Еврозија во улога на мајка

Еврозија во улога на мајка

Еврозија секоја минута им ја посветувала на своите помали браќа и сестри. Секое утро станувала рано и помагала во подготвувањето на појадокот за целото семејство. Редовно ги будела малите во определен час и ги учела своите први мисли да му ги посветат на Бога за да го започнат денот христијански. Потоа ги миела и ги облекувала и заедно со нив на колена пред олтарот на Пресвета Богородица ја молеле заедно утринската молитва.

Еврозија заедно со Христина и со Наталија одела во црквата каде присуствувале на светата Литургија и се причестувале секој ден со примерна набожност и добрина, се враќале дома, појадувале и оделе на училиште. Секое утро ги испраќала своите сестрички до училиштето, а попладне за ручек одела да ги зема. Откога ќе се нахранеле, милата сестра цел час се занимавала со нив, им приредувала игри, а потоа повторно ги носела на училиште и повторно одела да ги земе во 4 часот попладне. По враќањето од училиштето дома, Христина и Наталија најпрвин јаделе, а потоа Еврозија им помагала да си ги напишат домашните задачи и да ги научат лекциите за следниот ден. Кога малите веќе биле подготвени за училиште, нивната нежна сестра им раскажувала интересни и соодветни раскази.

Еврозија се грижела и за својата болна мајка, која поголемиот дел од времето го поминувала во постела и имала потреба од помош. Така цел ден била зафатена со домашна работа и кога нивниот татко навечер се враќал дома, тој бил пријатно изненаден кога гледал дека сè е во најдобар ред. За време на вечерата таа ги послужувала. По вечерата, Еврозија се занимавала малку со децата, со нивните весели игри и приказни, потоа сите заедно ја кажувале вечерната молитва. Родителите оделе во својата соба, а таа ги подготвувала малите за спиење, едно по едно им ги покажувала на своите родители, кои нежно ги бакнувале во челото и им посакувале пријатна и добра ноќ. Така Еврозија поминувала секој ден, а во секоја недела и за голем празник програмата се менувала. Рано наутро, нежната сестра ги носела Христина, Наталија и Франческо во црква да присуствуваат на света Литургија. Навечер повторно ги носела во Божјиот дом за света Бројаница и за благослов со светата Причест.

Двете мали сестри и Франческо многу се приврзале кон Еврозија и ја сакале како втора мајка. Таа ги учела катехизис и тој час за нив бил пријатен, бидејќи младата вероучителка умеела да раскажува многу интересно за секоја материја, дури и кога таа материја била сува според својата природа. Еврозија многу сакала да ги носи браќата и сестрите на прошетка, така што по патот им раскажувала интересни, разни приказни, тие прошетки за малите во недела и празниците станале најинтересната работа.

Наталија за својата сестра 

Наталија со најголемо задоволство си спомнува за мајчинските грижи на Еврозија и ни открива некои од тајните на нејзината нежна душа:  – Уште од 1872 година – вели Наталија – мојата добра сестра Еврозија, иако имаше 13 години, се исповедаше кај набожниот торински каноник, отец Роеро од Монтичели, кој имаше голем успех со своите проповеди и се јавуваше како мисионер со голема иднина. Отец Роеро беше исповедник во парохиската црква Света Тереза во Торино. Под духовно раководство на тој млад свештеник, Еврозија настојуваше секојдневно да ја засилува набожноста и започна често да се исповеда и да се причестува речиси секој ден.

Никогаш не можам да ги заборавам грижите коишто ги вложуваше за нас. Солзи од сочувство ми доаѓаат на очите кога ќе си спомнам како клечејќи пред олтарот на Небесната Царица заедно со нас се молеше наутро и навечер. Ние не го тргнувавме погледот од лицето на Еврозија, кое за време на молитвата се преобразуваше и имаше ангелски лик. Кога бевме во црквата, а Еврозија одеше да го прими Исус во светата Причест, секое нејзино движење внесуваше почит и внимание. Така нашата мила сестра изгледаше многу убаво особено кога се враќаше од олтарот со полузатворени очи и со молитвено склопени раце. Мора да признам дека чувствував благородна завист кога гледав како сестра ми се враќа така среќна, а нам, бидејќи бевме мали, не ни беше дозволена оваа среќа…  Најпосле и ние дочекавме да го примиме Исуса во пресветата Причест. Еврозија нè подготви, и таа ме придружуваше сè до олтарот при моето прво причестување, како небесен ангел, на кој му е овозможено да бдее над невините души…

Од книгата „Благородното дело на отец Јосиф Алоати и на сестра Еврозија Алоати“ од д-р Иван Драгов.

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот