Папата: Евхаристијата значи благодарење, а не претстава

Папата: Евхаристијата значи благодарење, а не претстава

Основна работа за нас христијаните е добро да ја разбереме вредноста и значењето на Евхаристијата за сѐ повеќе и повеќе да живееме во однос со Бог, рече папата Фрањо во текот на Генералната аудиенција на 8 ноември 2017 година.

Денес започнуваме со нова серија катехези, со кои ќе се фокусираме на „срцето“ на Црквата, а тоа е Евхаристијата. Основна работа за нас христијаните е добро да ја разбереме вредноста и значењето на светата Литургија, за сѐ повеќе и повеќе да живееме во однос со Бог, рече папата Фрањо во текот на Генералната аудиенција на 8 ноември 2017 година.

Не смееме да го заборавиме големиот број христијани кои во целиот свет, во текот на две илјади години, истрајале сѐ до смртта во одбрана на Евхаристијата; и на оние кои дури и денес го ризикуваат животот за да учествуваат на неделна света Литургија – предупреди Папата и потсети дека во 304 година за време на прогонот на императорот Диоклецијан, група христијани од Северна Африка биле изненадени додека славеле света Литургија во една куќа и биле фатени. Римскиот проконзул, во текот на истрагата им поставил прашање, зошто тоа го направиле, знаејќи дека тоа е апсолутно забрането. И тие одговориле: „Без неделата не можеме да живееме“, што значело, ако не можеме да славиме Евхаристија, не можеме да живееме, нашиот христијански живот би згаснал.“

Всушност – истакна Светиот Отец – Исус им рече на своите ученици: „Вистина, вистина ви велам: ако не го јадете телото на Синот Човечки и не ја пиете крвта Негова, не ќе имате живот во себе. Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има живот вечен и Јас ќе го воскреснам во последниот ден.“ (Ив 6, 53-54)

Тие северноафрикански христијани беа убиени заради славењето на света Евхаристија – потврди папата Фрањо и продолжи: Ни оставиле сведоштво дека е можно да се откажеш од земскиот живот заради Евхаристијата, бидејќи таа ни дава вечен живот, правејќи нѐ учесници во Христовата победа над смртта. Тоа е сведоштво кое од сите нас бара објаснување и одговор на прашањето: што значи за секој од нас да учествува на светата Литургија која е жртва, и да се приближи до трпезата Господова? Го бараме ли тој извор од кој „извира жива вода“ за вечен живот? Изворот кој нашиот живот го прави духовна жртва на пофалба и благодарност и од нас прави едно тело со Христос? Ова е најдлабоката смисла на светата Евхаристија, која значи „благодарење“ – истакна Папата и додаде: Евхаристијата значи благодарење на Бог Отецот, Синот и Духот Свети кој нѐ вклучува и преобразува во заедништвото на својата љубов.

Светиот Отец изјави дека во следната катехеза сака да одговори на некои важни прашања за Евхаристијата и светата Литургија за повторно да ја откриеме или да откриеме како преку тоа таинство на верата сјае Божјата љубов.

Вториот ватикански кособорнцил – продолжи папата Фрањо – бил силно поттикнат од желбата да ги води христијаните за да ја разберат големината на верата и убавината на средбата со Христос. Заради тоа прво требало да спроведе, под водството на Светиот Дух, соодветна обнова на Литургијата, бидејќи Црквата постојано живее од неа и се обновува благодарение на неа.

Централна тема која оците на соборот ја истакнале е литургиското воспитување на верниците, неопходно за вистинска обнова – рече Папата и додаде дека таа е целта и на оваа серија катехези која денес ја започнавме: да се расте во спознанието на тој голем дар кој Бог ни го дал во Евхаристијата.

Евхаристијата е прекрасен настан во кој е присутен Исус Христос, нашиот живот – истакна Светиот Отец, толкувајќи дека да се учествува на света Литургија значи „повторно да се доживее откупителната мака и смртта Господова. Тоа е Богојавление: Господ е присутен на олтарот за да се принесе на Отецот за спасение на светот.“

Потоа Папата продолжи непосредно да зборува: Господ е таму со нас, присутен. Но, ние често одиме таму, ги гледаме работите, мрмориме меѓусебно додека свештеникот ја слави Евхаристијата… Ние не славиме заедно со него. Но, овде е Господ! Кога овде денес би дошол претседателот на Републиката или некоја многу важна личност во овој свет, сигурно сите ќе се приближиме до него и ќе сакаме да го поздравиме. Замислете: кога одите на света Литургија, таму е Господ! А вие сте растресени, лутате… Овде е Господ! Мораме на тоа да мислиме! Некој ќе каже: „Оче, но светите Литургии се досадни“ – „Но, што зборуваш, дека Господ е досаден?“ – „Не, не светата Литургија, вели туку свештениците“ (…) Дали разбравте? Немојте да заборавите, да учествувате на светата Литургија значи повторно да гија доживеете откупителната мака и смртта Господова.

Да се обидеме да си поставиме неколку едноставни прашања – се обрати Светиот Отец на уште поличен начин – на собраниот Божји народ. На пример, зошто се прави знакот на крстот и покајнички чин на почетокот на мисата? Тоа е прашањето. Би сакал овде нешто да кажам во загради. Сте виделе како децата прават знак на крстот? Не се знае дали тоа е знакот на крстот или некакво лутање. Така прават…Но, научете, поучете ги децата како се вистински се прави знакот на крст, така започнува светата Литургија, така започнува животот, така започнува денот. Тоа значи дека сме откупени со крстот Господов. Внимавајте на децата и поучете ги добро да го прават знакот на крстот.

А библиските читања на светата Литургија, зошто се таму? Зошто во недела се читаат, три читња, а другите денови само две? Зошто се таму, што значи литургиското читање? Зошто се читаат и за што служат? Или, зошто во одреден момент свештеникот кој го предводи славењето вели: Горе срцата? Не вели: Горе нашите мобилни телефони за да се сликаме! Не, тоа е грдо! И ви велам дека ме натажува кога славам света Литургија овде на плоштадот или во базиликата и гледам воздигнати мобилни телефони не само на верници, туку и на некои свештеници и епископи. Ве молам! Литургијата не е претстава, туку таа значи да се сретнеш со маката и воскресението Господово. Затоа свештеникот вели – нагласи Папата: Горе срцата! Што значи тоа? Сетете се – не мобилните телефони!

Многу е важно – рече папата Фрањо – да се вратиме на темелите, повторно да го откриеме она што е важно, преку она што се допира и гледа во славењето на светите Тајни. Барањето на свети Тома апостол (Иван 20, 25), да може да ги виде и допре раните на Исусовото тело, е желба да може на некој начин да се „допира“ Бог за да Му се поверува. Она што свети Тома го бара од Господ е она што на сите нас ни треба: да Го видиме и допреме за да можеме да Го препознаеме. Светите Тајни помагаат на таа човечка потреба. Светите Тајни и посебно евхаристиското славење се знаци на Божјата љубов, привилегиран начин на кој се среќаваме со Бог.

По пат на овие катехези кои денес ги започнуваме – заклучи Папата – би сакал заедно со вас повторно да ја откријам убавината која е сокриена во евхаристиското славење и која еднаш откриена, дава целосна смисла на животот на секој од нас. Нека Пресвета Богородица нѐ придружува на овој нов дел на патот!

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот