Времињата се менуваат и христијаните треба да се менуваат

Верниците се повикани да ги читаат знаците на времињата и да се менуваат постојано, останувајќи секогаш верни на Евангелието. На тоа повика папата Фрањо за време на утринската литургија во петок 23 октомври во домот Санта Марта во Ватикан.

Папата се задржа на способноста на Црквата да проценува, гледајќи ја сегашноста без да паѓа во конформизам, туку вдахновувајќи се со молитвата.

Папата Фрањо се задржа на извадокот од посланието до Римјаните, во кое свети Павле проповеда „со силата на слободата која нè спаси од гревот“ (7, 18-25). Но исто така и евангелскиот извадок во кој Исус зборува за „знаците на времињата“, нарекувајќи ги лицемери оние кои ги разбираат, но не го прават она што го бара времето на Синот Човечки (Лк. 12, 54-59). „Бог нѐ создаде слободни и за да ја имаме таа слобода, треба да се отвориме кон силата на Светиот Дух и да го разбереме подобро она што се случува внатре и надвор од нас, преку духовната проценка, рече Папата:

„Ја поседуваме слободата да проценуваме што се случува надвор. Но за да проценуваме, треба и да го познаваме добро она што се случува. Како може да се направи тоа нешто што Црквата го дефинира како „препознавање на знаците на времињата“? Времињата се менуваат. Својствено е на христијанската мудрост да ги препознава тие промени, да ги препознава различните времиња и да ги препознава знаците на времињата. Какво е значењето на едно нешто и значењето на нешто друго. Ова треба да се прави без страв и со слобода“.

Папата Фрањо призна дека тоа не е лесно, бидејќи има премногу надворешни фактори кои влијаат на христијаните и се наведуваат многумина од нив кон една „удобна неактивност“:

„Тоа е работа која во принцип ние не ја вршиме: се поистоветуваме и се успокојуваме со зборови како што се „ми рекоа, слушнав, луѓето велат, читав …“ (…) на тој начин сме спокојни. Но каква е вистината? Што е пораката што Господ сака да ми ја даде со овој знак на времето? За да се разберат знаците на времињата пред сè е потребно молчење и набљудување, по што следи лично размислување. Пример: Има толку многу војни сега! Зошто се случува ова? Следи молитва … тишина, размислување и пак молитва. Само така можеме да ги разбереме знаците на времињата кои Исус сака да ни ги покаже“.

Разбирањето на знаците на времето не е привилегија на културната елита, посочи Папата. „Исус не вели: погледнете како прават академиците, професорите или интелектуалците. Исус им зборува на обичните луѓе, кои во „нивната едноставност можат да го разликуваат житото од каколот“:

„Времињата се менуваат и ние христијаните треба да се менуваме постојано. Треба да се менуваме бидејќи сме окрепени со верата во Исус Христос, окрепени во вистината на Евангелието, но нашето однесување треба да биде раководено од знаците на времињата. Ние сме слободни. Слободни сме за дарот на слободата, која ни ја даде Исус Христос. Наша обврска е да гледаме што се случува во нас, да ги проценуваме нашите чувства и мисли; но исто така и она што се случува надвор и да проценуваме и ги препознаеме знаците на времињата. Со молчење, размислување и молитва“.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот