Генерална аудиенција: Папата повика да го негуваме молчењето за да направиме место за Исус

Генерална аудиенција: Папата повика да го негуваме молчењето за да направиме место за Исус

Во срцето на катехезата на Папата на Генералната аудиенција на 15 декември 2021 година беше молчењето на Јосиф во Евангелието, повикувајќи нè да направиме простор за Словото кое стана тело.

Молчењето на свети Јосиф нѐ поканува да направиме простор за присуство на Словото кое стана тело, за Исус, рече папата Фрањо на редовната Генерална аудиенција.

Молчење исполнето со слушање

Молчењето на Јосиф не е немост, нагласи Светиот Отец, туку молчење исполнето со слушање, внимателно молчење, молчење кое ја открива неговата голема внатрешност. Повикувајќи се на зборовите на свети Иван од Крстот, папата Фрањо објасни како Бог Отецот го изговорил Словото, неговиот Син, во вечна тишина, и  тоа мора да се слуша во тишината на душата.

Во својот земен живот, Исус исто така имал искуство на тишина во секојдневниот пример на Марија и Јосиф. Тој самиот барал места за тишина и ги повикувал учениците да трагаат по такво искуство, истакна Папата.

Светиот Отец ја истакна важноста да се следи примерот на Јосиф, кој се навратува на таква контемплативна димензија на животот на која молчењето ширум ја отвора вратата. Но, тој исто така истакна дека тоа не е лесно. Тишината може да биде застрашувачка затоа што бара од нас да потонеме во себе и да се соочиме со највистинскиот дел од себе.

Понатаму, Папата ги повика сите да негуваат моменти на тишина во кои може да излезе уште едно Слово: она на Светиот Дух кој престојува во нас. Ова вклучува претпазливост во говорот, кој без контрола може да стане зло, а нашите зборови можат да станат ласкање, фалење, лажење, озборување и клевета.

Негувајте ја тишината

Затоа мораме да научиме од Јосиф да ја негуваме тишината, тоа подрачје на внатрешноста во нашите денови во која му даваме можност на Духот да нè обнови, утеши, исправи. Оваа милост во нашите срца истовремено ќе го излечи и нашиот говор, зборовите и пред сѐ одлуките, како свети Јосиф, кој молчењето го поврза со дејствување, заклучи Папата.

Како што направи во претходните, исто така и оваа катехези папата Фрањо ја заврши со молитва до свети Јосиф:

Свети Јосиф, човек на молчењето,
ти што не изговори ниту еден збор во Евангелието,
научи нè да постиме од празни зборови,
повторно да ја откриеме вредноста на зборовите што изградуваат, охрабруваат, утешуваат и поддржуваат.
Биди близу до оние кои страдаат од зборови што болат,
како што се озборувања и клеветење,
и помогни ни секогаш да ги усогласиме зборовите со делата. Амин.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот