивоста, гневот на љубомората, незадоволството од животот затоа што Тој ја вкуси земјата, паѓајќи трипати под крстот.

Остануваме да плачеме пред минливите работи на светот, заради нивна краткотрајна радост која ни ја нудат, мислејќи дека сè сме загубиле, да се свртиме кон вечната радост, а вечната радост е животот со Бог.

Плашејќи се да не ја изгубиме својата удобност, пријатност, односно, држејќи се цврсто за тоа што ни се допаѓа, сакаме да ги прифаќаме и избираме само полесните патишта, не дозволувајќи Му на Исус да допре во нашата волја, во нашите планови, во нашите животи. Но Исус Воскреснатиот нè научи со целата Своја сила да го прегрнеме секојдневието и сите проблеми и тешкотии кои што ги носи со себе за да можеме постојано да Му кажуваме „ДА“ Господи.

И на крајот, вистинското засолниште од бурите на светот можеме да го најдеме кај Пресвета Богородица, затоа што и Таа заедно со Исус ја почувствува болката на крстот, а Христос кога беше во најголемата осаменост и напуштеност ни ја даде за наша Мајка, Таа е Мајка која се грижи за своите деца.

к.мк/Пишува: Данче Ичева

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцјата на Католици.мк

За авторот