Духовна средба на млади во Секирник

Секирник, 14.4.2013 /к.мк/ – Во сабота 13.04.2013 во Католичката црква „Свети Никола Чудотворец“ во Секирник, се одржа „Духовна средба на млади“, во организација на Сестрите Евхаристинки. На средбата учествуваа голем број на млади од скоро сите католички парохии. Тема на средбата беше: о. Јосиф и сестра Еврозија Алоати – луѓе на верата. На предавањето кое го одржа богословот Спасо Спасов се зборуваше за животниот пат на о. Јосиф и неговата сестра Еврозија Алоати. Нивната длабока вера и голема жртва за Македонскиот народ ги прават овие двајца духовни великани да имаат почесно место во историјата на Католичката црква во Македонија. Личности кои оставиле свој траен белег на овие простори, сведоштво на едно целосно предавање на Бога, но и на ближниот и за тоа како вистински се сведочи за Исус Христос.

Светата Литургија ја предводеше Н.В.П. д-р Киро Стојанов, со што се покажа поврзаноста на нашиот пастир со младите, односно со иднината на Католичката црква во Македонија. Во својата проповед тој ги охрабри младите секогаш и насекаде да ја сведочат својата вера, а воедно и да не се плашат да одговорат на Божјиот повик доколку го слушнат.

Преку работата во групи дојде до израз големиот интерес на младите, кои преку нивните размислувања дадоа свој допринос за збогатување на оваа духовна средба.

Во оваа Година на верата овие двајца духовни великани можат да ни послужат како вистински пример за нашето растење во верата, за тоа како треба да се сведочи љубовта Христова кон ближниот и како повторно да го откриеме патот до верата. Младите имаа можност да слушнат за нивните големи дела на овие две христијански души кои биле потполно предадени на Божјата волја.

Преку оваа средба делото на о. Јосиф и сестра Еврозија Алоати – основатели на Сестрите Евхаристинки, допре до многу млади луѓе нивната длабока вера и сведоштво за Исус Христос, а со тоа на младите им се претстави еден светол пример за поинаков начин на живот, од оној којшто постојано се наметнува во современото општествено живеење.

Музичката група „Еклесија“ со изведба на прекрасни духовни песни ја збогати програмата.

 

Категорија: Македонија

За авторот

Write a Comment

<