За канонизацијата на света Мајка Тереза

Интервју на монс. Стојанов за списанието Благовест за канонизацијата на света Мајка Тереза

Превозвишени, на почетокот на нашиот краток разговор претставете им ја на нашите читатели заедницата Мисионерки на љубовта во Скопје…

Денес во светот сигурно меѓу најпознатите се Мисионерките на љубовта, ред кој го основаше Мајка Тереза. Општо познато е дека тој ред е во служба на најсиромашните меѓу сиромашните. Потсетувам дека блажена Мајка Тереза го посети својот роден град Скопје четири пати. Четвртиот пат во 1986 година отвори куќа на Мисионерките на љубовта и во својот роден град. Куќата се наоѓа во населбата Кисела Вода и моментално во неа живеат четири сестри. Како што ви е познато монахињите одат таму каде што ги испраќаат. Сегашните сестрите во Скопје се од Индија, Африка, Италија и Албанија. Нивната харизма – служење на сиромашните овде во Скопје е видлива и јасно прифатена. Водат грижа за напуштените деца, држат веронаука во парохијата, помагаат на сиромашните и делат топли оброци. Нивното присуство е видливо, посебно и затоа што својот литургиски живот го живеат така што еднаш неделно во својата куќа се на света Литургија, еднаш неделно во светилиштето Мајка Тереза – Спомен куќата, а другите денови во катедралата. Самото тоа одење низ градот ги прави сведоци на присуството на Мајка Тереза во нашиот град. Не треба да се истакнува дека сите луѓе без разлика на народноста и верата ги сретнуваат со почит и љубов. Со еден збор благодарен сум му на Бог што Мисионерките на љубовта ја сведочат таа харизма и во нашиот град, така стануваат знак кој со силата на присуството веќе го навестуваат она што веќесе знае Мисионерките на љубота.

На 4 септември ќе биде прогласена за света Мајка Тереза основателката на редот Мисионерки на љубовта. Тоа ќе биде голем настан, не само за Црквата, туку и пошироко. Многумина ја сметаат за најголема жена на дваесетиот век заради нејзиното великодушно и несебично дарување во љубовта кон најсиромашниот слој луѓе. Со какви чувства се подготвувате за тој настан внатре во вашата бискупија?

Секој светец кога Црквата го прогласува и го воздигнува на олтарот за да се чествува и наследува е општо богатство за светот. Светците се луѓе кои Католичката црква во секое време и на секој добронамерен човек може да им ги понуди како пример за наследување. Имате право Мајка Тереза е една од најголемите жени на дваесетиот век и повеќе од многу други со своето служење и посветеност го предупреди човештвото за едно од најтешките прашања кое го тишти модерното човештво, а тоа е грижата за најсиромашните. Земјата е наш заеднички дом и од Создателот сите сме повикани во живот и имаме право да го живееме животот на достоен човек. За жал тоа често се заборава, а Мајка Тереза го открива повторно и повторно основното послание на христијанството, а тоа е да се живее за малите, оние во потреба, грешните и отфрлените. Тоа јасно ни го сведочи и папата Фрањо посебно во оваа Година на милосрдието. Се остваруваат Исусовите зборови „како што и Синот Човечки не дојде да Му служат, туку дојде да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина“ (Мт 20, 28). Така Мајка Тереза на свој начин најдобро го приближила Исус на луѓето. Кога ме прашувате со какви чувства се подготвуваме за тој настан тогаш тоа најпрво е голема благодарност до Бог што можеме да бидеме современици и сведоци на таква големина на нашата сограѓанка како Мајка Тереза. Најпрво сме благодарни, јасно е дека сме и горди и како христијани и како народ. Таа е родена во Скопје и првата верска формација ја прима овде. Знаеме од искуство дека првите чекори во верата никогаш не се забораваат. Таа секогаш ќе остане – барем за нас – Тереза од Скопје. Конечно со оваа канонизација добиваме голема заштитничка и застапничка и сакаме да ја чествуваме уште повеќе отколку до сега и што е најважно секој на свој начин да го наследува примерот кој таа ни го покажа. Во суштина тоа е почитување на светците, а на посебен начин кога може да се говори „за нашата светица.“

Голема свеченост се подготвува и во Скопје од каде што поттекнува идната светица. Дали можете нешто повеќе да ни кажете за самиот настан во Скопје?

Не само што е обичај туку на свој начин е и обврска таков настан да има примарен одек во градот и државата од каде што потекнува новата светица. Нашата обврска кон неа како Црква е и на надворешен начин да споменеме за тој настан. Тоа обично се нарекува Татковинска прослава. Би го ставил тежиштето на она што ние како Црква го правиме. Јасно дека тоа е во соработка со сите институции и државата Македонија. Што се однесува до црковниот дел веќе на 5 септември започнува т.н. „Духовни денови на света Мајка Тереза. Секој ден ќе има средби од духовен и молитвен карактер, како што тоа сме го правеле и порано „Секој петти во месецот“ како заветен ден на Мајка Тереза. Но, што е разбирливо ова сега е подигнато на повисоко ниво и во тие програми ќе учествуваат и институциите како Академијата на науките и уметностите, поедини факултети и други хуманитарни институции. Сите тие се вклучуваат со надлежните министерства кои учествуваат во тие денови. Во недела на 11 септември е свечената Евхаристија во чест за благодарност за дарот на канонизација на Мајка Тереза во центарот на градот Скопје, со учество на предводникот на славењето Папскиот делегат, наши епископи, клерот, нашите верници и гости. Како и прогласувањето на светилиштето на Мајка Тереза во Скопје, а целата таа надворешна прослава е под високо покровителство на Претседателот на Република Македонија. За нас е најважно и морам да истакнам дека сите врати на кои тропнав се отворија и секој сакаше од своето подрачје да даде придонес за Татковинската прослава за да биде оваа канонизација што подостоинствена и што е јасна порака дека го цениме и ние верниците и сите луѓе со добра волја ликот и делото на Мајка Тереза.

Која порака денес ни ја испраќа оваа жена мисионерка на љубовта која со толку љубов го живееше токму мулосрдието?

Мотото на Годината на милосрдието е познато: Бидете милосрдни како Отецот. Мајка Тереза тоа милосрдие го овоплотила до таа мерка што ја нарекуваат со право Мајка на сиромашните. Нејзината порака денес е повеќе од било кога актуелна затоа што е овоплотена љубов, Љубов не со зборови и јазик, туку љубов на дело и вистина. Кога би сакале само да ја кажеме нејзината порака во неколку мисли тогаш сигурно е дека Годината на милосрдието не завршува на празникот Христос Цар, туку за сите христијани како послание трае цел живот. Таа љубов на Мајка Тереза која е одговор на Христовиот крик „Жеден сум“ треба постојано да одекнува во нашите срца и таа Христова жед да ја задоволиме со секој чин на ефикасна љубов, без ограничувања како што таа правела, затоа што животот е љубов.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Македонија

За авторот