Генерална аудиенција: Сојузот меѓу генерациите е дар што мора повторно да го пронајдеме

Генерална аудиенција: Сојузот меѓу генерациите е дар што мора повторно да го пронајдеме

По завршувањето на циклусот катехези посветен на Свети Јосиф, папата Фрањо на Генералната аудиенција во среда, 23 февруари 2022 година, започна ново „катехетско патување“ со кое се фокусира на размислувања за значењето и вредноста на староста.

Никогаш во историјата на човештвото не нè имало толку многу, а ризикот од отфрлање на старите лица се зголемува, предупреди Светиот Отец на почетокот на новиот циклус катехези на Генералните аудиенции. Имено, на постарите често се гледа како на „товар“. Во драматичната прва фаза од пандемијата, тие платија највисока цена. Беа веќе најслаба и најзапоставена група – не ги гледавме премногу додека беа живи, не би ги ни виделе како умираат, нагласи Светиот Отец.

Најитното прашање

Со миграцијата, староста е едно од најитните прашања со кои се соочува човечкото семејство во овој момент, рече папата Фрањо. Не станува збор само за квантитативна промена; во прашање е единство на животните фази, односно вистинска референтна точка за разбирање и почитување на човечкиот живот во целина. Дали има пријателство, соработка меѓу различни возрасти или преовладува одвоеност и отфрлање – праша Папата.

И покрај тоа што коегзистираат децата, младите, возрасните и постарите лица, односот е променет – долговечноста станува се пораспространета, додека деца има сѐ помалку. Таквата нерамнотежа има многу последици, истакна Папата. Доминантната култура, истакна тој, како единствен модел го има младиот возрасен човек – „самореализирана“ индивидуа која секогаш останува млада. Но, дали е вистина дека младоста ја содржи целосната смисла на животот, додека староста едноставно претставува нејзино празнење и губење? Подемот на младоста како единствена возраст достојна за олицетворение на човечкиот идеал, заедно со презирот кон староста како слабост, пропаѓање, инвалидитет, беше доминантната слика на тоталитаризмот од дваесеттиот век, нагласи Папата.

Проекти за живеење во полнина

Продолжувањето на животот има структурно влијание врз историјата на поединците, семејствата и општеството. Но, мора да се запрашаме: дали неговите духовни квалитети и значење во заедницата се во согласност со тој факт? Дали постарите треба да се извинат што живеат подолго или треба да им биде чест што придонесуваат за смислата на животот на сите? Токму во т.н „развиените“ култури, смислата на животот има мала тежина, бидејќи староста се смета за доба во која нема што да се понуди, ниту пак има смисла во сопствениот живот. Згора на тоа, постои недостаток на поттик за луѓето да се сретнат со нив и недостиг на образование за да ги препознае заедницата. За возраста која го сочинува одлучувачкиот дел од заедницата, постојат, понекогаш, планови за грижа, но не и проекти за живот во полнина. Тоа е недостаток на размислувања, фантазии и креативност, истакна Светиот Отец.

Вечна младост – опасна илузија

Младоста е убава, но вечната младост е многу опасна илузија. Да се биде стар е исто така многу важно и убаво – како и да се биде млад, рече Папата. Сојузот меѓу генерациите, додаде, е изгубен дар што мора повторно да се пронајде.

За таков завет сведочи и Божјото Слово, рече Папата, повикувајќи се на пророкот Јоил (3,1). Кога постарите луѓе му се спротивставуваат на Духот, закопувајќи ги своите соништа во минатото, младите повеќе не можат да ги видат работите што треба да ги направат како би се отвориле за иднината. Кога постарите луѓе ги пренесуваат своите соништа, младите знаат што треба да направат. Младите кои не се чудат на соништата на постарите, кои стрмоглаво целат на визиите, кои не им даваат да одат подалеку од сопствениот нос, тешко ќе ја носат својата сегашност и ќе ја поднесат иднината. Ако бабите и дедовците се вратат на меланхолија, младите уште повеќе ќе се свртат кон паметните телефони, предупреди Папата. Зарем најсериозната последица од пандемијата не е загубата на млади луѓе? Постарите луѓе веќе имаат животни ресурси на кои можат да се потпрат. Дали ќе стојат настрана и ќе ги гледаат како младите го губат видот или ќе ги придружуват и ќе им ги стоплат соништата, праша папата Фрањо.

Мудроста на долгото патување, кое ја придружува староста до нејзиниот крај мора да се доживее како понуда за смислата на животот, рече Петровиот наследник. Ако староста не го врати достоинството на човечкиот живот, таа е осудена на обесхрабрување и на сите им ја скратува љубовта. Желбата на папата Фрањо за новиот циклус на катехези, рече тој, е поттик за сите да размислиме и да се грижиме за даровите што староста ги дава на другите периоди од животот.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот