Година на посветениот живот

Со одлука на Светиот Отец одредено е 2015 година да биде посветена на посветениот живот. Предложено е да започне во ноември оваа година, односно на 29 ноември со молитвено бдение во базиликата Света Марија Велика, а наредниот ден по тој повод во базиликата Свети Петар во Рим ќе се служи свечена Литургија.

Годината посветена на посветениот живот има три цели:

Првата цел е „со благодарност да се сетиме на неодамнешното минато“, почнувајќи од Вториот Ватикански собор и 50 годишнината од Соборскиот декрет „Perfectae caritatis“, посветен на посветениот живот.

Втора цел е „со надеж да се прегрне иднината“, со свест дека кризата низ која поминува општеството и самата Црква го погодува и посветениот живот. Таа криза не смее да се сфати „како претсобје на смртта, туку како kairos, вистински повод за длабок раст, а со тоа и за надеж поттикната со сигурноста дека посветениот живот никогаш нема да може да исчезне од Црквата, бидејќи го сакаше самиот Исус како неизоствен дел од својата Црква“.

Трета цел на Годината на посветен живот е „со жар да се живее сегашноста“, а тоа подразбира вљубеност, вистинско пријателство, длабоко заедништво. Тоа е впрочем она што „го прави убав животот на многу мажи и жени кои се заветуваат со евангелските завети и одблизу го следат Христос во тој животен сталеж“.

РВ/к.мк/В.Н.

Категорија: духовнитекстови

За авторот