Животот на Богородица е сведоштво дека Бог не разочарува

Светиот Отец на 11 јули попладне од главниот град на Парагвај Асунсион замина во маријанското светилиште посветено на Безгрешното зачнување во местото Какупе каде што се почитува Богородица од чудата и таму служеше света Литургија.

Пред мноштвото собрани пред базиликата Светиот Отец на почетокот на проповедта истакна дека светилиштето е дом на сите верници. Тоа е место на славење, средба, место за семејството; светилиштето е место во кое ги донесуваме своите потреби, во кое доаѓаме да се заблагодариме и да побараме прошка за да почнеме од почеток. Затоа, како да не препознаеме дека маријанското светилиште во Какупе е животно дело на парагвајскиот народ? – праша папата Фрањо.

Осврнувајќи се потоа на прочитаниот дел од Евангелието, во кое се говори за навестувањето на Ангелот на Марија кој и вели: Радувај се, благодатна, Господ е со тебе, Папата напомена дека Марија во тој момент не сфаќала што се случува, но сфатила дека тоа доаѓа од Бог и го кажала своето „да“. „Да“ на Божјиот сон, „да“ на Божјиот план, „да“ на Божјата волја. Тоа „да“ не било ниту малку лесно да се живее, бидејќи не овозможувало привилегии, туку тоа било – како што и кажал старецеот Симеон – меч кој ќе и ја прободе душата – рече Светиот Отец и се осврна на трите тешки моменти од животот на Марија.

Првиот е Исусовото раѓање. Немале дом во кој би можеле да го примат својот Син, туку единствено место на располагање била шталата на животните. Во сеќавањето на Марија сигурно одекнувале зборовите на ангелот: Радувај се Маријо, Господ е со тебе. И би можела да се прашува: Каде е Тој сега? – рече Папата.

Вториот тежок момент било бегството во Египет. Морале да појдат во бегство и тоа не само заради тоа што немало место за нив, туку и нивниот живот бил во опасност. Морале да тргнат на пат и да отидат во непозната земја. Станале мигранти заради алчноста и лакомоста на царот. И тогаш Марија би можела да се запраша: Каде е Оној за кој ми зборуваше ангелот?

И на крајот смртта на крстот. Ја гледаме Марија во подножјето на крстот, постојана како секоја мајка како го следи својот Син сѐ до крајноста, смртта на крстот. А подоцна како ги поддржува учениците и ги држи соединети.

Да го гледаме нејзиниот живот и да се чувствуваме сфтени – истакна Папата. Можеме да се поистоветиме со неа во бројните моменти од нејзиниот живот. Можеме да и ги раскажеме своите настани бидејќи таа ги разбира – рече Папата и истакна – Таа е жена на верата, таа е Мајка на Црквата, поверувала. Нејзиниот живот е сведоштво дека Бог не разочарува, не го напушта својот народ иако има моменти во кои ни изгледа дека Го нема. Таа била првата ученичка која го следела својот Син и ја поддржувала надежта на апостолите во тешките моменти.

Спомнувајќи дека ова го знаеме од Евангелието, но знаеме исто така дека таа е Мајка која беше со нас во бројните тешки ситуации, Папата истакна дека всушност тоа светилиште љубоморно го чува споменот на народот кој знае дека Марија е Мајка и дека останува со своите деца и тоа секогаш со ненаметливо и тивко присуство. На некои слики, медалки или пак во бројаницата знаеме дека не сме сами – истакна Папата. Бидејќи – додаде – Марија сакаше да остане среде својот народ, со своите деца, со своите семејства, секогаш следејќи го Исуса заедно со мноштвото. Нејзиниот повик е постојан и упорен: направете сè што ќе ви каже. Таа нема своја програма, не ни зборува ништо ново, единствено нејзината вера ја следи нашата.

Папата потоа посебно се обрати на жените и мајките во Парагвај кои – како што рече – храбро и скромно знаеле да ја подигнат пропаднатата земја уништена од војната. Вие добро паметите, имате генетско наследство од оние кои го обновиле животот, верата и достоинството на вашиот народ. Проживеавте како Марија многу тешки моменти кои според некоја општа логика би биле спротивни на секоја вера. Меѓутоа вие сте како Марија поттикнати и поддржани од нејзиниот пример и понатаму верувате иако „без никаква основа за надеж“ (Рим 4,18)

Кога изгледаше како сè да се руши заедно со Марија сте зборувале: „Да не се плашиме, Господ е со нас, со нашиот народ, со нашите семејства, да го правиме она што Он ни го кажа. И во тоа тогаш сте пронашле и денес пронаоѓате сила ова земја да не заврши во хаос – истакна Папата и на крајот ги повика сите да ги чуваат сеќавањата, да не ги заборават корените, бројните сведоштва и понатаму да ја носат верата која станала живот, животот кој станал надеж и надежта која нè води да предничиме во љубовта. Како Исус да имаме водство во љубовта. Бидете вие тие кои ја донесуваат таа вера, тој живот и таа надеж – поттикна на крајот папата Фрањо и го обнови чинот на посветување на Парагвај на Безгрешното зачнување кој го направил свети Иван Павле II по повод посетата на таа земја во 1988 година..

РВ/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот