Заедништво во духовните добра

Kатехеза на папата Фрањо на Генералната аудиенција во среда 6 ноември 2013

Драги браќа и сестри добар ден!

Мината среда зборував за општеството на светите, сфатено како заедништво меѓу светите лица односно меѓу нас верниците. Денеска ќе го продлабочам вториот аспект на таа стварност т.е. заедништвото во светите работи, во духовните добра. Тие две аспекти се меѓусебно тесно поврзани, имено заедништвото меѓу крстените расте со учеството во духовните добра. Посебно ќе ги разгледаме Светите Тајни, каризмите и љубовта (сп. Катехизам на Католичката Црква бр. 949-953) Ние растеме во единството, во заедништвото со Светите Тајни, со каризмите кои на секому од нас му се дадени од Светиот Дух, па и со љубовта.

Прво е заедништвото на Светите Тајни. Светите Тајни го изразуваат и остваруваат вистинското и длабоко заедништво меѓу нас, бидејќи во нив Го сретнуваме Христос Спасителот и, преку Него, нашите браќа во верата. Светите Тајни не се илузии, не се обреди, Светите Тајни се Христова сила; во Светите Тајни присутен е Исус Христос. Кога славиме Света Литургија живиот Исус е Тој кој нè собира, прави од нас заедница, дава да се поклонуваме на Отецот. Имено, секој од нас, преку  крштението, миропомазанието и евхаристијата,  со телото се соединува со Христос и е поврзан со целата заедница на верните. Затоа, ако од една страна Црквата ги „врши“ Светите Тајни, од друга страна Светите Тајни ја „прават“ Црквата, ја градат, раѓајќи нови деца, придружувајќи ги на Божјиот свет народ, зацврстувајќи ја нивната припадност.

Секоја средба со Христос, Кој во Светите Тајни ни дава спасение, нè повикува да „појдеме“ и да го пренесуваме на другите спасението кое сме можеле да го видиме, допреме, сретнеме, прифатиме и кое е навистина веродостојно, бидејќи е љубов. На тој начин, Светите Тајни силно нè поттикнуваат да бидеме мисионери, а апостолскиот жар да се донесе евангелието во сите средини, па и во најнепријателските, претставува најавтентичен плод на ревносен светотаинствен живот, бидејќи тоа е соучество во Божјата иницијатива за спасение, која сака на сите да им го дарува спасението. Милоста на Светите Тајни ја јакне во нас силната и радосна вера, вера која знае да се чуди на Божјите „убавини“ и знае да се спротивстави на идолите на светот. Затоа е важно примањето на Светата Причест, важно е децата рано да се крстат, да го примат миропомазанието, бидејќи Светите Тајни се присутност на Исус Христос во нас, една присутност која ни помага. Важно е, кога се чувствуваме грешни, да пристапиме на Света Исповед. Некој можеби ќе рече: „Но јас се плашам, бидејќи свештеникот сигурно ќе ми одржи лекција“. Не, свештеникот нема да ти одржи лекција. Знаеш ли кого ќе сретнеш во Светата Исповед? Ќе го сретнеш Исус Христос кој ти опростува! Исус е Тој Кој таму те чека; и тоа е Света Тајна која ѝ помага на целата Црква да расте.

Втор аспект на заедништвото во светите работи е заедништвото на каризмата. Светиот Дух им поделува на верниците изобилство на дарови и духовни милости; тоа „бајковно“ богатство од дарови на Светиот Дух има за цел изградување на Црквата. Значи тие не се даваат на корист на оној кој ги прима, туку на корист на Божјиот народ. Ако, меѓутоа, некоја каризма служи за самопотврдување, со право може да се сомнева во тоа дека станува збор за вистинска каризма или дека каризмата е верно живеена. Што се имено каризмите? Тоа се посебни милости, кои им се дадени на поединци да прават добро на другите. Тоа се дарови, вдахновенија и внатрешни поттикнувања кои се раѓаат во свеста и искуството на одредени личности, кои се повикани да ги стават во служба на заедницата. Тие духовни дарови, на посебен начин, се во корист на Црквата и нејзиното послание. Сите се повикани да ги почитуваат во нас и во другите, прифаќајќи ги како корисни поттици за присутноста и плодното делување на Црквата. Свети Павле опоменува: „Не гаснете Го Духот“ (1 Сол 5,19). Да не Го гасиме Духот Кој ни ги дава тие дарови, тие способности, тие толку убави крепости кои даваат Црквата да расте.

Кој е нашиот став спрема тие дарови на Светиот Дух? Дали сме свесни дека Духот Божји е слободен да ги даде кому сака? Дали ги гледаме како духовна помош, со која Господ ја подржува нашата вера и Го јакне нашето послание во светот?

Така доаѓаме до третиот аспект на заедништвото во светите работи, т.е. заедништвото на љубовта, единството меѓу нас кое создава љубов, милосрдие. Гледајќи ги првите христијани, паганите говореле: гледај само како се љубат, како се сакаат! Не се мразат, не се озоборуваат едни со други. Тоа е љубов, Божја љубов која Светиот Дух ни ја става во срцето. Каризмите се важни во животот на христијанската заедница, меѓутоа секогаш се средства кои ни служат за растење во милосрдието, љубовта, која свети Павле ја става над сите каризми (сп. 1 Кор 13,1-13). Без љубовта и најпосебните дарови се залудни; овој оздравува луѓе,овој има истакнати особини, овој овие крепости… но дали има ли љубов и милосрдие во неговото срце? Ако има тогаш добро, но ако нема не служи на Црквата. Без љубов сите тие дарови и каризми не служат на Црквата, бидејќи таму каде нема љубов таму е празнина исполнета со себичност. И се прашувам: ако сме сите себични, можеме ли да живееме во заедништво и во мир? Не можеме, и поради тоа е неопходна љубовта која не соединува. И најмалото од нашите дела на љубов има добри ефекти за сите! Поради тоа, да се живее единството во Црквата и заедништвото на љубовта значи да не се бара сопствената корист, туку да се дели трпението и радоста на браќата (сп. 1 Кор 12,26), подготвени да го носиме бремето на најслабите и најсиромашните. Таа братска солидарност не е реторичка фигура, начин на изразување, туку е составен дел на заедништвото меѓу христијаните. Ако ја живееме, ние сме во светот знак, „света тајна“ на Божјата љубов. Тоа сме едни за други и тоа сме за сите! Не станува збор само за онаа љубов која можеме еден на друг да си ја пружиме, станува збор за нешто подлабоко: тоа е заедништвото кое нè оспособува да влеземе во радоста и болката на другите како искрено би ги направиле свои.

И често сме премногу апатични, рамнодушни, одвоени и наместо да го пренесуваме братството, ние пренесуваме зловолја, тмурност, студенило, себичност. А со зловолја, студенило, себичност не може да се постигне Црквата да расте; Црквата расте само со љубовта која доаѓа од Светиот Дух. Господ нè повикува да се отвориме за заедништво со Него, во Светите Тајни, во каризмите и во љубовта, за да можеме достојно да го живееме својот христијански повик.

Си дозволувам сега да ве замолам за едно дело на љубов: не грижете се, нема да се собира милостиња! Пред да дојдам на Плоштадот отидов да посетам едно тешко болно девојче на возраст од една и пол година. Нејзината мајка и татко се молеа на Господ за здравје на тоа убаво девојче. Се вика Ноеми. Се смееше кутрата! Да направиме едно дело на љубов. Ние не ја познаваме, но девојчето е крстено, една од нас, христијанка. Да направиме дело на љубов за неа и во тишина да го замолиме Господ да ѝ помогне во овој момент и да ѝ подари здравје. Да застанеме кратко во тишина, а потоа ќе измолиме Радувај се Маријо. А сега сите заедно да го молиме Господ за здравје на Ноеми: Радувај се Маријо… Ви благодарам за тоа дело на љубовта!

Превод: С.С.

Категорија: Ватикан

За авторот