Генерална аудиенција: Молитвата е средба со Бог

Генерална аудиенција: Молитвата е средба со Бог

Од денес 4 ноември 2020 година, поради пандемијата, традиционалната Генерална аудиенција во среда повторно се одржува и се емитува во живо преку Интернет од Библиотеката во Апостолската палата. Во центар на катехезата на Папата беше важноста за негување на внатрешниот живот, без кој „стануваме мажи и жени во бегство“ – рече Папата. Катехезата ја пренесуваме во целост.

Драги браќа и сестри,

За жал мораме да се вратиме на ваков начин на аудиенција, во библиотеката, како би се заштитиле од заразата од коронавирусот. Тоа нѐ учи дека треба да бидеме многу внимателни на предупредувањата од надлежните, дали тоа се политички или здравствени власти, како би се заштитиле од заразата предизвикана од пандемијата. Да му ја прикажеме на Господ оваа меѓусебна оддалеченост за доброто на сите и да мислиме на оние кои веќе се отфрлени, да се сетиме на лекарите, медицинските сестри и техничари, волонтерите, да се сетиме на многумина кои во овие моменти работат со болните и така ги ризикуваат сопствените животи, но тоа го прават од љубов кон своето звање, од љубов кон ближниот. Да молиме за нив. Благодарам.

За време на својот јавен живот Исус постојано ја истакнува силата на молитвата. Евангелијата тоа ни го покажуваат кога Исус се повлекува на осамени места на молитва. Тие трезвени и дискретни забележувања ни овозможуваат да се обидеме да ги замислиме тие молитвени дијалози. Меѓутоа, тие јасно сведочат дека, дури и во моментите на најголема посветеност кон сиромашните и болните, Исус никогаш не го занемарил својот интимен дијалог со Отецот. Напротив, бил повеќе потонат во потребите на другите и повеќе чувствувал потреба за одмор во заедништво со Тројството, односно со Отецот и Светиот Дух.

Од тука во Исусовиот живот постои тајна, сокриена од човечките очи, која е упориште на сѐ. Исусовата молитва е таинствена реалност во која само нешто претпоставуваме, но која ни овозможува целото Негово послание да го прочитаме од вистинска перспектива. Во тие часови на осаменост, пред зората или во ноќта, Исус се потонува во својата блискост со Отецот, односно во Љубов за која секоја душа жеднее. Тоа е она што се истакнува од првите негови денови на јавно служење.

На пример, една сабота во градот Капернаум се претвора во “полска болница“: после зајдисонце кај Исус ги доведуваат сите болни, а Тој ги оздравува. Меѓутоа, пред зората исчезнува: се повлекува на самотно место и моли. Симон и останатите го бараат и кога ќе го пронајдат му велат: Сите Те бараат!. А Исус одговара: „Да појдеме до блиските села и градови, и таму да проповедам, зашто затоа сум излегол.« (сп. Марко 1,35-38). Исус секогаш е напред, пред заминување на други места го моли Отецот и гледа подалеку од хоризонтот и другите народи.

Молитвата е кормило која го води Исусовиот пат. Успеси, договори, реченицата ‘Сите те бараат’, не ја одредуваат фазата на Неговото послание. За да се влезе во трага на Исус, треба да се чекори по помалку пријатниот пат, кој се покорува на вдахновението на Отецот, кого Исус го слуша и прифаќа во својата лична молитва.

Катехизмот вели: Кога Исус моли, тој веќе нѐ учи да молиме (бр. 2607). Затоа од Исусовиот пример можеме да забележиме некои карактеристики на христијанската молитва.

Пред сѐ христијанската молитва има првенство: таа е прва желба на денот, нешто што се прави во зора, пред да се разбуди светот. Таа ја враќа душата на оној кој инаку би останал без здив. Ден поминат без молитва би можел да се претвори во непријатно или досадно искуство: сѐ што ни се случи би можело да се преобрази во лоша толерантна и слепа судбина.

Наместо тоа Исус воспитува за послушност на реалноста, односно нѐ учи на слушање. Молитвата е пред сѐ слушање и средба со Бог. Секојдневните проблеми не стануваат пречка, туку повици од самиот Бог на слушање и сретнување со Оној кој е пред мене. Искушенијата во животот така се претвораат во можност за раст во верата и љубовта. Секојдневното чекорење, кое вклучува и тешкотии, стекнуваме можност за ‘звање’. Молитвата има моќ во добро да го претвори она што во животот инаку би било осуда; таа има моќ да отвори голем хоризонт за умот и да го прошири срцето.

Второ, молитвата е уметност која треба упорно да се практикува. Самиот Исус ни вели: Чукајте, чукајте! Сите знаме да молиме од време на време, молитви кои се  раѓаат од моменталните чувства, но Исус нѐ воспитува за друг вид молитва: онаа која познава дисциплина, вежба и која претставува правило во животот. Постојаната молитва пронаоѓа прогресивна преобразба, нѐ прави силни во време на неволји, дава милост со која нѐ подржува Оној кој нѐ љуби и која секогаш нѐ штити.

Уште една карактеристика на Исусовата молитва е осаменоста. Оној кој моли, не бега од светот, туку повеќе ги сака осамените места. Таму, во тишина, може да се слушнат бројни гласови кои ги скриваме во себе: најпотиснатите желби, вистини кои постојано ги загушуваме. И над сѐ, во тишината Бог зборува. Секој човек има потреба од простор за себе, каде може да го негува сопствениот внатрешен живот, каде активностите наоѓаат смисла. Без внатрешниот живот стануваме површни, вознемирени, растресени. Вознемиреноста нѐ уништува, затоа мораме да молиме. Без внатрешната молитва бегаме од реалноста, но и од самите нас.

Исусовата молитва е место на кое забележуваме дека сѐ доаѓа од Бога и се враќа кај Него. Понекогаш ние луѓето веруваме дека сме господари на сѐ; или спротивно, ја губиме секоја смисла за почит кон самите себе. Ние, жените и мажите, сме тие кои постојано бегаат. Молитвата ни помага да ја пронајдеме вистинската димензија во односот со Бог, нашиот Отец и со сите созданија.

И на крај, Исусовата молитва е предавање во рацете на Отецот, како што во Маслиновата градина со вознемиреност рече: ‘Оче ако е можно нека ме одмине… но нека биде не мојата, туку твојата волја.’ Потполно препуштање во рацете на Отецот. Кога сме малку возбудени, загрижени, тогаш е убаво да се помолиме. Тогаш Светиот Дух нѐ менува одвнатре и нѐ доведува да се препуштиме во рацете на Отецот: ‘Оче нека биде твојата волја.’

Драги браќа и сестри, во Евангелието одново го откриваме Исус Христос како учител на молитвата и да појдеме во Неговото училиште. Ќе пронајдеме радост и мир.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот