Епископот Стојанов служеше Света Архиерејска Литургија по повод патрониот празник на парохијата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица

Епископот Стојанов служеше Света Архиерејска Литургија по повод патрониот празник на парохијата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица

На 7 јули 2021 година, по повод патрониот празник на парохијата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица, Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов служеше Света Архиерејска Литургија во сослужение со парохот и директор на Радио Марија о. Гоце Костов, протоереј ставрофор о. д-р Зоран Стојанов, парох и декан, протоереј стафрофор о. Георги Трајков, катедрален парох, протоереј ставрофор о. Марјан Ристов, канцелар, парохискиот викар о. Атанас Сирачев и останатите свештеници од Струмичко-скопската епархија. На Светата Литургија присуствува сестрите Евхаристинки и голем број верници од повеќе парохии.

Во својата проповед Неговото Преосвештенство зборувајќи за празникот рече: Ако било кој празник на некој светител заслужува да биде празник на семејниот живот, тогаш тоа е овој празник, бидејќи свети Иван е единствениот светец чијшто земски роденден го слави Црквата, додека во сите други случаи го слави денот на смртта како роденден за небо. Она што го прави Црквата е исто така сосема логично, бидејќи никој од нас не е заслужен затоа што се родил, никој од нас не е роден затоа што тоа самиот го посакал. Затоа денес го славиме празникот на раѓањето на свети Иван, но во суштина ова е празник на верата на Захарија и Елисавета што го донесоа на свет. И не само тоа: ова е празник на нивната благодарност до семоќниот Бог, Создател и Отец, Бог на животот. Исто така, ова е празник на милостивиот Бог кој дава живот и кој ги благословува луѓето со живот, кој го упатува својот повик на отвореност кон животот, свеста дека животот е дар на кој човекот не треба да му создава пречки. Прашањето: „Што ли ќе стане од тоа дете“, да не биде болно и грчевито прашање, туку прашање кое ќе биде отворено за Божјите достигнувања, за да може одговорот да биде: Ќе биде светец Божји, претходник и сведок на Христос Господ во денешниот свет – истакна епископот Стојанов.

Радио Марија емитуваше директен пренос од Светата Архиерејска Литургија, а на крајот од свеченоста во дворот на црквата следуваше агапе организирано од црковниот одбор и верниците.

Категорија: Вести, Македонија

За авторот