Започна Јубилејот на милосрдието

Папата Фрањо на 8 декември славеше света Литургија на плоштадот Свети Петар при што ја отвори Светата врата на ватиканската базилика и со тоа во целата Црква започна Јубилејот на милосрдието.

Светиот Отец истакна дека празникот на Безгрешното зачнување на Пресвета Богородица ја изразува големината на Божјата љубов: Тој не само што простува гревови, туку во Марија ја спречува и изворната вина која секој човек ја носи при доаѓањето на светот. Љубовта Божја ни претходи, нè престигнува и нè спасува – нагласи Светиот Отец.

Толку едноставно, колку и симболично моќно дело кое го истакнува приматот на благодатта – така Папата ја нарече свеченоста за отварањето на светата врата извршено во присуство на повеќе од 70.000 верници, мноштво свештеници и епископи и Папата во мирување Бенедикт XVI кој прв после папата Фрањо помина низ Светата врата. Осврнувајќи се во проповедта на евангелскиот дел за навестувањето на Гаврил на Марија рече дека Девицата пред сè е повикана да се радува заради она што Господ и го направил. Таинството кое ја надминува секоја способност на разумот – како што се изрази папата Фрањо – станува за неа мотив за радост, вера и посветеност. Полнината на благодатта може да го преобрази срцето и да го направи подготвено за толку големо дело кое ќе ја промени историјата на човештвото.

Почетокот на историјата на гревот во Едемската градина се разрешува со планот на љубовта која спасува. Секогаш постои искушението за непослушност кое се изразува во желбата да се проектира својот живот независно од Божјата волја – рече папата Фрањо. Меѓутоа историјата на гревот се сфаќа само во светлото на љубовта која простува. Ако сè останато е предадено на гревот би биле најбедни меѓу созданијата. Меѓутоа ветувањето за победата на Христовата љубов сè завиткува во милосрдието на Отецот. Безгрешната Девица е привилегираниот сведок на тоа ветување како и на неговото извршување – рече Светиот Отец.

Вонредната година исто така е дар на милоста, а да се помине низ Светата врата значи да се открие длабочината на милосрдието на Отецот кое сè прифаќа и на секому лично оди во пресрет. Тој нас нè бара, Тој ни доаѓа во пресрет – нагласи Папата, посакувајќи Јубилејот да биде време за растење во верата во Божјото милосрдие. Колку е погрешно кон Бог и неговите милости – рече Светиот Отец – на прво место да истакнуваш дека Божјиот суд ги казнува гревовите, а претходно да не нагласиме дека во неговото милосрдие гревовите се простени.

Треба со милосрдието да се спротивставиме на осудата, а во секој случај Божјиот суд секогаш ќе биде во светло на неговото милосрдие – рече папата Фрањо. Посака преминот низ Светата врата да нè направи учесници на тоа таинство на љубовта и нежноста. „Да го напуштиме секој облик на страв и стравувања затоа што тие не се согласуваат со човек кој е љубен. Наместо тоа да уживаме во радоста на средбата со милоста која сè преобразува – рече Папата.

Папата исто така потсети на „врата која соборските оци ја отвориле кон светот“ пред педесет години. Педесетгодишнината од Вториот ватикански собор не е важна само заради богатството на документите, туку затоа што Соборот – според зборовите на папата Фрањо – бил „вистинска средба на Црквата и луѓето од нашето време“; средба која ја поттикнала Црквата да излезе од плиткото во која била многу време затворена самата во себе“, за „со ентузијазам повторно да појде по мисионерскиот пат.“

Тоа би било продолжување на одењето во пресрет на секој таму каде што живее – рече Папата, објаснувајќи: Таму каде што е еден човек Црквата е повикана да појде и да ја донесе радоста на Евангелието; да го донесе Божјото милосрдие и простување. Затоа Папата во годишнината од Соборот препознава „мисионерски залет“ што е на нас со истата сила и ентузијазам повторно да го фатиме.

„Јубилејот нè поттикнува на таа отвореност и нè обврзува“ – продолжи – „да не го занемариме духот кој произлегол од Вториот ватикански собор, духот на самарјанинот како што потсети блажен Павле VI на крајот од Соборот. Да се помине денес преку Светата врата е поттик да го посвоиме милосрдието на добриот Самарјанин“ – заврши Светиот Отец.

РВ/к.мк/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот