Да се служи на мама беше милост

Да се служи на мама беше милост

Можеби од сите годишни времиња периодот на есента некако највешто се прикрива. Не ни забележуваш, а таа е веќе тука. И сето она убаво од летото останува како меланхолија и надеж дека летото повторно ќе дојде: сонце, топлина и летни вечери.

Токму како есента староста неосетно се вовлекува во нашите животи. И таа треба да биде достоинствена како есента. Но за жал во оваа време староста како да не е посакувана. Стана синоним за нешто лошо, за болести и страдања. Се цени само младо, витко, мазно. Само треба да вложуваш во својот изглед, да уживаш, да не се грижиш за ништо и староста никогаш нема да дојде.

Некако го загубивме чувството за старите луѓе. Ако заплаче детето веднаш скокаме и мислиме: можеби е гладно, можеби е, болно одиме брзо на лекар… а кога страц плаче, неговите солзи речиси и никој не ги забележува. Како старите луѓе да не слават Божиќ, Велигден, родендени, имендени… Сѐ уште живи, а веќе закопани. Не сме свесни дека тие стари очи се оние истите преку кои гледале во нивната младост. Можеби со „послаба резолуција“, но духот е ист и тие сѐ уште би сакале да тргнат, да работат, да играт и уште многу друго… но телото не дава.

Токму како златната есен и староста има уште многу да понуди. Кој има најмногу време за децата, кој ги раскажува најубавите приказни, кој ги готви најубавите јадења, кој ја има животната мудрост и најважното кој има најмногу време за молитва која е спасение за многу млади вжештени глави? Зошто некој сака да ја евтаназира молитвата, мудроста, колачите и јадењата на баба, а можеби и нашата последна шанса да се спасиме преку жртвата од грижата за старите луѓе? Секој од нас најлесно му е да каже: Не го можам јас тоа, постои дом за стари и болни лица, таму ќе му биде добро. Но, знаеме од сопствено искуство дека за Бог сѐ е можно.

Во животот секогаш бев повеќе поврзан со татко ми. Со мајка ми секогаш имав проблеми: ниту таа ме разбираше мене, ниту јас ја разбирав неа. Кога нешто ќе ме прашаше ѝ одговарав кратко и не сакав да навлегувам во длабоки разговори или да ѝ се доверам за нешто. Имав само почит кон неа како кон своја мајка. Во есента на животот смртно се разболува, одлучивме да се грижиме за неа до крај како што знаевме. Тешко ми беше да ја гледам скршена од болка, толку тешко што подобро да бев на нејзиното место, но не може. Тие беа страшни моменти, тоа беше страдање, но токму во тоа страдање и болка се случи нешто, се случи љубов на мајка и син! И оддеднаш не беше тешко да ја прегрнеш, да ја бакнеш, да ја измиеш, пресоблечеш, да ѝ кажеш од срце: Те сакам мамо! Оддеднаш сѐ можеш со Оној кој ме крепи! (Фил 4, 13) Во тие моменти мама навистина ми стана мама!

И на крајот кога се случи смртта, кој се сеќава на заморот, непријатните мириси, болката, тешкотијата…? Тогаш останува само љубовта, она вистинската, неодглумена, вистинска, искрена љубов!

Да се служи на мама беше милост!

Драги пријатели не дозволувајте стравот од обврските и служењето да ви ја скратат средбата со Христос!

Роберт Рукавина/Гласник мира/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вера, Семејство

За авторот