Генерална аудиенција: Неопходно е лекување на општествено – социјалните вируси

Генерална аудиенција: Неопходно е лекување на општествено – социјалните вируси

На Генералната аудиенција во среда 30 септември 2020 година папата Фрањо зборуваше за различни вируси кои денес го напаѓаат општественото ткиво и предупреди на потребата од создавање солидарно и партиципативнo општество. Катехезата на Папата ја пренесуваме во целост.

Драги сестри и браќа, добар ден!

Последните седмици заедно во светло на Евангелието размислувавме за тоа како да се излекува светот кој страда од болеста, која пандемијата ја истакна и нагласи. Болеста постоела, а пандемијата уште повеќе само ја истакна, ја нагласи. Поминавме патишта на достоинство, солидарност и супсидијарност, како и незаобиколните патишта за промовирање на човечкото достоинство и општо добро. Како Исусови ученици, одлучивме да ги следиме неговите траги определувајќи се за сиромашните, преиспитувајќи го користењето на добрата и повторно размислувајќи за грижата за заедничкиот дом. Среде пандемија, која многу нѐ погодува цврсто се држевме кон начелата на социјалната наука на Црквата, пуштајќи на тој пат да нѐ води верата, надежта и љубовта. Тука пронајдовме голема помош како би останале творци на преобразба која сонува големи сонови, која не запира на падовите кои делат и рануваат, туку поттикнува на создавање нов и подобар свет.

Би сакал ова патување да не заврши на овие мои катехези, туку да можеме да продолжиме да чекориме заедно, „со поглед упатен во Исус“ (сп. Евреите 12,2), како што слушнавме на почетокот: Поглед упатен во Исус, кој го спасува и го лекува светот. Како што ни покажува Евангелието, Исус ги оздравува оние кои страдале од сите видови болести (сп. Марко 9,35), го враќал видот на слепите, немите да говорат, на глувите им давал слух. А кога лекувал телесни болести и немоќ, им го оздравува исто така и духот простувајќи им ги гревовите, затоа што Исус секогаш простува, исто така и „општествените страдања“ вклучувајќи ги и маргинализираните (сп. ККЦ 1421). Исус, кој обновува и го помирува секое создание (сп. 2 Коринтјаните 5,17; Колосјаните 1,19-20) ни дава дарови кои ни си потребни за да би љубеле и да би лекувале како што Тој знаел тоа да го прави (сп. Лука 10,1-9; Иван 15,9-17) како би се грижеле за сите без разлика на расата, јазикот или нацијата.

За да се случи тоа навистина, мораме да контемплираме и да ја цениме убавината на секој човек и на секое создание. Зачнати сме во Божјото срце (сп. Ефесјаните 1,3-5). „Секој до нас е плод на Божјите мисли. Секој од нас е посакуван, секој е сакан, секој е неопходен“. Понатаму, секое создание има нешто да ни каже за Бог создателот (сп. енциклика Лаудато си, 69.239). Да се препознае таа вистина и да се благодари на тесните врски на нашето сеопшто заедништво со сите луѓе и со сите созданија го зајакнува ‘духот на великодушна грижа исполнета со нежност“ (исто., 220). Исто така ни помага да го препознаеме присутниот Христос во нашите сиромашни и страдални браќа и сестри, да се сретнат и да се слушне нивниот крик и крикот на земјата кој по неа се разнесува (сп. исто., 49).

Поттикнати во духот од овие крици кои од нас бараат да појдеме во друг правец (сп. исто., 53) и кој бара промена, ќе можеме да придонесе за оздравување на односите со нашите дарови и способности (сп. исто., 19). Ќе можеме да го обновиме општеството и да не се враќаме на т.н. ‘нормалност’, која е болна нормалност, односно подобро кажано, која е заболена пред пандемијата, со пандемијата сето тоа само излезе на виделина. „Сега да се вратиме во нормалност“, не, тоа не е во ред, затоа што таа нормалност беше болна од неправда, нееднаквост и уништување на животната средина. Нормалноста на која сме повикани е нормалноста на Царството Божјо каде „слепи прогледуваат и сакати проодуваат; лепрозни се очистуваат и глуви прослушуваат, мртви воскреснуваат и на бедните им се проповеда Евангелието; (Матеј 11,5). И никој не се прави невешт свртувајќи ја главата настрана. Тоа е она што мораме да го направиме за да се променат работите. Во нормалноста на Божјото царство има леб во изобилство за сите и дури има вишок, општественото уредување се заснован на придонес, делење и дистрибуција, а не на поседување, исклучување и натрупување (сп. Матеј 14, 13-21). Гестот со кој општеството, семејството, градскиот кварт, градот одат напред е давање на себеси, давање, што не се состои во давање милостина, туку тоа е дарување од самиот себе кое доаѓа од срцето. Тоа е гест што ја отстранува себичноста и грчевитиот стремеж за поседување. Но, начинот на кој Христовиот верникот го прави тоа не е механички начин: тоа е човечки начин. Никогаш нема да можеме да излеземе од кризата што ја откри пандемијата на механички начин, со нови алатки – кои се многу важни, тие ни помагаат да одиме напред и не смееме да се плашиме од нив – но мора да бидеме свесни дека дури и најсофистицираните средства можат да направат многу работи , но едно не можам: нежност. И нежноста е вистински знак за присуството на Исус. Тоа приближување до ближниот како би напредувале, лекувале, помагале, како би се жртвувале за другиот. Нормалноста на Божјото царство е неизмерно важна: има леб за сите, општествениот уредување се заснова на придонес, споделување и распределба со нежност, а не на поседување, исклучување и натрупување, бидејќи на крајот од животот нема ништо да однесеме во другиот свет.

Ситниот вирус и понатаму предизвикува длабоки рани и ја открива нашата физичка, социјална и духовна ранетост. Силно ја изнесе на виделина големата нееднаквост што владее во светот: нееднаквост на можности, добра, пристап до здравство, технологија, образование. Милиони деца не можат да одат на училиште и така натаму. Тие неправди не се ниту природни, ниту неизбежни. Тие се човечко дело, последица на моделот за раст, одвоен од најдлабоките вредности. Фрлање на вишокот храна, од вишокот храна која се фрла би можеле да се нахранат сите. И затоа многумина ја имаат изгубено надежта, а неизвесноста и тешкотиите се зголемени. Затоа, за да би излегле од пандемијата мораме да пронајдеме лек не само за коронавирусот – што е многу важно – туку и за големите човечки и општествено – економски вируси. Не смееме да ги покриеме со ‘површен премаз’ за да не се гледа. Сигурно дека не можеме да очекуваме економскиот модел кој во својот темел има неправеден и неодржлив развој да ги реши нашите проблеми. Не и нема, затоа што не може, дури и ако одредени лажни пророци и понатаму ветуваат ‘каскаден ефект’ до кој никогаш нема да се дојде. Сте слушнале за теоријата за чашата? Важно е чашата да се наполни и така да може да се прелие и за сиромашните и на другите како би имале удел во богатството. Но има еден феномен: чашата започнува да се полни и кога скоро е полна започнува да расте и да расте и да расте, а до прелевање никогаш да не дојде. Тука мораме да бидеме внимателни.

Итно мораме да поработиме на создавање добри политики, да осмислиме системи на општествено уредување во кое се наградува учеството, грижата и великодушноста, а не рамнодушноста, искористувањето и парцијалните интереси. Мораме да одиме напред со нежност. Солидарно и правично општество е поздраво општество. Учесничкото (партиципативното) општество – каде „последните“ се сметаат ‘први’ – го зајакнува заедништвото. Општеството во кое се почитува различност е многу поотпорно на сите видови вируси.

Ова одење кон оздравување да го довериме под заштита на Дева Марија, Богородица на Здравјето. Таа која во утробата го носела Исус, нека ни помогне да имаме доверба. Поттикнати од Светиот Дух, ќе можеме заедно да работиме за Царството Божјо кое Христос го воспостави на овој свет, доаѓајќи меѓу нас. Тоа е Царството на светлоста среде темнина, Царство на правда среде толку навреди, Царство на радост среде толку страдања, Царство на оздравување и спасение среде болести и смрт, Царство на нежност среде омраза. Бог нека ни подари да можеме да ја „вирализираме“ љубовта и да ја глобализираме надежта во светло на верата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот