Да се биде христијанин не е случајност, туку повик на љубовта

Ватикан, 25.6.2013 /к.мк/ – Да се биде христијанин – тоа е повик на љубовта, повик да станеме деца Божји, нагласи папата Фрањо на светата Литургија во домот Света Марта во вторник 25 јуни. Папата истакна дека христијанската сигурност се состои во тоа што Христос никогаш не нè остава, барајќи од нас секогаш да чекориме напред: и покрај грижите и проблемите. На светата Литургија со папата Фрањо сослужуваа кардинал Роберт Сарах, кардинал Камило Руини и монсињор Иганцио Каракаско де Паула, а присутвуваа и соработници од Папскиот совет „Cor Unum“, соработници од Папската академија за живот, како и соработници од опсерваторијата на чело со управителот Хозе Габриел Фунес.

Папата Фрањо се задржа во проповедта на денешното прво читање (1 Мојсеева 13, 2.5 – 18), каде читаме за караницата на Авраам со Лот за поделбата на земјата. Кога го читам овој текст – рече Папата – размислувам за Блискиот Исток и го молам Господ на сите да ни даде мудрост, таква мудрост, да не се караме – поради мирот. Авраам, забележа Папата, „продолжува да оди“. Тој ја остави својата земја и заминува во непознато, во предели кој ќе му ги даде Господ“. „Продолжува да оди, бидеќи верува во Словото Божјо, кое го повика да излезе од својата татковина“. Овој човек, стар можеби и деведесет години, ја гледа земјата која му ја покажа Господ и верува.

Авраам заминува со ветување од својата татковина: целото негово одење е упатено кон средба со ветеното. Неговиот пат е модел за нашиот пат. Бог го повикува Авраам, еден човек, за да од него создаде народ. Во книгата Битие, на самиот почеток каде се говори за Создавањето, читаме како Бог ги создава ѕвездите, билките, животните, и овие и оние…. се во множина. Но кога го создава човекот, тоа го прави во еднина. Единиот Бог и на нас секогаш ни говори во еднина. Му говореше на Авраам и му даде ветување, повикувајќи го да излезе од својата татковина. Ние христијаните – исто така сме повикани „во еднина“, поединечно: никој од нас не случајно христијанин! Никој!

Постои повик ‘со име, со ветување’, истакна Папата: Оди напред. Јас сум со тебе. Јас одам со тебе“. Тоа го знаеше Исус: „и во најтешките моменти тој се обраќа на Отецот“.

Бог нè следи, Бог нè повикува по име ветувајќи ни потомство. Во тоа е благо кажано, сигурноста на христијанинот. Не е тоа случајност, туку повик! Повик кој прави да чекориме напред. Да се биде христијанин – тоа е повик на љубовта, повик на пријателство; повик да станеме Божјо дете, Исусов брат; да станеме плодни предавајќи го тој повик на други луѓе, самите да станеме инструменти на истиот повик. Проблеми има многу, тешките моменти се бројни: Самиот Исус помина низ нив! Но секогаш со таква сигурност: ‘Господ ме повика. Господ е со мене. Господ ми даде ветување.’

Господ е верен, истакна Папата, „бидејќи не може да се одрече од себе: Тој останува верен“ (2 Тимотеј 2,13). И размислувајќи за текстот во кој Авраам е „ помазан за татко по прв пат, и тоа за татко на народите, размислуваме и за себе, кои сме помазани во крштението и размислуваме за својот христијански живот.

„… некој ќе каже, ‘Оче, јас сум грешник….’ Но сите ние сме грешници, тоа е јасно. Но треба да се оди напред, да се продолжи со Господ, да се чекори понатаму со подареното ветување за плодност. И на другите да им се каже, да им се зборува на другите дека Господ е со нас, дека Господ нѐ избра и дека никогаш не нè остава, никогаш! Ова христијанска сигурност ни овозможува да ни биде добро. Господ на сите нека ни ја дарува својата волја да одиме понатаму, волја каква што имаше и Авраам – и покрај своите проблеми: да се чекори напред, сигурни во тоа дека сме повикани од Него, и дека Тој е оној кој ми вети толку многу убави нешта. (го*ко)

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<