За некрстените денови

За некрстените денови

Сигурно сте слушнале за некрстени денови. Токму според народниот фолклор и обичаи деновите од Божиќ до Богојавление се сметаат за такви. Па така овие денови ќе можете да прочитате текстови низ нашите портали со ваква или слична содржина: Од Божиќ па сѐ до Богојавление на 19 јануари низ народот се вели дека тераат т.н. некрстени денови и во нив треба да бидете многу внимателни што правите.

Станува збор за верување според кое во ова време од годината, кога Исус сѐ уште не бил крстен, земјата била отворена мртвите да излегуваат, а заедно со нив ѓаволите и другите демони. Денови кога по земјата шетаат духови, лоши сили и демони: караконџоли, тарамбаба, гревогазец, ѓаволица, чума и колера. И водите тогаш се нечисти, опседнати со лоши духови. Водата во овие некрстени денови е леунка, вели народот, крстот е врзан, немоќен, нема сила да ги протера духовите.

Овие нечесни сили владеат од моментот на стемнување, па до моментот на разденување. Поради тоа во народот се верува дека во овој период не треба да се излегува навечер, а ако баш мора со себе да се носи лук, крст или некој остар предмет. Се верувало дека во некрстените денови не се преде, не се ткае и не се пере. Надвор пак не се остава ништо бело, а посебно не детска облека, бидејќи злите сили би можеле да им наштетат на децата.

Ја забележавте противречноста? Крстот е врзан, немоќен, нема сила да ги протера духовите, а неколку реда подолу пак ако се излегува навечер со себе мора да се земе лук или крст. Па ако крстот е врзан и немоќен зошто тогаш треба да го земаме?! Но, Зарем некој може да го врзи крстот Христов? Зарем некој има поголема сила од Него, од оној кој ја победи смртта?

Меѓу ова има и верувања дека овие денови не се оди на гробишта, не се прави панахида, парастос….

Кога ова го велиме, дали тоа значи дека не треба да се молиме, впрочем панахидата е молитва на Црквата за душите на покојните? А секој христијанин секој ден и повеќе пати во денот треба да се моли, па и за душите на покојните. А што ако некој почине во овој период, ќе чекаме да поминат некрстените денови? Што ако некој, кој е во животна опасност сака да се крсти? Што со оние кои имаат потреба од благослов и молитва? Ќе чекаме да поминат некрстените денови?

Според ова верување Исус е роден на Божиќ, а дванаесет дена покасно е крстен во водите јордански. Но Светото Писмо ни потврдува дека Исус е крстен кога имал околу триесет години (сп. Лука 3,23), па затоа не можат овие дванаесет денови да се наречат некрстени, па ако некој сака навистина да го означи периодот во кој тој не бил крстен, тој период би бил околу 30 години.

Во Црквата и за Црквата не постојат некрстени денови, Христос никогаш не ја губи својата власт, сила и моќ над демонските сили, осветената вода и понатаму ги дава своите благодати, Крстот Христов останува да биде сила за христијаните, молитвата и понатаму ја има својата смисла и моќ.

Но тука мораме да направиме разлика помеѓу обичаите и верата. Секако дека овие обичаи се од корист за народниот фолклор и народната традиција, но мора да се нагласи дека нема никаква поврзаност со верата Христова.

Почитувајте и чувајте ја традицијата, обичаите, фолклорот, но не отфрлајте и не поганете ја верата Христова.

о. Гоце Костов

Категорија: Вера, Колумни

За авторот