Заедницата на Свети Егидиј предлага отворање хуманитарни коридори за бегалци

Жално е да се потврди дека Европа и целата меѓународна заедница не успеваат да го запрат исчезнувањето на цели семејства во Средоземното море.

Наместо несогласувања околу должноста за прифаќање на бегалците или подигнување на ѕидови за одбрана од наводната навала, треба што побргу да се интервенира за бројот на жртвите да не заличи на извештај од некое боиште, на кое се борат очајници, кои се криви што се имаат родено во земји каде владее насилство и глад, стои во соопштението на Заедницата на Свети Егидиј.

Невладината организација упати силен апел да не се навикнуваме на дневниот извештај за морските крвопролевања. Со цел, избегнување на животната опасност на морските патишта, Заедницата предлага отворање хуманитарни коридори од Африка и Блискиот Исток, како и издавање на дозволи за престој поради хуманитарни причини.

Истовремено со сите расположливи средства со помош на меѓународната заедница треба да се унапредат преговорите за да се постигнат локални прекини на огнот во државите кои се зафатени од судирите, почнувајќи од државите кои се најмногу вклучени во кризните подрачја. Ги потсетуваме сите дека бегалците не се вистинскиот проблем, туку војните поради кои тие бегаат од држави како што е Сирија во која сѐ потешко па дури и невозможно е да се живее, стои во соопштението.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Свет

За авторот