Завршна порака на Епископската Синода посветена на семејството: Брачната љубов е едно од најубавите чуда

На вонредната Синода посветена на семејството на 18 октомври, претпладнето прифатена е завршната порака. Документот упатен до сите семејства во светот, а посебно на христијанските содржи и апел до институциите да се залагаат за правата на семејството и потсетува на размислувањето посветено на примањето на светите Тајни од страна на разведените кои се повторно во нов цивилен брак.

Брачната љубов, единствена и неразрешлива, која трае и покрај многуте потешкотии е едно од најубавите чуда, се вели во завршната порака на вонредната Синода посветена на семејството, која во салата беше прочитана од страна на кардиналот Џанфранко Равази, претседател на комисијата за подготовка на пораката и Рајмондо Дамашено Асис, полномоштен претседател, заедно со специјалниот секретар на Синодата монсињор Бруно Форте.

Заблагодарувајќи се пред сѐ за верноста, верата, надежта и љубовта која семејствата му ја даваат на светот, во првиот дел од документот се зборува за живата и слоевитата стварност во која живеат семејствата како и за светлото и сенките на големите предизвици и драматичните искушенија, таму каде и злото и гревот се вовлечени меѓу куќните ѕидови.

Што се однесува до предизвиците, пораката на прво место ја истакнува брачната верност, ставена на тешко искушение поради индивидуализмот, слабеењето на верата и секојдневната гужва, кои можат да предизвикаат брачни кризи со кои се соочува без истрајност, без опростување, без взаемно помирување, без жртви. Од неуспешните бракови, стои понатаму во документот, настануваат нови врски, нови парови, нови заедници и нови бракови, создавајќи така, за христијаните, слоевити и проблематични ситуации.

Меѓу останатите предизвици, во пораката спомнат е инвалидитетот на децата, болестите, староста, смртта на саканите личности, финансиските потешкотии предизвикани од изопачените системи и обожавањето на парите кои го понижуваат достоинството на личностите.

Во текстот на документот понатаму се зборува за невработените родители кои се немоќни пред најосновните потреби на семејствата и за младите кои можат да станат жртви на дрогата и криминалот. Сенки се гледаат и над сиромашните семејства, бегалците, прогонуваните поради верата, погодените од војната и суровото измачување врз жените жртви на насилство и трговија, над децата жртви на измачување дури и од страна на оние кои требало да ги штитат.

Во пораката поради тоа се упатува силен апел до владите и меѓународните организации, за заедничкото добро да се залагаат за правата на семејството. Црквата, куќа што е секогаш отворена за прифаќање, не исклучува никого, стои во текстот во кој потоа се изразува благодарност до сите пастири, верници и заедници кои работат во душогрижништвото на семејствата.

Синодскиот документ, меѓутоа, не ја заборава светлоста која блеска во бројните семејства, светлина што доаѓа од рамноправната и взаемна средба меѓу сопружниците, во која секој му се отвора на другиот, иако и понатаму останува тоа што е. Затоа, важно е да се истакне веридбата и подготовката за бракот, кој познава и сексуалност, нежност и убавина кои го надминуваат времето. Бидејќи љубовта по својата природа, се истакнува во документот, тежнее кон тоа да биде вечна.

Брачната љубов се проширува преку плодноста и генеративноста, а тие не можат да бидат разбрани само како прокреација, туку и како дар на Божјиот живот во крштевањето на децата, воспитувањето преку катехезата, како и во способноста за дарување на чувства и вредности и кон оној кој не може да раѓа.

Во пораката, освен тоа, се истакнува и важноста од заедничка молитва во семејството како мала духовна оаза, како и воспитувањето во верата и светоста, задачи што често, со многу љубов и посветување, ги извршуваат дедовците и бабите. Од таа страна, семејството како вистинска „куќна Црква“, може да изрази љубов и близина кон последните, маргинализираните, сиромашните, осамените, болните и странците.

Што се однесува пак до неделната евхаристија, кога семејството седнува на Господовата трпеза, документот потсетува дека во текот на првиот дел од синодалниот пат се размислуваше за пасторалното придружување на разведените кои се во нов цивилен брак.

На крајот од пораката, соединувајќи се со Светото назаретско Семејство, синодалните отци упатија молитва кон Бог Отец во пресрет на Епископската синода која ќе се одржи 2015 година, а ќе биде, исто така, посветена на семејството. Повикот до Бог на Синодата за семејствата, е да им подари на сите присутност на силни и мудри вереници, млади и храбри за трајно и верно обврзување и Црква што е сѐ повеќе верна и веродостојна за свет што е способен да ја сака вистината, праведноста и милосрдието.

РВ/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот