Генерална аудиенција: Да го ослободиме срцето од заблуди за да можеме да Го видиме Бог

Генерална аудиенција: Да го ослободиме срцето од заблуди за да можеме да Го видиме Бог

Шестото блаженство „Блажени се чистите по срце, оти тие ќе Го видат Бога“ беше во центарот на катехезата на Генералната аудиенција заради пандемијата од коронавирусот одржана во библиотеката на Апостолската палата.

За да го видиме Бог треба да го ослободиме срцето од заблуди – рече папата Фрањо за време на Генералната аудиенција која заради епидемијата со коронавирусот од 11 март се одржува во библиотеката на Апостолската палата. Продолжувајќи со серијата катехези за блаженствата, Папата зборуваше за шестото блаженство, односно за чистото срце како услов потребен за да го видиме Бог: „Блажени се чистите по срце, оти тие ќе Го видат Бога.“

Шестото блаженство ни ветува гледање на Бог, а условот за тоа е чисто срце. Како да се постигне таа близина и да го запознаеме Бог со очите? – праша Папата и го даде примерот со учениците од Емаус, кои Исуса Го имале покрај себе, „но очите им се замрежија за да не Го познаат“ (Лк 24,16). Господ ќе го отвори нивниот поглед дури на крајот од патот чиј врв бил прекршувањето на лебот, а кој започнал со укорот: „О, безумни и тврди по срце, да верувате во сè што рекле пророците!“ (Лк 24,25) Од таа причина е нивното слепило: нивното безумно и тврдо срце. Кога срцето е безумно и тврдо не се гледа добро, работите се замаглени – истакна Папата.

Во тоа е мудроста на тоа блаженство; за да можеме да контемплираме треба да влеземе во себе и да направиме место за Бог затоа што како што вели свети Августин: Бог ми е поблизок, отколку јас самиот на себе („interior intimo meo“; Исповеди, III, 6, 11). „За да го видам Бог не треба да ги променам наочарите или точката на набљудување или пак да ги промениме теолошките автори кои ќе ми го покажат патот, треба напротив да го ослободам срцето од заблудите! Тоа е единствениот пат“ – истакна папата Фрањо.

Тоа е одлучувачката зрелост кога ќе сфатиме дека нашиот најлош непријател често е сокриен во нашето срце – рече Светиот Отец. Најблагородна борба е она против внатрешните заблуди кои ги создаваат нашите гревови, затоа што гревовите го менуваат внатрешното гледање, ја менуваат проценката на работите, покажуваат работи кои не се вистинити. За да сфатиме што е „чисто срце“ Папата потсети на библиското сфаќање на срцето според кое срцето не е само во чувствата, туку тоа е „најсокриеното место на човечкото битие.“

Човекот чист по срце живее во Господовото присуство, чувајќи го во срцето она што е достојно за односот со Него; единствено така има „изедначен“ живот, рамномерен, едноставен, а не извртен. Тоа е плод на еден процес кој бара ослободување и откажување. Човек чист по срце, не се раѓа таков, туку доживеал внатрешно поедноставување и научил да го откажува во себе злото. Во Библијата тоа се нарекува „обрезание на срцето“ (Језекиил 44,9; Јеремија 4,4).

Станува збор за внатрешно прочистување кое вклучува препознавање на оној дел од срцето кој е под влијание на злото, за да се научиме да се препуштаме секогаш на поучувањето и водството на Светиот Дух. По тој пат ќе дојдеме до тоа за да можеме да Го видиме Бог. „Патот од болно срце, од грешно срце од срце кое не може добро да ги гледа работите затоа што е во гревови, до полнота на светлината во срцето, дело на Светиот Дух. Он е Тој Кој нè води на тој пат“ – напомена Папата.

Во тоа гледање кое го дава блаженството, како во сите блаженства постои идна есхатолошка димензија, а тоа е радоста за Царството небесно кон кое одиме. Меѓутоа постои уште една димензија – напомена Папата. Да го видиш Бог значи да го сфатиш планот на Провидноста во она што ни се случува, да Го препознаеш Неговото присуство во светите Тајни, во браќата, најмногу во сиромашните и оние кои трпат, и да Го препознаеш таму каде Он се покажува.

Затоа тоа блаженство – според зборовите на Папата, на некој начин е резултат на претходните. Ако сме ја послушале жедта за доброто кое престојува во нас, и ако сме свесни дека живееме од милосрдието, започнува патот на ослободувањето кое трае цел живот и нè води до Небото. Таа е сериозна работа која ја извршува Светиот Дух ако Му дадеме простор; тоа е Божјо дело во нас и во искушенијата и во прочистувањата во животот. Да не се плашиме да ја отвориме за Светиот Дух вратата на своето срце за да нè очисти и да нè води по тој пат кон полна радост – рече на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот