Генерација која не си ги познава своите корени нема иднина

Генерација која не си ги познава своите корени нема иднина

Размислување по повод 1. Светски ден на дедовци, баби и постари лица

Во недела 25 јули 2021 година Црквата го слави 1.Светски ден на дедовци, баби и стари лица, прогласен од папата Фрањо. По тој повод во најголем дел од парохиите неделната света Литругија ќе биде посветена токму на нив и оние кои се грижат за нив. За време на светата Литургија е предвиден посебен молитвен дел за дедовците, бабите и постарите лица.

Доколку сте веќе сте повозрасни појдете на света Литургија за да молите заедно со Црквата. Доколку пак сте помлади, повторно дојдете и повикајте со вас некој кој е во понапредна возраст. И не заборавaјте утре да се сетите во молитвите на вашите дедовци, баби, посебно ако веќе се починати. Доколку пак се живи и живеат во близина посетете ги, прегрнете ги и покажете им колку многу ви значат. Ако живеат подалеку, тогаш јавете им се телефонски или преку некоја од социјалните мрежи и покажете им дека мислите на нив и заблагодарите им се за дарот на верата, за љубовта која ви ја искажувале, посебно кога сте биле мали. Потсетете се на вашите заеднички игри и дружење, на нивните приказни, прошетки…. Кога ќе заминат од нас, ќе ја немаме веќе таа можност. Да го искористиме времето, додека е уште можно да се сретнеме со нив, да поразговараме со нив, да го слушнеме нивното искуство од животот, нивната мудрост, нивните соништа, кои треба ние да ги реализираме.

Многу е важно, посебно во ова време на пандемија да најдеме време за дедовците, бабите, нашите баби и дедовци, за постарите лица. Зарем навистина немаме време? Имаме време за дружење на кафе, имаме време за прошетки со пријателите, имаме време за шетање на домашните миленичиња неколку пати во денот, имаме време за разни други моменти. А за твојот дедо и баба? Размисли и најди време. Нема оправдување. Утре е твојот ден да ја покажеш својата христијанска љубов и почит, кон оние кои се нашите корени. Генерација која не ги почитува и не ги познава своите корени нема иднина.

о. Гоце Костов

Категорија: Колумни

За авторот