За задушница!

За задушница!

На гробишта не носи кафиња и ракија, не пали цигари. Гробиштата не се кафана, туку место за молитва и воскресение.

Во животот човек прави многу работи, па меѓу нив има и добри и зли. Секој ден, секој човек е во секојдневна борба и избира помеѓу доброто и злото. А кога човек ќе почине, завршува сè, престанува таа борба и се сумираат резултатите од животот. А во резултатите ние немаме увид, не можеме да ги видиме, па затоа и не знаеме скоро ништо за состојбата на душата на покојниот. Затоа има смисла да се моли за покојните, всушност ние молиме од Господ за милосрдие, да го прими во царството Божјо. Ако пак веќе нашиот покоен е во општеството на светците, нашата молитва и нашите дела на милосрдие Господ ќе ги прими за оние кои имаат најмногу потреба.

Постојат работи со кои можеме да им помогнеме на покојните души, а тоа се молитвата и милосрдието.

Кога зборуваме за молитва за покојните, најголема молитва и извор на христијанскиот живот е Светата Евхаристија, чин каде се соединуваат небото и земјата, земската Црква со небесната. Затоа е потребно да побараме и дадеме на Црквата да се служи света Литургија за душите на нашите ближни покојни и да присуствуваме на нив. Причестувајќи се пак, секако претходно исповедани, се соединуваме со Телото и Крвта Христова еден со друг, но и со општеството на небесната Црква. Колку пати во годината давам да се служи света Литургија за моите блиски покојни!? Секоја задушна сабота во црквите се служи света Литургија за душите на покојните, а вие дали сте присуствувале на една таква света Литургија?

Кога зборуваме за покојните и посетата на гробишта не зборуваме само за палење на свеќа на нивните гробови, туку палењето свеќа претпоставува и да се помолиме за душата на покојниот. Кога одиме на гробишта дали вршиме одредени ритуали или навистина смирено застануваме да се помолиме за нивните души? Или посетата на гробишта поминува само со палење свеќа, без молитва, во брзање, како адет и ритуал, за кои и самите можеби не знаете што значат.

Како се грижиш за гробот на покојниот? Тој треба да е скромен и достоинствен, постојано да е уреден и чист, а посебно за задушница. И кога ќе појдеш на гробишта не брзај, земи си време, запали свеќа и помоли се. Не носи кафиња и ракија, не пали цигари. Гробиштата не се кафана, туку место за молитва и воскресение. Трпеливо чекај го свештеникот и заедно со него помолете се во името на Црквата за душата на покојниот. По можност, би било убаво да научете да одговарате на молитвата на свештеникот. Така таа молитва ќе биде и ваша.

А сега дозволете ми збор два и за милосрдието.

Порано, кога ќе починел некој, роднините ги дарувале оние кои биле во потреба, па како од своите блиски, така и од нив барале да се молат за душата на покојниот. Тоа се пренело и на помените за покојни. Од тука потекнува присуството на храна на гробиштата и раздавањето, но тоа биле некои поранешни времиња. Тогаш таа храна завршувала во вистински раце.

Но вие дали знаете зошто служи денешното носење храна на гробиштата? Што се случува со храната која ја оставате на гробовите? Или ќе се расипе и ќе направи ѓубре на гробот или ќе ја разнесат животни. Колку од тие т.н. ‘раздавки’, помешани кисело, благо, солено, сè заедно завршуваат во ѓубре?! И што има од тоа покојниот? Вие она што сте го намениле за милостиња, едноставно кажано сте го фрлиле. А фрлањето на леб, на храна, да не заборавиме е грев.

Зошто не побарате некој сиромашен, па според вашите можности одвреме – навреме да му помогнете со оброк, храна, облека, она што навистина му е потребно, за тоа не мора да чекате да дојде задушница. Може да го правите секој ден, а принесете го на Господа како милостина за душата на вашиот покоен.

И за крај. Преку молитвата и милосрдието може да се измоли од Бога спасение на човечката душа. Затоа да молиме и да правиме милосрдие во спомен на покојните, но кога го правиме тоа да го направиме барем како треба. Останете Христови.

о. Гоце Костов

 

Категорија: Колумни

За авторот