Заштитата на децата во дигиталниот свет како светски приоритет

Заштитата на децата во дигиталниот свет како светски приоритет

На 6 октомври 2017 година, папата Фрањо се обрати до учесниците на меѓународниот симпозиум за „Достоинството на малолетниците во дигиталниот свет“ кој се одржува на Папскиот универзитет Грегоријана.

Во својот говор, Папата повика на ангажираност и одлучна соработка врз темелите на начелата изразени во Универзалната декларација за човековите права, Декларацијата за правата на детето, како и во другите документи. На децата им е потребно нашето почитување, но и нашата грижа и љубов за да можат да растат и да го постигнат својот целосен потенцијал – рече Светиот Отец.

Потсети дека Светото Писмо сведочи како Бог ги создаде машко и женско на својот образ и подобие, и тешко е да се пронајде посилна изјава за човековото достоинство. Понатаму, Евангелијата сведочат за Исусовиот однос кон децата, како ги зема во рацете и ги благословува, а исто така за оние кои ги соблазнувале има најостри зборови. Треба да работиме на заштитата на достоинството на малолетниците – рече Папата – спротивставувајќи се со целата своја сила на културата на отфрлањето која ги загрозува посебно слабите и најранливите, како малолетниците.

Светиот Отец рече дека живееме во нов свет – дигитален свет, а кој во само неколку децении го промени нашиот начин на живеење и комуницирање, па во одредена смисла и нашиот начин на размислување и живеење. Папата Фрањо рече дека тоа од една страна во нас предизивикува восхит, бидејќи ни се отвораат нови хоризонти, а од друга страна загриженост заради брзината на развојот и новите непредвидени проблеми како и негативните последици кои тие проблеми со себе ги повлекуваат.

Како претставници на различни научни дисциплини и подрачја на дигиталната комуникација, правото и политичкиот живот – продолжи Папата – се собравте токму затоа што ја сфаќате сериозноста на овие предизивици поврзани со научниот и техничкиот напредок. Се насочивте најверојатно на најважниот предизвик за иднината на човечкото семејство: заштитата на достоинството на малолетниците, на нивниот здрав развој, нивната радост и надеж.

Повеќе од 800 милиони малолетници имаат пристап на интернет, но што можат таму да пронајдат? – праша папата Фрањо. Можат да се сретна со вознемирувачките феномени како порнографијата која станува сѐ поекстремна, секстинг, виртуелно насилство, сексуално изнудување, а да не зборуваме за уште поужасните злосторства како што се онлајн трговија со луѓе и проституција.

Светиот Отец рече дека достапноста до интернет ги прави надзорот и соодветното управување исклучително тешки, а старата генерација е оставена на страна, збунета, и со тоа е отежнат меѓугенерацискиот дијалог и пренесувањето на правилата и мудростите стекнати со долгогодишното животно искуство. Но, не смееме да дозволиме да нè завладее стравот кој секогаш е лош советник, ниту да нè парализира чувството на беспомошност – истакна Папата – туку сме повикани да ги здружиме силите, сфаќајќи дека сме си потребни едни на други за да пронајдеме соодветни средства и пристапи кои се потребни за делотворни одговори. Папата Фрањо овде предупреди на три можни погрешни пристапи.

Првиот би бил да се потцени штетата кои тие феномени ја прават на младите, но напредокот на науката ни покажува колку длабоко насилните и провокативните слики можат да имаат влијание на чувствителните умови на децата и на нивното психолошко здравје. Вториот погрешен пристап би бил да се смета дека техничките решенија, кои за цел имаат да ги препознаат и да ги спречат тие слики, се доволни за борбата против тие проблеми. Таквите мерки се неопходни, но постои итна потреба сите вклучени да ги препознаат и одговорите на етичките прашања кои технолошкиот развој ги поставува.

Конечно, третиот погрешен пристап би била идеолошката и митолошката визија за интернетот како подрачја на неограничена слобода. И додека интернетот отвори нов простор за слободно изразување и размена на идеи и информации, понуди и нови начини за правење одвратни незаконски активности, вклучувајќи злоупотреба на малолетниците и престапи против нивното достоинство. Тоа нема никаква врска со уживањето на слободата, туку со злосторства против кои треба да се бориме паметно и одлучно, по пат на ширење на соработка помеѓу владите и безбедносните сили на глобално ниво.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот