Генерална аудиенција: Лицемерот не знае да сака

Генерална аудиенција: Лицемерот не знае да сака

Папата Фрањо во среда 25 август 2021 година на Генералната аудиенција во салата Павле VI зборуваше за „вирусот на лицемерие“ што го води човекот да се преправа, наместо да биде она што е.

Во својата катехеза, Папата го коментираше Посланието до Галатјаните, во кое се зборува како Павле се спротиставува на Кифа, односно Петар, поради неговото јадење со неевреите. На Евреите им било забрането со закон да јадат со неевреите. Во Антиохија, Петар претходно бил на маса без никакви потешкотии со христијаните кои дошле од паганството. Меѓутоа, кога обрежаните христијани пристигнале во градот од Ерусалим, тој веќе не го правел истото за да не добие критики од нив. Така, Петар ненамерно во заедницата направи неправедна поделба – забележа Папата.

Што е лицемерие? Може да се каже дека тоа е страв од вистината. Лицемерот се плаши од вистината. Повеќе сака да се преправа, отколку да биде она што е. Тоа е како разубавување на душата, разубавување на однесувањето, разубавување на начинот на постапување; но тоа не е вистина – истакна папата Фрањо и потсети дека во Библијата можеме да најдеме повеќе примери за борба против лицемерието, како што е, на пример, стариот Елеазар. Од него било побарано да се преправа дека јаде жртвено месо на паганските богови како би си го спасил животот. Евангелијата од друга страна пак известуваат за различни ситуации во кои Исус одлучно ги укорува оние што изгледаат праведно однадвор, но однатре се полни со лаги и беззаконија (сп. Матеј 23, 13-29).

Лицемер е човек кој се преправа, ласка и лаже, затоа што живее со маска на лицето и нема храброст да се соочи со вистината. Затоа и не е способен вистински да љуби; лицемерот не знае да сака – додаде Папата – се ограничува на себичен живот и нема сила јасно да покаже што има во неговото срце.

Има многу ситуации во кои може да се забележи лицемерие. Често се крие на работното место, но и во политиката – според Папата – не е невообичаено да се најдат лицемери. Меѓутоа, лицемерието во Црквата е посебно за осуда. Никогаш не смееме да ги заборавиме Господовите зборови: „Но зборот ваш да биде: да, да, – не, не, а сè што е повеќе од тоа, од лукавиот е“. Да се дејствува поинаку значи да се загрози единството во Црквата, она за кое се молеше самиот Господ – истакна папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот