Деспасито генерација

Деспасито генерација

Знаеш ли што, премногу сме се навикнале на лесното. На помалото. На „деспасито“. Немаме поим што се крвави раце, рапави прсти и гребнатини. Немаме поим што е грижа – непреспиени ноќи и борба за гол живот. Немаме поим што значи да откинаме од својата уста за да го нахраниме оној другиот. Колку боли гримасната насмевка под сувите солзи.

Ние со полесно. Ние утре. Ние по краткиот пат. Ние сме полни со идеи, но ни недостасува малку волја. Ние ќе направиме корисно, но ако е споено со удобното. Инаку не нè интересира.

Сè преку задоволство, сè преку забава. Кога ќе стане густо, бегаме. Што подалеку. Кога ќе се појават проблеми, одиме таму каде нема проблеми. Кога ќе нè стиснат одговорностите, одиме таму каде нема одговорности. Ги затвораме очите, ги затвораме ушите. Не е наша работа. Со големо макијато или со дупло виски со лед. Забораваме. Малку по малку.

А би сакале сè. Го сакаме вистинското. Трајното. Вечното. Но, постојано се вртиме околу погрешното. Неважното. Минливото. Она вистинското бара труд. Солзи. Пот. Тежок пат. А на нас не ни се оди по тој пат. Ние не сакаме да се бориме. Ние не сакаме рани. Ние сакаме сè „на готово“. Ние летаме како пеперутки и се водиме од површни критериуми. Лесен лов, лесни жени, лесни мажи, лесни работи. Останатото подоцна. Сега сме сè уште млади. Ќе има можности. Ќе има години.

Но, дали ќе има?

Немаме поим што значи да се жртвуваш до таа мерка да те заболи. Не знаеме да љубиме. Нè научиле на поинаку. Површно и инстраграмски. Она лошто го ставаме под тепих. Лажна насмевка и живот од бајките. Така нè учеле. Така е најдобро.

Свет на виртуелноста како бегство од реалноста. А немаме поим што е живот. Не знаеме да ги цениме моментите. Заборавивме да се восхитуваме на ѕвездите. Сè ни стана толку нормално, толку секојдневно. Како нешто што морам да го имам, а со ништо не сум го заслужил. И овде е. Но, и понатаму не гледаме. Се сокриваме под маските. Зависно од можноста. Зависно од луѓето. Себе си се пронаоѓаме овде и таму. А потоа повторно се закопуваме зад ставовите на луѓето. Зад лагите и преправањата. Никогаш искрено. Вистината боли.

Се чудиме на пропаднатите бракови, уништените пријателства, апсурдната бесмисленост во очите на случајните минувачи. А ние сме ги создале, ние сме ги расипале. Тогаш кога не сме останале. Кога не сме ги засукале ракавите и не сме се бореле до крај. Тогаш кога сме пуштиле. Кога сме ја треснале вратата. Сме заминале. Во ноќен „провод“, туѓ кревет, уживање. И така секој пат. Секогаш од почеток. Секогаш во круг. И овде сме каде што сме. Седиме на ладно, пиеме мохито и слушаме деспасито. И лесно ќе биде. Секогаш лесно.

Но, што ќе правиме кога ќе стане тешко?

Дали тогаш ќе сфатиме дека на крајот од денот не се брои она што било лесно, туку она што напишало траги на љубовта и оставило повреди од борбата?

Магдалена Марџетко/Млади католици/к.мк

Категорија: Духовност, Колумни

За авторот