Генерална аудиенција: Да навестуваме за Божјата близина

Генерална аудиенција: Да навестуваме за Божјата близина

На Генералната аудиенција, папата Фрањо размислуваше за христијанското навестување на Божјата близина и ги охрабри присутните верници да црпат сила од нивниот однос со Исус за да можат заедно со благост да го проповедаат Евангелието

Светиот Отец на Генералната аудиенција во среда 15 февруари 2023 година во Ватикан ја продолжи серијата катехези за апостолската ревност – евангелизацијата.

Се осврна на мисионерскиот говор што Исус им го упати на своите ученици во Евангелието по Матеј набргу откако ги повика.

Доаѓате или одите?

Папата истакна дека Исус ги повикал дванаесетте апостоли да бидат со него за потоа да ги испрати да проповедаат.

Тој укажа на двојното делување да се биде со и да се излегува на Исусовиот повик, истакнувајќи дека христијанската мисионерска активност започнува со средбата со Христос и се оди кон надвор.

Да се сведочи за него значи да зрачиме со него. Но, ако не ја примиме неговата светлина, ќе згаснеме. Ако не одиме со него, ќе се носиме самите себе наместо него и сѐ ќе биде залудно.

Тој додаде дека Исус ги испраќа своите ученици веднаш откако ги повика, што покажува дека мисионерското искуство е составен дел од христијанската формација.

Божјата слободно дадена љубов

Папата Фрањо продолжи да размислува за три аспекти на христијанското навестување: зошто, што и како да се навестува.

Исус, рече Папата, со неколку концизни зборови објаснува зошто: Бесплатно примивте, бесплатно давајте!

Слободно дадената Божја љубов нѐ исполнува и природно сме поттикнати да ја споделиме таа љубов со другите, рече Папата.

Божјата близина

Светиот Отец забележа дека она што го навестуваме е поврзано со близината на царството небесно.

Најважниот аспект на проповедањето, рече папата Фрањо, е дека Бог е близу.

Полесно е да се поттикнат луѓето да го љубат Бога, отколку да му дозволиме Тој да нѐ љуби.

Папата рече дека христијанското проповедање мора да го стави Бог на прво место и треба да дозволиме да бидеме обликувани од неговата љубов и делување.

Благост во проповедувањето

Римскиот бискуп потоа опширно зборуваше за тоа како да се навестува, при што истакна дека тоа го сочинува најдолгиот дел од Исусовиот мисионерски говор.

Тој ни зборува дека начинот и стилот се клучни елементи за сведочење. Слушнете какви Тој сака да бидеме: Јас ве праќам како овци меѓу волци.

Папата додаде дека Исус никогаш не бара од нас со волците да се соочиме со контрааргументи или добро подготвена одбрана на верата.

Напротив, Исус им кажува на своите ученици да бидат нежни и невини, подготвени да се жртвуваат. А тој пак ќе ги заштити своите јагниња од волците, но само ако останат скромни како јагниња.

Мисионерско единство

Папата Фрањо на крајот истакна дека Исус вели заедно да одиме во мисии без никаква материјална сигурност и световност, надевајќи се само на Божјата промисла.

Апостолската црква е потполно мисионерска и во посланието го наоаѓа своето единство, рече Светиот Отец. Значи, напред, кротки и добри како јагниња, без световност, заедно!

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот