Духовна обнова за сестрите Евхаристинки

Духовна обнова за сестрите Евхаристинки

Во сабота 13 март 2021 година, пред почетокот на Велигденскиот пост се одржа духовна средба за сестрите Евхаристинки во Скопје, која ја водеше Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов. За време на средбата покрај духовното размислување имаше можност за света Исповед, а заврши со Света Литургија.

Во своето размислување за време на светата Литургија епископот Стојанов истакна: „Евангелието ни зборува и за молитвата. Молитвата е нешто најубавото што излегува од човечкото срце. Таа е средба со Отецот што спаѓа во најголемата човечка интимност. Сето она што е навистина наше, да не го изложуваме на ветерот и љубопитните погледи на другите. И молитвата може да се претвори во претстава. Ако тргне кон тоа, тогаш ја губи својата суштинска димензија на смирение и доверба.“

Понатаму во своето размислување епископот Стојанов зборуваше за Господовата молитва нагласувајќи дека „молитвата ‘Оче наш’ е меѓу првите која сме ја научиле и можеби најчесто во животот ја молиме. Таа молитва можеби е и единствената што некои ја знаат да ја молат. За молитвата ‘Оче наш’ велат дека во неа е содржано сето евангелие, и дека ги содржи сите други молитви, дека е едноставна и најсовршена молитва.“

На крајот од своето размислување владиката Стојанов рече: „Нашата молитва, нашата жртва што сакаме да ја прикажеме, може да помине само под услов да сториме за својот ближен тоа што го бараме за себе од Небесниот Отец. Како можеме да молиме прошка ако сами не сме подготвени да простиме? Очигледно дека овде е актуелно токму предупредувањето на Исус од почетокот на оваа наша медитација: „Кога молите, не нафрлајте зборови во изобилие, не озборувајте!“

Наталија Стојанова/к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот