Заедничката декларација на папата Фрањо и Екуменскиот патријарх

По завршувањето на божествената Литургија, Папата и Екуменскиот патријарх се искачија за Екуменски благослов на вториот кат од резиденцијата на Патријархот, а потоа во салата на „Престолот“ следуваше читање и потпис на „Заедничката декларација“, во која Папата и Патријархот го потрвдија ангажирањето за единство на христијаните и го упатија својот апел за мир на Блискиот Исток и Украина.

Папата Фрањо и патријархот Вартоломеј покажаа решителна волја „со љубов и доверба заедно да ги надминат сите пречки, кои сѐ уште ја делат Црквата. Ја изразуваме нашата искрена и решителна намера дека ние, послушни на волјата на нашиот Господ Исус Христос, ќе ги зајакнеме напорите за промовирање на целосното единство меѓу сите христијани, особено меѓу католиците и православните“ – стои во заедничката декларација.

При тоа потврдена е и поддршката за теолошкиот дијалог кој го води Меѓународната мешовита комисија, дискутирајќи за „најтешките прашања кои ја одбележаа историјата“ на двете Цркви и на која ѝ е потребно „внимателно и длабоко проучување“. Во декларацијата повикани се верниците заедно да го молат Исус „за да бидат сите едно и да поверува светот“ (сп. Ив 17, 21). Патријархот Димитриос и свети Иван Павле II пред 35 години ја формираа Мешовитата теолошка комисија.

Светиот Отец и Патријархот изразија „заедничка загриженост за ситуацијата во Ирак, Сирија и на целиот Блиски Исток“, така што и двајцата се обединети „во желбата за мир и стабилност како и во одлучувањето по пат на дијалог и помирување да се решат конфликтите.“ Ги повикаа одговорните за судбината на луѓето да ја зголемат подршката на заедниците кои страдат и да им овозможат, вклучувајќи ги и католичките заедници, да останат во земјите каде што се родени.

Не можеме да се помириме во Блискиот Исток да нема христијани, кои на овие простори две илјади години го исповедуваат Исусовото име. Многу наши браќа и сестри се прогонети и принудени да ги напуштат своите домови. Тоа изгледа како да се изгубила вредноста на човечкиот живот и дека човечката личност повеќе нема важност и може да биде жртвувана за други интереси. А сето тоа трагично се одвива пред рамнодушноста на сите – се вели во декларацијата.

Во декларацијата е истакната вредноста на екуменското страдање. Како што крвта на мачениците беше семе за силата и плодноста на Црквата, споделувањето на секојдневните страдања исто така може да биде ефективна алатка за единството. Ужасната ситуација на христијаните и сите оние кои страдаат на Блискиот Исток бара постојана молитва и соодветен одговор од стана на меѓународната заедница – се вели во декларацијата.

Потврдена е важноста за „промовирање на поттикнатиот дијалог со исламот, заснован на взаемниот почит и пријателство. Инспирирани од заедничките вредности и зајакнати од искрените братски чувства, муслиманите и христијаните се повикани заедно да поработат од љубов кон правдата, мирот и почитувањето на достоинството и правата на секој човек, особено во регионите каде што тие со векови мирно живееле, а сега заедно страдаат заради ужасите на војните – стои во декларацијата, а Папата и Патријархот воедно ги поттикнуваат „сите верски лидери уште повеќе да го зајакнат меѓурелигискиот дијалог и со сите сили да ја изградат културата на мирот и на солидарноста меѓу луѓето и меѓу народите.

Декларацијата завршува со апел за мир во Украина, „земја со древна христијанска традиција“, а зажарените страни да бараат „пат преку дијалог и почитување на меѓународното право со што би се завршил конфликтот и сите Украинци би живееле во хармонија“.

РВ/к.мк/З.А.

Категорија: Ватикан

За авторот