За бракот во Светото Писмо (втор дел)

За бракот во Светото Писмо (втор дел)

Бракот во Светото Писмо, во Исусовите очи и план

Исус и Стариот Завет

Исус вели дека не дошол да го укине Стариот Завет („Законот и Пророците“), туку да го исполни (Матеј 5, 17). Тој изрично ја потврдува вредноста на Божјите десет заповеди. На прашњето на богатото младо: „Учителу, што да правам за да имам живот вечен?“ (Матеј 19, 16), Исус му одговара да ги врши заповедите Божји. На прашањето на момчето: „Кои?“ Исус му ги упатува десетте заповеди, меѓу останатото и: „Не врши прељуба!“ (Матеј 19, 18)

Како покажува Исус што значи да се „исполни Законот“ во случај на прељуба? Во „Говорот на гората“ Тој вели: Сте слушале дека на старите им било речено: »Не прељубодејствувај! Јас, пак, ви велам дека секој што ќе погледне на жена со желба, тој веќе извршил прељуба со неа во срцето свое (Матеј 5, 27 – 28). Така, Тој укажува дека заповедта не забранува единствено лошите дела, туку и гревот во мислите, и онаа зло на кое се согласувам во своите мисли и во своето срце. „Оти од срцето излегуваат лоши помисли, убиства, прељубодејства, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули“ (Матеј 15, 19).

Исус за неразрешивоста на женидбата

Исус јасно и недвосмислено вели дека никако не е возможно да се прекине еднаш воспоставена брачна врска. Исусовите зборови за тоа, Евангелието ни го пренесува на четири различни места, еве од тие зборови: Кој ќе ја напушти својата жена и се ожени со друга, тој прељубодејствува спрема неа; а и жена, ако го напушти својот маж и се омажи за друг, прељубодејствува” (Марко 10, 11 – 12). „Секој, што ја остава жената своја и се жени со друга, прељубодејствува, и секој, што се жени со напуштена, прави прељуба“ (Лука 16, 18). „Речено било исто така: „Ако некој ја остави својата жена, нека ѝ даде развод. А Јас пак ви велам: секој што ќе ја остави својата жена, освен за прељуба, тој ја тера да прељубодејствува; и кој се ожени со така напуштена, тој прељубодејствува“ (Матеј 5, 31 – 32). „Јас, пак, ви велам: оној што ќе ја остави својата жена, освен поради прељуба, и се ожени со друга, тој прави прељуба; и оној, што ќе се ожени со напуштена, прељубодејствува” (Матеј 19, 9).

Позадината на прашањата за неразрешивоста на женидбата

Зошто на Исуса му било поставено прашање за развод и втор брак? Евангелието ни вели дека прашањето го поставиле фарисеите за „да го искушуваат“ (Матеј 19, 3 и Марко 10, 2). Што всушност прашале фарисеите? Не прашале дали е воопшто дозволено да се отпушти жена, Мојсеевиот закон тоа под одредени услови го толерирал. Акцентот на прашањето е на зборовите „поради која причина“. Така, ако Мојсеј дозволил да се отпушти жената, а не дефинирал како тоа може да се направи, во кои случаи тоа смее да се направи?

Бидејќи Мојсеј спомнува за отпуштањето на жената ако мажот „на нејзе најде срамна работа (5.Мој 24, 1), помеѓу еврејските учители на законите постоеле различни размислувања (толкувања) за тоа што би можело да биде тоа „срамна работа“. Строгата струја сметала дека тоа е прељуба која е потврдена со сведоци. Либералната пак струја држи до тоа дека може да се толкува пошироко, мажот може жената да ја отпушти практично „поради која било причина“. Тогаш, „срамна работа“ би можело да биде и тоа дека пронашол некоја поубава, па дури и ако на жената и загори ручекот.

Исусовиот одговор е целосно изненадувачки: наместо да одговори на прашањето поради кои причини може да се отпушти жената, Тој одговара дека тоа воопшто не е дозволено, никогаш, ниту од било која причина. Фарисеите затоа инсистираат и возвраќаат со прашањето зошто тогаш Мојсеј тоа го дозволил. Исусовите ученици уште повеќе биле изненадени поради Исусовите зборови па рекле: „Ако е таков долгот на човекот кон жената, тогаш не треба ни да се жени?” (Матеј 19, 10).

Исус околу причините за неразрешивоста на женидбата

Исус објаснува дека Мојсеј дозволил, поточно го толерирал раскинувањето „заради вашето жестоко срце“. (Марко 10, 5) Со други зборови, тоа е склоност кон гревот кој е последица на источниот грев. За да го објасниме во продолжение на првиот дел, Бог постепено го воспитувал својот народ и во таа постапка на воспитување привремено толерирал некои работи. Сепак, иако тогаш уште не се забранувало, и во Стариот Завет се осудува напуштањето на жената, па така пророк Малахија пишува: „Зар не го направи истото и еден друг, во кого имаше силен дух? А што направи тој? Тој сакаше да добие потомство од Бог. Па така, пазете го духот свој и никој да не ја изневерува жената од својата младост“ (Малахија 2, 15 – 16).

Одговарајќи на потсетувањето на фарисеите за Мојсеевото толерирање на разводот, Исус укажува дека тоа било привремено и нагласува дека „во почетокот не беше така“ (Матеј 19, 8). Така, Бог не го создал така човекот ниту го создал така бракот, тоа се противи на природата на човекот и на природата на бракот. Потоа Исус цитира текст од Книгата на Битие во Стариот Завет за кој кажавме во првиот дел: „Во почетокот на светот, пак, Бог ги создаде маж и жена. Затоа човек ќе го остави татка си и мајка си, и ќе се прилепи до жената своја, и обата ќе бидат едно тело; и така, тие веќе не се двајца, а едно тело. А Бог што составил, човек да не разделува.” (Марко 10, 6 – 9)

Што значи „поради блудство“?

Можеби некои ќе се збунат од реченицата „освен поради блудништво“? Значи ли тоа дека Исус наведува на услов под кој сепак е возможно да се раскине брачната врска? Не, никако не. Да зборувал за исклучокот во принципот на неразрешивоста на женидбата, ниту фарисеите ниту учениците не би биле запрепастени од Исусовиот одговор. Во тој случај сѐ ќе се сведеше на еден одговор кои би можеле да го очекуваат, како што претходно објаснивме. Што значи грчкиот збор porneia која во македонски превод е преведена како проституција (блудство)?

Таа се однесува на бракови кои по закон се недозволиви, најчесто бракови помеѓу блиски сродници. Тоа веќе уште во Стариот Завет било забрането: „Никој не смее да се доближува до сродниците по тело, за да ја открие голотијата нивна“ (3 Мојсеева. 18, 6). Така, овие зборови „освен поради блудство“, кои се спомнуваат еднаш во евангелието според Матеј, а не во Марко или Лука, ниту во посланијата, не се однесува на прекин на брачната врска, туку се однесува на прекин на врска која не е валиден брак и која ниту можела да биде валиден брак.

Женидбата и целибатот „поради Царството Небесно“

Зборувавме во првиот дел дека Светото Писмо зборува за природниот човеков повик на брак. Во Новиот Завет среќаваме и алтернатива, можност да не се копнее по остварувањето на бракот и семејството. Меѓутоа, овде не се работи за отфрлување на бракот како нешто што би било зло, туку за жртвување на едно добро поради друго. Исус вели дека тоа се прави „поради Царството небесно“. (Матеј 19, 12) Така, се работи за одрекување од бракот и семејството за да можеме да се посветиме на Бог до крај.

Чудото на свадбата во Кана Галилејска

Не е случајно што Исус на почетокот на своето јавно делување првото чудо го направил токму на свадба (Иван 2, 1 – 12). Прво треба да се запази дека овде не се работи за нечија тешка болест или смрт, туку само за непријатноста: „Немаат вино“. (Иван 2, 3). Така, Исус го направил првото чудо за да не биде расипана забавата на младиот брачен пар. Второ, Исус тоа го направил по застапништво на својата Мајка. Трето, Таа им рекла на слугите: „Што и да ви каже, направете!“ (Иван 2, 3) Се барала нивната вера дека Исус водата ќе ја претвори во вино. Да не била верата, ништо не би се случило.

Деца

Иако веќе на многу места во Стариот Завет е нагласено дека децата се благослов Божји, Исус и за тоа оди подлабоко. Кога неговите ученици ги спречувале децата да дојдат кај Него, „Исус негодуваше“ (Марко 10, 14) и им вели да не им пречат. На друго место вели: „Кој прими едно такво дете во Мое име, Мене Ме прима, а кој Ме прима Мене, не Мене Ме прима, туку Оној, Кој Ме пратил.“ (Марко 9, 37) Така, изедначувајќи го односот кон децата со односот кон Бог, Исус јасно вели дека децата се нешто највредно на овој свет.

Жена Врсна/к.мк

Категорија: Вера, Семејство

За авторот