Државниот секретар на Светиот Престол: Главниот проблем на Европа не е губењето на верата, туку на разумот

Државниот секретар на Светиот Престол: Главниот проблем на Европа не е губењето на верата, туку на разумот

Државниот секретар на Светиот Престол, кардиналот Пиетро Паролин, во интервју за шпанската мрежа COPE, рече дека основниот проблем на Европа не е губење на верата, туку на разумот.

„Многу ми е жал за губењето на верата во Европа, во нашата култура, во нашите земји и поради антрополошките промени што се случуваат и кои предизвикуваат исчезнување на идентитетот на човечката личност. Не е проблемот во губењето на верата, многу повеќе би рекол дека е во губење на разумот“, рече Паролин во интервјуто што го даде во понеделникот, пренесува CNA.

Продолжувајќи го разговорот, секретарот на Ватикан ги објасни своите тврдења: „Папата зборува за ова многу пати. Тој вели, на пример, дека прашањето за абортус не е религиозно прашање. За нас христијаните од самиот почеток, од првите документи на Црквата, постои отфрлање на абортусот, но со користење на аргументот на разумот. Исто како и денес, како што рече Бенедикт XVI, основниот проблем е разумот, а не верата.

Христијанскиот одговор на општествените промени кои силно влијаат врз живеењето на верата, според Паролин, треба да биде сведочење со христијански живот, исто како што тоа го правеа и првите христијани кои „преку сведочењето на првите заедници успеаја да го сменат менталитетот и да ги воведат евангелските вредности во општеството на нивното време.“

Секретарот на Светиот Престол, смета дека црковната дипломатија е начин на живеење на неговото свештенство, кој рече дека неговата цел е да служи за одбрана на слободата на Црквата и верската слобода. „Тоа е мојот начин на гледање на дипломатијата“, рече кардинал Паролин.

Во овој контекст, тој се осврна и на положбата на Црквата во Кина, истакнувајќи дека „се преземени одредени чекори, тие не ги решија сите проблеми, кои сè уште постојат и чие решавање ќе трае долго“.

„Ние гледаме на Црквата во Кина со голема почит и поради нејзината историја на големи страдања“, рече Паролин, додавајќи дека се чини дека сè е направено за „да се обезбеди нормален живот на Црквата во Кина“.

Коментирајќи ја состојбата на христијаните во Ирак, секретарот на Светиот Престол рече дека Црквата таму „страда затоа што христијаните се прогонувани во сите конфликти и од сите сили што сакаат да ја искоренат христијанската вера од таа земја“.

„Понекогаш ми изгледа дека ние христијаните во Европа, на Запад, сме премногу ладни кон нашите браќа. Посакувам да има поголема солидарност, блискост, повеќе начини да ја искажеме нашата поддршка и помош за напредок. Тие нè учат на можноста да бидеме верни и покрај сите тешкотии, но истовремено од нас бараат поголема солидарност“, рече кардиналот.

Битно нет/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот