Започна Караванот Католици.мк во соработка со Светлина и Радио Ватикан

Со света Литургија во парохиската црква Свети Иван Крстител – Струмица на 2 април 2016 година започна Караванот Католици.мк во соработка со Светлина, христијанско списание и Радио Ватикан, македонска програма. Литургијата ја предводеше деканот на Деканатот „Свети Кирил и Методиј“ при Апостолскиот егзархат во Македонија, о. д-р Зоран И. Стојанов, во сослужение на о. Гоце Костов, о. Илија Стојанов и о. Ванчо Назов. По завршувањето на Литургија следуваше презентацијата за работата на Католици.мк, Радио Ватикан и Светлина.

На самиот почеток о. Гоце Костов истакна дека Караванот Католици.мк се организира со благослов на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија. Покрај тоа што зборуваше за почетоците и оствареното на Католици.мк. ги презентира и понатамошните планови за развој на страницата. При тоа беше истакната соработката со Радио Ватикан – македонска програма, како и за соработката со останати медиуми во земјата и светот. Потенцирана е волонтерската работа на страницата и истовремено повика нови волонтери од парохијата, кои ќе си го најдат своето послание во Католици.мк.

Отец д-р Зоран И. Стојанов, зборуваше за 21 година Светлина, за почетоците, како и за поттикот кој го даваат верниците и читателите за да продолжи да излегува и понатаму.

Отец Ванчо Назов зборуваше за формирање клуб на пријатели на Католици.мк, преку кој ќе се помага работата на Католици.мк.

Од името на волонтерите пред присутните се обрати м-р Данче Ичева, која го сподели своето повеќегодишно волонтерско искуство во Католици.мк при што истакна дека „предизвикот Католици.мк значи да влезеш во „различни градови и села“, во различни домови и срца, да излезеш по раскрсниците и улиците и да говориш дека ‘се приближи Царството небесно’.“

Караванот Католици.мк во соработка со Светлина, христијанско списание и Радио Ватикан, македонска програма во наредниот период ќе ги посетат парохиите од Апостолскиот егзархат во Македонија и Скопска бискупија презентирајќи ја работата н а овие медиуми.

к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Македонија

За авторот