Генерална аудиенција: Исус се моли за сите нас

Генерална аудиенција: Исус се моли за сите нас

Во последната катехеза за молитвата, за време на Генералната аудиенција во среда 16 јуни 2021 година, во дворот Свети Дамас, папата Фрањо повика на храброст и надеж да го почувствуваме присуството на Христос во нас: нашите животи нека бидат за „Божја слава“

Драги браќа и сестри, добар ден!

Во оваа серија на катехези, повеќе пати потсетив дека молитвата е една од најочигледните одлики на Исусовиот живот: Исус молеше и тоа многу. За време на своето послание, Исус потонува во молитва, бидејќи дијалогот со Отецот е „вжарена срж“ на целиот негов живот.

Евангелијата сведочат дека молитвата на Исус станала уште поинтензивна и погуста во часот на неговото страдање и смрт. Овие настани од кулминацијата на неговиот живот ја сочинуваат сржта на христијанското проповедање: тие последни часови кои Исус ги помина во Ерусалим се срцето на евангелието, не само затоа што евангелистите му посветуваат размерно повеќе простор на овие извештаи, туку и затоа што настанот на смртта и воскресението – како молња – го расветлува остатокот од животот на Исус. Тој не беше некој филантроп посветен на човечкото страдање и болести: тој беше и е многу повеќе. Во него не постои само добрина: има нешто повеќе, има спасение, а не епизодно спасение – она кое ме спасува од болест или момент на очај – туку целосно спасение, месијанско, оној кој дава надеж за конечна победа на животот над смртта.

Во деновите на неговата последна Пасха, го наоѓаме Исус, целосно потонат во молитва.

Тој искажува драматична молитва во Гетсиманската градина – го слушнавме тоа – опфатен со смртна мака. Сепак, во тој момент Исус му се обраќа на Бога нарекувајќи го „Ава“, Оче (сп. Марко 14,36). Овој збор на арамејски јазик – тоа е јазикот на кој Исус зборувал – изразува близина, доверба. Токму кога чувствува како темни облаци надвиснуваат над него, Исус ги растерува со тој збор: Ава, Оче.

Исус моли на крстот, таинствено обвиткан во Божјата тишина. Сепак, зборот „Оче“ повторно се појавува на неговите усни. Ова е најусрдната молитва, бидејќи на крстот Исус е апсолутен застапник: тој се моли за другите, се моли за сите, дури и за оние кои го осудуваат, а никој не застанува на негова страна, освен кукавиот злосторник. Сите беа против него или рамнодушни, само тој злосторник препознава моќ. „Оче, прости им, зашто тие не знаат што прават“ (Лука 23,34). Среде драмата, во ужасната болка на душата и телото, Исус се моли со зборови од псалмите; со сиромашните на овој свет, особено со оние кои сите ги заборавиле, тој ги изговара зборовите на Псалм 21, кои со себе носат трагичен призвук: „Боже мој, Боже мој, зошто ме остави?“ (р. 2) Тој се чувствуваше напуштен и се молеше. Дарот на Отецот кој нуди љубов се остварува на крстот, односно се остварува нашето спасение. И уште еднаш му се обраќа со „Боже мој“, „Оче, во твои раце го предавам својот дух“, односно сè, сè е молитва, во долгото три часовно мачење на крстот.

Исус затоа се моли во одлучувачките часови на маки и смрт. А со воскресението, Отецот ќе ја услиша таа молитва. Молитвата на Исус е моќна, молитвата на Исус е единствена и станува исто така пример за нашата молитва. Исус се молеше за сите, се молеше и за мене, за секој од вас. Секој од нас може да каже: „Исус се молеше за мене на крстот“. Тој се молеше. Исус може да му каже на секој од нас: „Се молев за тебе, на Последната вечера и на дрвото на Крстот“. Дури и во најболните страдања низ кои поминуваме, никогаш не сме сами. Исусовата молитва е со нас. „И сега, оче, еве, туку ние што го слушаме ова, дали Исус се моли за нас?“ Да, тој продолжува да се моли, бидејќи неговиот збор е она што ќе ни помогне да одиме напред. Но, молете се и запомнете дека Тој се моли за нас.

И тоа ми се изгледа најубаво за паметење. Ова е последната катехеза од овој циклус за молитвата: мора да се сеќаваме на благодатта не само да молиме, туку дека, така да се каже, молитвата претходи на нас, дека однапред сме прифатени во Исусовиот дијалог со Отецот во заедништво со Светиот Дух. Исус се моли за мене: секој од нас ова може да го всади во своето срце: не смееме да заборавиме. Дури и во најтешките моменти. Ние веќе сме прифатени во дијалогот на Исус со Отецот во заедништво на Светиот Дух. Ние сме посакувани во Христос Исус и во часот на страдањето и воскресението, сè е принесено за нас. И така, со молитвата и со животот, едноставно мора да имаме храброст, надеж и со таа храброст и надеж да се надеваме дека силно ќе ја чуеме Исусовата молитва и ќе одиме напред: нашиот живот нека биде за Божја слава со свесност дека Тој го моли за мене Отецот, дека Исус се моли за мене.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот