Генерална аудиенција на Папата: Не треба да се плашиме од Страшниот суд

Драги браќа и сестри, добар ден!

Денес сакам да ја започнам последната низата катехези за нашето исповедување на верата. Ќе зборувам за тврдењето „верувам во живот вечен“, при што ќе можеме да слушнеме што кажува Божјото Слово. Во врска со тоа во Евангелието по Матеј посебно ќе се задржам на последниот суд. Но не мораме да се плашиме: читаме: „А кога ќе дојде Синот Човечки во Својата слава и сите свети ангели со Него… и ќе се соберат пред Него сите народи, па ќе ги оддели едни од други, како што овчарот ги одделува овците од козите… И тие ќе одат во вечна мака, а праведниците – во живот вечен.“ (Матеј 25,31-33.46). Кога размислуваме за Христовото повторно доаѓање и Неговиот последен суд, кој ќе покаже сѐ до неговите крајни последици, доброто кое поединецот го направил или пропуштил да го направи во текот на својот земски живот, чувствуваме дека се наоѓаме пред мистерија која нѐ надминува, која не успеваме дури ни да ја замислиме. Таа мистерија инстинктивно во нас побудува чувство на страв па дури и третерење. Меѓутоа, ако добро размислиме за таа реалност, таа делува утешително за срцето на верникот и претставува голема причина за утеха и доверба.

Во врска со тоа, сведоштвото на првите христијански заедници е многу сугестивно. Тие обич во славењата и молитвата го  употребувале воскликот – Мараната, израз кој се состои од два арамејски збора кои се, зависно од тоа како се напишани, можат да се сфатат како молење: „Дојди Господи!“ односно како сигурност на вдахната вера: „Да, Господ доаѓа, Господ е близу“. Тоа е восклик во кој е врвот на целата христијанска објава, на завршувањето на прекрасната контемплација кое ни се пружи во Откровение од светиот богослов Иван (сп. Откровение 22,20). Во тој случај Црква свршеница во името на целиот човечки род и како негова првина, се обраќа на Христос, својот Свршеник и не може да дочека да ја прегрне: Исусовата прегратка која е полнина на животот и полнина на љубовта. Така нѐ прегрнува Исус. Ако за судот размислуваме низ таа призма, исчезнува секаков страв и неодлучност и се отвоара простор за исчекување и длабока радост: во моментот во кој ќе ни биде судено ќе бидеме конечно подготвени за да бидеме наметнати со Христовата слава, како некоја свадбена облека и одведени на гозба која е слика на полното и конечно заедништво со Бог.

Друга причина – довербата ни пружи тврдење дека во моментот на судот нема да бидеме оставени сами. Самиот Исус во Евангелието по Матеј, најавува како на крајот на времето, оние кои го следеле ќе заземат место во неговата слава и ќе судат заедно со Него (Матеј 19, 28). Апостол Павле, пишувајќи на заедницата во Коринт, вели: „Не знаете ли дека светиите ќе го судат светот? Ако пак, вие го судите светот, не сте ли достојни да судите за помали работи?“ (1Коринтјаните 6, 2-3). Колку е убаво да знаеш дека во тој момент, освен на Христа, нашиот Утешител, нашиот застапник кај Отецот (1Иван 2,1), можеме да сметаме и на застапништвото и благонаклонетоста на многу наши стари браќа и сестри кои ни претходат на патот на верата, кои го принеселе својот живот за нас и кои продолжуваат да нѐ сакаат на неискажлив начин! Светците веќе живеат пред лицето Божјо, во сјајот на Неговата слава, молејќи за нас кој сѐ уште живееме на земјата. Колку само утеха буди во нашето срце таа сигурност! Црквата навистина е мајка и како мајка го бара доброто за своите деца, посебно за оние кои се одделиле од неа и кои се ожалостени, се додека не ја пронајдат својата полнина во Христовото славно тело со сите негови екстремитети

Уште една сугестија ни дава Евангелието од Иван, каде буквално се вели дека „Бог не Го испрати Својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да се спаси преку Него. Кој верува во Него – нема да биде суден, а кој не верува, тој е веќе осуден, зашто не поверувал во името на Единородниот Син Божји“ (Иван 3,17-18). Тоа значи дека оној последниот суд на дело, започнува сега во текот на нашиот живот. Тој суд се изрекува во секој момент на животот, како суд за нашето прифаќање со вера на спасението на присутното и делотворното во Христос, односно нашата невера, која има за последица затворање во самите себе. Меѓутоа, ако ние се затвориме за Исусовата љубов, се осудуваме самите себе. Спасението е отворање за Исус и Тој нас нè спасува; ако сме грешници – а тоа сме сите – да Го замолиме за опростување и ако појдеме кон Него со желба да бидеме добри, Господ ни опростува. Меѓутоа затоа мораме да се отвориме на Исусовата љубов, која е посилна од сè. Исусовата љубов е голема, Исусовата љубов е милосрдна, Исусовата љубов опростува; меѓутоа ти мора да се отвориш, а да се отвориш значи да се покаеш, да се признае она што сме го погрешиле. Господ се даруваше и продолжува да ни се дарува, за да нè исполни нас со милосрдието и милоста на Отецот. Значи, ние сме тие кои во одредена смисла можеме да станеме судии на самите себе, осудувајќи се самите себе на исклучување од заедништвото со Господ и браќата. Затоа неуморно да бдееме над нашите мисли и нашите ставови, како уште сега би ја искусиле топлината и сјајот на Божјото лице – а тоа ќе биде преубаво – која во вечноста ќе ја контемплираме во сета своја полнота. Напред, да мислиме на тој суд кој започнува сега, веќе започна! Напред, да се трудиме нашето срце да се отвори на Исус и Неговото спасение; напред, без страв, бидејќи Исусовата љубов е поголема и ако замолиме опростување на нашите гревови, Тој ни опростува. Таков е Исус. Напред значи со таа сигурност, која ќе нѐ доведе до небеската слава!

Порака за цела Америка

Утре се слави празникот на Мајка Божја од Гвадалупе, заштитничка на цела Америка. По тој повод сакам да ги поздравам сите браќа и сестри од тој континент и додека тоа го правам мојата мисла оди до Мајка Божја од Тепејака. Кога му се укажала на светиот Хуан Диего, имала лице на мешана жена, и нејзините алишта биле полни со знакови на домородната култура. Како Исус, Марија е близу до своите деца, како мајка полна со љубов која ги прати на нивниот пат, ги дели радостите и надежите, трпенијата и тешкотиите на Божјиот народ, составено од секој народ на земјата.

Појавувањето на сликата на Дева Марија на плаштот на Хуан Диего беше пророчки знак на Богорододичната прегратка на сите жители на големите пространства на Америка, оние кои беа таму и кои ќе бидат. Таа Богородичната прегратка го означи патот кој секогаш ја карактеризираше цела Америка: земја каде разни народи можат заедно да живеат, земја која е кадра да го почитува човечкиот живот во сите негови фази, од раѓањето до староста, која секогаш ги прифаќа доселениците како сиромашни и маргинализирани. Тоа е дарежлива земја.

Тоа е порака на Мајка Божја од Гвадалупе, тоа е исто така моја порака, порака на Црквата. Ги повикувам сите жители на американскиот континент широко да ја рашират својата рака како Дева Марија, со љубов и нежност.

Се молам за вас, драги браќа и сестри од цела Америка и ве молам и вие да се молите за мене. Нека радоста на евангелието биде секогаш во вашите срца. Господ да ве благослови и да ве чува Блажена Дева Марија!

Апел на Папата

Вчера Каритас започна кампања во целиот свет против гладот и расфрлањето на храната под мотото: „Едно семејство – храна за сите“. Соблазната за милиони лица кои страдаат од глад не смее да нè парализира, туку да нè поттикне сите: поединци, заедници, институции, влади, да работиме на отстранување на таа неправда. Исусовото евангелие ни покажува пат: да се надеваме на провидноста на Отецот и да го делиме лебот секојдневен и да не се расфрла. Го поттикнувам Каритас да ја продолжи таа работа и ги повикувам сите да се приклучат на тој „бран“ на солидарност.

РВ/С.С.+ Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот