Екуменска и меѓурелигиска средба на папата Фрањо со младите

Екуменска и меѓурелигиска средба на папата Фрањо со младите

Екуменската и меѓурелигиска средба на папата Фрањо со младите се одржа во дворот на Пасторалниот центар во Скопје. Во придружба на Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх, монс. Стојанов Светиот Отец беше пречекан од неколку млади, кои му искажаа добредојде со леб и сол.

На средбата Светиот Отец може да слушне три сведоштва.

Првото сведоштво го даде младиот мешан брачен пар, Драган и Марија Георгиевски, од кој Драган е католик, а Марија православна, при што истакнаа: Свети Оче, ние сме Драган и Марија, преведувачи по англиски, чешки и шпански јазик. Нашата љубов ја започнавме во универзитетските клупи пред 11 години, а ја крунисавме со црковен брак во 2017 година во Католичката црква како двајца христијани – католик и православна.

Охрабрени од Вашата посета на Сараево во 2015 година бракот го склопивме по 9-годишно заедничко живеење, засновано на правилата на предбрачна чистота. Откако стапивме во брак ги доживуваме благодатите на оваа Света Тајна и чувствуваме дека во нашата љубов е присутна небесна помош. И покрај тоа што околината нè убедуваше дека после толку години заеднички живот, а уште и деца на разведени родители, бракот е само потпис, ние доживуваме вистински пресврт во градење на нашето заедништво. Почнавме заедно да се молиме, имаме поголемо разбирање меѓу нас, а особено за другите околу нас. Чувствуваме дека секој ден е Божје чудо во нашите животи. Нашето искуство со задоволство го споделуваме со помладите и со нашата генерација за да и во нив се роди свесноста за љубовта кон Бога и ближниот. Се надеваме на Божјата провидност за да добиеме поколение. Имаме заеднички сили за да се соочиме со предизвиците на денешниот свет, но созреваме и како поединци кои не се плашат од нови работи во животот.

Свети Оче, Сè повеќе млади се разделени меѓу виртуелното и реалното, бараат совети на интернетски форуми, наместо да се свртат за помош кон своите семејства и Црквата. Присутен е страв за да се избере и одлучи засекогаш. Може ли од Вас да побараме збор на охрабрување и поддршка во животниот избор?

Второ сведоштво даде Лиридона Сума од муслиманска вероисповед која рече: Јас сум муслиманка и повеќе пати имав можност со моите пријатели христијани да доживеам длабоки и силни мигови на заедништво. Овие мигови секогаш ме исполнуваат со вистинска радост и мир. Ова ми овозможи подобро и подлабоко да ги запознаам не само другите, туку и себе и својата традиција. Мислам дека ние, верниците кои веруваме во единиот Милосрден Бог можеме заедно да му пружиме надеж на уморниот свет. Сонувам свет во кој ќе владеат искрени и отворени односи меѓу поединците и заедниците, меѓу народите и верите.

Дали премногу сонувам? Може ли младите христијани и муслимани заедно да работиме за општото добро?

Последното и трето сведоштво го даде Божанка Ристова, католик, загрижена за ислеувањето од Македонија се обрати до Светиот Отец со следните зборови: Ние младите сакаме авантури и не привлекуваат нови и непознати патишта, неозначени патеки. Но сепак, значителен број на наши врсници во потрагата по смислата на животот и љубовта, се губат и паѓаат во ропство на зависностите: алкохолот, коцкањето, дури и на современата технологија.

Освен тоа cведоци сме на сѐ помасовно заминување на младите во странство барајќи подобар живот т.е. поплатена работа.

Јас студирам медицина и со самото тоа моментално вратите кон западна Европа мене ми се ширум отворени. Јас сакам да останам овде покрај мојата фамилија  бидејќи само така можам да влијаам на менување на она што не ми се допаѓа овде и  квадратниот метар околу мене да го направам подобро место за живеење. Како е можно да се даде  на млади смисла дека вреди да се бориме за нашето општество во кое сме се родиле, во кое сме пораснале и покрај недостатоците кои ги чувстуваме?

После овие прекрасни сведоштва до младите се обрати Светиот Отец и неговото обраќање го пренесуваме во целост:

Драги пријатели, одржувањето на овие средби е секогаш причина за радост и надеж. Ви благодарам што направивте тоа да биде воможно и ми ја подаривте оваа шанса. Ви благодарам од срце за вашиот танц и вашите прашања. Ги имав добиено и ми беа познати, па, така, и подготвив неколку одговори за оваа средба.

Ќе започнам од последниот (како што велеше Бог, последните ќе бидат први). Лиридона, по споделувањето со нас на твоите аспирации, ме прашуваш: „Премногу ли сонувам?“. Едно многу убаво прашање, на кое би сакал заедно да одговориме. Според вас, Лиридона сонува ли многу?

Би сакал да ви кажам: да се сонува никогаш не е доста. Еден од основните проблеми денес, а и на многу млади, претставува губењето на способноста за сонување. Ниту многу, ниту малку, едноставно не сонуваат. Па, така, кога една личност не сонува тоа место станува окупирано од жалењето и откажувањето. Таквите да ги оставиме на оние што ја следат „божицата на жалењето“! Тоа е измама: те води во погрешен правец. Кога сè изгледа застанато и во стагнација, кога личните проблеми нè вознемируваат, и кога социјалните проблеми не ги наоѓаат потребните одговори, не е добро да се откажеме“ (Постсинодална езортација Christus vivit, 141). Поради тоа, драга Лиридона, драги пријатели, никогаш, ама баш никогаш не е премногу да се сонува.  Пробајте да помислите на вашите најголеми соништа, на оние што се налик на сонот на Лиридона – се сеќавате ли на такви? : да се даде надеж на еден уморен свет, заедно со ближните, христијани и муслимани. Секако, без двоумење тоа претставува еден многу убав сон. Таа не мислеше на мали нешта, „на приземни нешта“, туку сонува наголемо.

Пред неколку месеци, заедно со еден пријател, Големиот Имам на Ал Азар Ахмед Ал Тајеб, имавме, исто така, и ние еден многу сличен сон на твојот, сон кој нè понесе да сакаме да се потрудиме и да потпишеме заедно еден документ што вели дека верата треба да нè поттикне нас верниците да гледаме во другите браќа кои треба да ги поддржиме и сакаме без да бидеме изманипулирани од ситни интереси (Documento sulla fratellanza umana, Абу Даби, 4 февруари, 2019). Не постои погодна возраст за сонување… Сонувајте, и сонувајте наголемо!

Тоа ме поттикнува да помислам на она што ни го рече Божанка: дека на вас младите ви се допаѓаат авантурите. И задоволен сум што е тоа така, бидејќи тоа е убав начин да се биде млад: да се живее авантура, една добра авантура. Младиот нема страв да направи од сопствениот живот една добра авантура. Ве прашувам: која авантура бара повеќе храброст од оној сон кој ни го сподели Лиридона, да се даде надеж на еден уморен свет? Светот е уморен, светот е поделен и изгледа дека е корисно да се поделува и да нè поделува уште повеќе. Колку силно звучат Божјите зборови: „Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји! (Мт 5,9)! Постои ли поголем адреналин од тоа секојдневно да се труди, со посветеност, да се биде занаетчии на соништа, занаетчии на надеж? Соништата ни помагаат да ја задржиме жива сигурноста за свесноста дека е возможен еден друг свет и дека сме повикани да бидеме вклучени во истиот и да бидеме дел од него со нашата работа, со нашиот труд и нашето делување.

Во оваа земја постои една убава традиција, онаа на занаетчиите каменорезачи, способни да го обработуваат каменот. Еве, треба да се прави како тие уметници и да се стане добри каменорезачи на сопствените соништа. Еден каменорезач го зема каменот во своите раце и полека започнува да му дава форма и да го трансформира, со посветеност и настојување, посебно со една голема желба да се види како тој камен, за кој никој не би дал нешто, станува уметничко дело.

„Најголемите соништа се реализираат со надеж, смиреност и труд, одрекувајќи се од брзањето. Истовремено, не треба да се блокира поради несигурност, не треба да се има страв да се ризикува и да се погреши. Повеќе треба да се плашиме од парализиран живот, како живи мртовци, сведени на субјекти кои не живеат бидејќи не сакаат да ризикуваат, бидејќи не ги водат напред нивните залагања или имаат страв од грешка. И да погрешиш, можеш секогаш повторно да ја подигнеш главата и да почнеш од почеток, бидејќи никој нема право да ти ја украде надежта“ (Christus vivit, 142). Немајте страв да станете занаетчии на сништа и надеж.

„Вистина е дека ние членовите на Црквата не треба да бидеме чудни типови. Сите треба да нè чувствуваат за браќа и блиски, како Апостолите, кои ја имаа за себе „поддршката на целиот народ“ (Дела 2,47; 4,21.33). Но, истовремено, треба да имаме храброст да бидеме различни, да покажуваме други сништа кои светот не ги нуди, да ја сведочиме убавината на великодушноста, на служењето, на чистотата, на цврстината, на простувањето, на верноста во сопствениот позив, на молитвата, на борбата за правда и општото добро, на љубовта кон сиромашните, на социјалното пријателство“(ibid., 36).

Помислете на Мајка Тереза: кога живееше овде не можеше да замисли каков ќе биде нејзиниот живот, но не престана да сонува и да се труди секогаш да бара да го открие лицето на нејзината голема љубов, Исус, во сите оние што беа на улица. Таа сонуваше наголемо и поради тоа и љубеше наголемо. Ги имаше нозете добро засадени овде, во својата земја, но не стоеше со скрстени раце. Сакаше да биде „молив во Божјите раце“. Еве го нејзиниот занаетчиски сон. Му го понуди на Бог, веруваше, страдаше, никогаш не се откажа. Така, Бог почна да пишува со тој молив необјавени и прекрасни страници.

Секој еден од вас, како Мајка Тереза, е повикан да работи со сопствените раце, сериозно да го сфати животот, за да направи од него нешто убаво. Да не дозволиме да ни ги украдат сништата (ibid., 17), да не се одрекнеме од новоста која Господ сака да ни ја подари. Ќе се сретнете со многу непредвидливи нешта, многу…, но важно е да можете да се соочите со нив и да барате како креативно да ги претворите во можност. Никогаш сами; никој не може да се бори сам. Како што ни посведочија Драган и Марија: „нашето заедништво ни дава сила за соочување со предизвиците на современото општество“.

Еве една прекрасна тајна за сонување и за претварање на нашиот живот во една убава авантура. Никој не може да се соочи со животот на изолиран начин, не може да се живее верата, соништата без заедница, само во сопственото срце или дома, затворени и изолирани меѓу четири ѕида, има потреба од една заедница која нè поддржува, која ни помага и во која си помагаме меѓусебно во гледањето напред.

Колку е важно да се сонува заедно! Како што правите денес: овде, сите заедно, без граници. Ве молам, сонувајте заедно, не сами; со другите, никогаш против другите. Сами се ризикува да се има фатаморгани, поради кои го гледаш она што не постои; заедно се градат сништа.

Драган и Марија ни рекоа како тоа резултира тешко кога сè изгледа како да не изолира и да не лишува од можноста за средба. Низ годините кои ги имам (а не се малку, знаете ли која е најдобрата лекција што ја видов и научив во целиот мој живот? Тоа е „лице во лице“. Влезени сме во ерата на врските, но малку знаеме да комуницираме. Многу поврзани , а малку вклучени едни со други. Бидејќи вклученоста бара живот, вклучува да се биде и да се споделува убави моменти…, но и моменти не толку убави. На Синодата посветена на младите минатата година, можевме да го живееме искуството на среќавање „лице во лице“, млади и помалку млади, и да се слушаме, да сонуваме заедно, да гледаме напред со надеж и благодарност. Тоа беше најдобриот противотров против обесхрабрувањето и манипулацијата, против културата на минливото (краткотрајното) и на лажните пророци кои објавуваат само непогоди и уништување: да слушаме и да си се слушаме. И дозволете ми да ви кажам нешто што го чувствувам при срце: дозволете си можност за споделување и ужување во едно добро „лице во лице“ со сите, но пред сè со вашите баби и дедовци, со старите лица од вашата заедница. Некој можеби веќе и ме има слушнато, но мислам дека тоа е еден противотров против сите оние кои сакаат да ве затворат во сегашноста давејќи ве и задушувувајќи ве со притисоци и потреби за една провидна среќа, каде изгледа дека светот завршува и треба да се живее сè веднаш. Сето тоа раѓа своевремено многу нервоза, незадоволство и откажување. За едно болно срце на откажување не постои подобар лек од слушањето на искуствата на постарите.

Пријатели, посветете време на вашите старци, со вашите постари, слушајте ги нивните долги раскажувања, кои некојпат изгледаат и богати со фантазија, но, всушност, полни се со драгоцено искуство, со елоквентни симболи и со скриена мудрост за откривање и вреднување. Тоа се приказни кои бараат време (Christus vivit, 195). Да не ја заборавиме приказната за џуџето кое може да види подалеку наоѓајќи се подалеку од рамениците на еден џин. На тој начин ќе одимате една визија која досега сте ја немале. Влезете во мудроста на вашиот народ, на вашите луѓе, без срам и без комплекси, и ќе најдете еден извор на неочекувана креативност која ќе исполни сè, која ќе ви дозволи да ги видите патиштата каде другите гледаат ѕидови, можност каде другите гледаат опасност, воскреснување каде другите објавуваат смрт.

Ви благодарам драги млади за оваа средба. Во вашите сведоштва и прашања среќавам грижи, соништа, потрага, сето тоа како еден плоден терен за правење на големи нешта во вашиот живот. Ми дава голема надеж тоа што гледам млади кои ги отстрануваат претходно залепените етикети и не ги поднесуваат повеќе поделбите од минатото и сегашноста, и одат над тоа; млади кои не ја прифаќаат логиката на отфрлениот и влегуваат во игра; млади кои посветуваат време на служење на сиромасите, на одбрана на човечкиот живот, на истакнување на семејството; млади кои не се откажуваат пред корупцијата и се борат за законитоста; млади кои го гледаат заедничкиот дом заболен и се залагаат за да го направат што почист. Така, драги пријатели, сте занаетчии на надеж.

И кога соништата се намалуваат и срцето изгледа како да се гаси, барајте некоја заедница, земете ја во свои раце и сетете се дека има Некој што ве сака живи (cfr ibid., 1).

Нека Милосрдниот и Трпеливиот – како што го повикуваат често нашите браќа и сестри муслимани – ве засили и направи сето она што го сонувате во вашето срце да можете да го претворате од ден на ден со сите ваши раце.

Пред да завршиме да ја измолиме заедно оваа молитва на Мајка Тереза, за оваа сигурност да влезе во срцата на сите нас и да може секогаш да стане живот.

Средбата заврши со молитва до света Мајка Тереза и апостолски благослов.

За авторот