Генерална аудиенција: Во тешките ситуации да го повикаме свети Јосиф

Генерална аудиенција: Во тешките ситуации да го повикаме свети Јосиф

Во последната катехеза посветена на свети Јосиф, Папата го објасни неговиот наслов „заштитник на Католичката црква“. Црквата е народ на пат со многу ограничувања, но со голема желба да му служи на Бога и да го љуби; да ја заштитиме како што свршеникот на Марија ја штити неа и Исус, рече Папата.

Со денешната катехеза на Генералната аудиенција во среда 16 феваруари 2022 година, папата Фрањо ја заврши серијата размислувања посветени на Свети Јосиф, надополнувајќи го Апостолското писмо Patris corde, напишано од Папата по повод 150. годишнината од прогласувањето на свети Јосиф за заштитник на Католичката црква, според одлуката на блажениот папа Пио IX.

„Ангел Господов му се јави на Јосифа в сон, велејќи: „Стани, земи Го Младенецот и мајка Му, па бегај во Египет и остани таму дури не ти кажам, (…). И тој стана, Го зеде Младенецот и мајка Му ноќно време, па отиде во Египет (Матеј 2,13-14).

Чувај го животот и човечкиот развој

Самото Евангелие ни го објаснува значењето на насловот даден на свршеникот на Марија. Имено, пишува дека Јосиф ги зема со себе Младенецот и мајка му и го прави она што Бог му заповедал. Задачата на Јосиф е да ги заштити Исуса и Марија, да ги заштити оние кои се најскапоценото богатство на нашата вера. Наше е да го сториме истото – рече Папата и додаде: Ова е многу убава карактеристика на христијанскиот повик: да заштитува. Да се заштити животот, да се заштити човечкиот развој, да се заштити човечкиот ум, да се заштити човечкото срце, да се заштити човечката работа… Христијанинот е – можеме да кажеме – како свети Јосиф; треба да заштитува. Да се биде христијанин не значи само да се прими верата, да се исповеда верата, туку да се заштити животот, сопствениот живот, животот на другите, животот на Црквата – истакна Папата.

Свети Јосиф – чувар на Исус и Марија

И Исус и неговата мајка доживеале состојба на слабост и им била потребна заштита и грижа. Во оваа смисла – рече Папата, цитирајќи зборови од Апостолското писмо Patris corde – Свети Јосиф не може, а да не биде чувар на Црквата, бидејќи Црквата е продолжение на Телото Христово во историјата, а во исто време во мајчинството на Црквата е назначено мајчинството на Марија. Јосиф, продолжувајќи да ја штити Црквата, продолжува да ги штити Младенецот и неговата мајка; а ние, сакајќи ја Црквата, продолжуваме да ги сакаме Младенецот и неговата мајка.

Јосиф, заштитник на оние во потреба

Тоа Младенец е Оној што ќе рече: Доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле (Mатеј 25,40). Затоа секој кој е гладен и жеден, секој странец, секој мигрант, секој без облека, секој болен, секој затвореник е „Младенецот“ што Јосиф го штити. И ние сме повикани да ги заштитиме тие луѓе, нашите браќа и сестри, како што направи Јосиф. Затоа го повикуваме како заштитник на сите сиромашни, прогонети, ужалени и кои се на умирање – објасни папата Фрањо.

Ја сакаме ли Црквата?

И ние мора да научиме од Јосиф да ги „чуваме“ тие добра: да го сакаме Младенецот и неговата мајка; да ги сакаме светите Тајни и Божјиот народ; да ги сакаме сиромашните и својата парохија. Секоја од овие реалности е Младенецот и неговата мајка. Вообичаено е денес, секојдневно, да се критикува Црквата, да се укажува на нејзините недоследности – а ги има многу! – да се истакнуваат гревовите, кои всушност се наши недоследности, бидејќи Црквата отсекогаш била народ на грешници кои наидуваат на Божјата милост. Да се запрашаме, во длабочините на нашите срца, дали ја сакаме Црквата таква каква што е – поттикна Папата. Божјиот народ во одење, со многу ограничувања, но со голема желба да му служи и да го љуби Бога. Имено, само љубовта нѐ прави способни во потполност да ја зборуваме вистината, на неедностран начин; да се каже што не е во ред, но и да се препознае сето добро и светоста која ја има Црквата.

Ние сме Црквата

Истакнувајќи дека треба да ја сакаме Црквата и да одиме со неа, Папата истакна дека Црквата не е онаа мала група која е блиска до свештеникот и им заповеда на сите. Не, Црквата сме сите ние. На пат. Мораме да се заштитуваме еден друг, взамено да се чуваме. Добро е прашањето: кога имам проблем со некого, дали се трудам да го заштитам или веднаш го осудувам, озборувам и уништувам? – праша Папата и повторно истакна? Да заштитуваме, секогаш треба да заштитуваме.

Во тешкотии молете застапништво од свети Јосиф

Папата потоа ги поттикна сите верници да се молат на свети Јосиф, особено во тешките моменти од сопствениот живот и животот на нивните заедници. Во историјата на Црквата многумина тоа го правеле. Онаму каде што нашите грешки стануваат соблазна, да го молиме свети Јосиф да имаме храброст да ја кажеме вистината, да се молиме за прошка и понизно да започнеме одново. Онаму каде што прогонството го спречува проповедањето на Евангелието, да му се молиме на свети Јосиф за сила и трпение за да можеме да знаеме како да го издржиме насилство и страдањето од љубов кон Евангелието. Онаму каде што ни недостигаат материјални и човечки ресурси и искусуваме сиромаштија, особено кога сме повикани да им служиме на последните, незаштитените, сираците, болните, отфрлените од општеството, да го молиме Свети Јосиф да биде за нас Промисла – рече Папата.

Молитва до свети Јосиф

На крајот од катехезата, Светиот Отец ги поттикна сите присутни да го повикаат свети Јосиф со молитвата, со која завршува Апостолското писмо Patris corde, доверувајќи му ја на свето Јосиф на посебен начин Црквата која страда и е во искушенија.

Те поздравуваме, чувару на Откупителот и свршеник на Дева Марија. Бог ти го довери својот Син; на тебе Марија се довери; покрај тебе Христос стана човек. О, блажени Јосифе, покажи ни се и на нас како татко и води нè по патот на животот.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот