Еврозија и Франческо

Еврозија и Франческо

Кога мајката на Еврозија ја замолила да се грижи за браќата и за сестрите, најмалиот од нив, Франческо, имал само 4 години. Неговата мила сестра целосно ја заменила неговата болна мајка и ниту за миг не се оддалечувала од својот мал брат.

Така Франческо напредувал, се развивал умствено и телесно под грижливото око на својата сакана сестра. Годините минувале незабележливо и дошло време Франческо да се запише во колеџот Скарнафиџи, каде што неговите двајца браќа, поголемиот брат Јосиф и Мелхиор, го завршиле средното образование. Тогаш тој имал девет години. Но, по една година Франческо морал да се врати во родниот град Торино за да го продолжи образованието во една од градските гимназии.

Во тоа време Христина веќе имала четиринаесет години, а помалата сестра Наталија влегувала во дванаесеттата година. И двете сестри, иако не биле на иста возраст, биле сериозни девојчиња, за кои Еврозија немало потреба да посветува посебни грижи, бидејќи сами оделе по патот на добродетелта. Еврозија како најстара сестра требала да му помага на татка си во трговските работи, при што Франческо бил оставен сам да се развива слушајќи ја својата совест.

Додека таа помагала во работата на нејзиниот татко, Франческо растел и наполнил петнаесет години. Кога родителите виделе дека нивниот најмал син пораснал до критичната возраст во која човечкото срце ги развива своите способности, склоноста, која го придружува човекот дури до гроб, одлучиле да посветат поголемо внимание на неговото воспитување. Пред сè, тие сакале да го оддалечат од лошите другари, кои влијаеле опасно врз нежната душа на една млада личност која штотуку зачекорила во животот. Нежните, добри родители биле свесни дека во еден голем град како Торино никогаш нема да недостасуваат лоши примери и многу страдале заради мислата дека нивниот Венјамин може да се најде во средина која може да влијае лошо врз неговото срце.

Важната мисија 

Еден празничен ден, Петар и Катерина сакале да си позборуваат насамо, додека Еврозија, Франческо и Наталија излегле на прошетка низ околината на градот. Сопругот изјавил дека за Јосиф и Мелхиор нема никакви грижи, бидејќи биле на сигурно место во манастирот, исто така и за Христина и Наталија

Првата била веќе на деветнаесетгодишна, а втората на седумнаесетгодишна возраст. Притоа Христина веќе била во манастирот на Сакраментинките и не само што немала потреба од родителите, туку со нејзините молитви можела да им помага на тешкиот пат низ животот. Наталија останала кај родителите, се покажала како вредна домаќинка и немала време за ситни и опасни забави.

 – Сите мои грижи се свртени кон Франческо – изјавил Петар Алоати. Ова момче има добри склоности, но ѓаволот не спие во еден така голем град како Торино. По темпераментот Франческо е жив и бистар, а ние не можеме да го држиме постојано затворен дома. Момчето има потреба и од забави, но треба да се погрижиме тие да бидат пристојни и безопасни за неговата душа. Катерина, знаеш ли што сум замислил? Да му дадеме на Франческо еден другар кој ќе го води насекаде за време додека е слободен од училиштето. Јас мислам, дека подобар другар нема да најдеме од Еврозија. Се согласувам да вложам повеќе труд во дуќанот, да земам дури и помошник, а да ја оставам нашата најстара ќерка слободна, за да може насекаде да го придружува својот брат. Колку што гледам и знам, тие многу добро се согласуваат и нема да му биде непријатно на момчето да има таков другар. Катерина, дали се согласуваш?

– Да, Петре – одговорила мајката – таква мисла се врти и во мојата глава. Еврозија, најдобро ќе ја исполни оваа мисија, а Наталија целосно може да ја замени во домаќинството. Другите наши деца Јосиф, Мелхиор и Христина веќе се на сигурни пристаништа во манастирите.

Вечерта кога Еврозија, Наталија и Франческо се вратиле дома, таткото им ја соопштил одлуката која ја донел за другарството меѓу Еврозија и Франческо. Младото момче било воодушевено од ова, претходно ѝ се заблагодарило на својата мила сестра за грижите што ќе ги посвети за него. И така, кон крајот на 1883 година, Еврозија и Франческо станале неразделни. Младото момче не познавало други другари, освен својата сестра. Тие биле заедно секогаш и ги посетувале оние места што еден христијанин може да ги посети без опасност за неговата душа.  

Ангелот чувар

Еврозија сето свое време му го посветувала на своето братче и заедно со него посетувала цркви, музеи и друго. Заедно оделе на долги излети и присуствувале во заедничките игри: заедно читале забавни книги, заедно слушале проповеди и музика. Еврозија се покажала и како искусен познавач на уметноста. На својот брат му ја објаснувала убавината на уметничките дела. Таа за сè што правела барала совет од својот духовник, а честопати се советувала и со својата мајка, со својот вујко, кој бил свештеник и со други лица, кои ѝ вдахнувале доверба.

Еден ден Еврозија и Франческо, пристојно облечени се шетале низ градот. Во тој миг по улицата поминала една нејзина пријателка и член на друштвото Мариини девојки, задолжена да ги надгледува. Без да се срами Еврозија ја поздравила својата пријателка.

Следниот ден сосема неочекувано Еврозија била повикана во парохискиот дом на црквата Свети Тома. Парохискиот свештеник, кој бил и директор на Мариините девојки, ја дочекал љубезно и ја прашал:

– Госпоѓице, кажете ми, дали сте Мариина девојка или ќерка на светот?

– Оче, зошто ме прашувате такви работи? Вие знаете дека јас сум само Мариина девојка и никогаш нема да бидам друга.

– Да, но изгледа дека вие често излегувате на прошетка со едно момче.

 – Оче, навистина, сето тоа е точно, но момчето е мојот брат, најмалиот од сите тројца.

– Тој е ваш брат?

– Да, оче, мој брат.

– Не верувам, госпоѓице Еврозија.

– Тогаш прашајте го вујко ми, тој е свештеник и секој ден служи света Литургија во црквата Света Тереза. Ве молам прашајте го и тој ќе ви ја каже вистината.

– Ќе го прашам, госпоѓице, но сакам да ми ветите дека веќе нема да излегувате со тоа момче. Инаку ќе бидам принуден…

– Оче, Ве разбирам што сакате да ми кажете, но јас не можам да Ви ветам такво нешто, зошто мојот духовник Отец Х… кој Вие многу добро го познавате, ме задолжи да го правам ова добро дело кон мојот брат, за да не оди со лоши другари.

– Госпоѓице Еврозија, тоа се обични извинувања, а јас сакам да ми дадете поинакво ветување.

– Не можам да Ви ветам такво нешто, почитуван оче, бидејќи тоа го забранува мојата совест и советот на мојот духовник. Подготвена сум дури да го вратам медалјонот на Мариините девојки, кого го сакам како моите очи.

7 Со Божја помош, јас ќе се трудам да бидам секогаш добра ќерка на Марија, дури и да не бидам член на Мариините девојки.

Знам дека Пресвета Богородица повеќе ќе ме сака, ако го претрпам срамот да бидам исклучена од друштвото на Мариините девојки. Доволно е да се изврши едно добро дело за да ја чувам чиста душата на мојот сакан брат Франческо.

Откако свештеникот се уверил дека Еврозија зборува со целосна искреност на својата душа ѝ го дал медалјонот и рекол:

– Добро госпоѓице Еврозија. Јас ќе се распрашам и штом ќе ја дознаам целата вистина, повторно ќе се видиме…

Неколку дена потоа, директорот на Мариините девојки, придружен од нејзиниот вујко – свештеник ја посетил Еврозија дома и ѝ рекол:

– Извинете ќерко Еврозија, зашто Ве навредив. Вие сте во право. Одете по патот по кој сте тргнале. И никогаш не ја запоставувајте грижата за душата на помалиот брат. Вашата Небесна Мајка Дева Марија, ве благословува исто и сите ние ве благословуваме и ви посакуваме целосен успех во ова свето дело…

По оваа случка, уште цели шест години, Еврозија продолжила да му служи како другарка на својот брат, додека тој ја завршил гимназијата, кога веќе наполнил 21 година и веќе зајакнал наспроти светските искушенија.

За ова таа, добива признание од својата мајка за доброто дело.

– Еврозија – сакаше да раскажува Наталија – за нашиот мил брат Франческо беше котва за спасување. Таа ја придоби неговата доверба, а со тоа и неговото срце го раководеше неговиот вкус во сè и му стана најголема поткрепа во неговите опасни години од животот. Подоцна братот Јосиф кажуваше:

– Еврозија често ја жртвуваше својата волја, често откажувајќи се од некое набожно дело или од одмор, за да може да го придружува својот мил брат на прошетка или на пристојните забави. Таа знаеше дека со мед се ловат повеќе муви отколку со оцет… Бидејќи болеста на нивната мајка била тешка и неизлечива, татко ѝ решил да ја олесни работата на Еврозија.

На помош повикал една возрасна жена. По неколку години, раскажувала Основачката на сестрите Евхаристинки, таа започнала да се однесува како господарка во куќата. Бидејќи таткото бил многу зафатен во дуќанот, ништо не гледал што се случува, а туѓата жена, си додавала, измислувала некои работи, посебно сакала да ја клевети и осрамотува Еврозија.

Таткото многу добро си ја познавал својата ќерка и нејзините добродетели, но честото повторување на клеветите влијаело и тој почнал да ја опоменува. За Еврозија, која многу си ги сакала своите родители ова било голема пречка. Од една страна таа гледала дека крајот на нејзината мајка се наближува, а од друга забележала дека лукавата жена чека со нетрпение да стане господарка во куќата на Петар Алоати. Наместо да прибегне кон омраза, Еврозија се молела на Небесната Мајка да го просвети нејзиниот татко. Петар бргу ја забележал својата грешка и ја отстранил озборувачката од својата ќерка. Така во семејството повторно завладеал мирот.

Од книгата „Благородното дело на отец Јосиф Алоати и на сестра Еврозија Алоати“ од д-р Иван Драгов.

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот