Во Штип осветена Католичката црква Благовештение

Штип, 12.5.2013 /к.мк/ – Со света Миса во недела 12 мај во Штип е осветен Пасторалниот центар и црква Свето Благовештение. Осветувањето и светата Миса ги предводеше Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија монс. д-р Киро Стојанов во заедништво со Апостолскиот нунциј во Република Македонија, архиепископот Јанош Болонек и голем број свештеници.

Во своето обраќање монс. д-р Киро Стојанов се заблагодари на Апостолскиот нунциј архиепископот монс. Јанош Болонек за поздравите од Светиот Отец Фрањо, подршката, како и за духовното охрабрување во проповедта, но исто така се заблагодари и на сите дарователи на овој свет храм и сите оние кои на било кој начин допринесоа за изградбата. Обраќањето го искористи да се заблагодари и на локалните власти од Штип, за нивната отвореност за соработка, како на претходниот градоначалник Зоран Алексов, така и на новоизбраниот градоначалник Илчо Захариев, кои исто така беа присутни на оваа свеченост.

Се радуваме што на поранешниот постоечки веќе дотраен објект, пред четири години го поставивме камен темелникот на овој нов објект и претставува едно богатство кој што ќе служи за доброто на нашите верници овде во Штип, меѓутоа и за сите штипјани, изјави монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија.

Новиот вселенски пастир на Црквата ве благословува и ја споделува со вас радоста за успешното завршување на ова големо дело – изјави монсињор Јанош Болоњек, Апостолски нунциј на Светата Столица во Република Македонија. При тоа Апостолскиот нунциј Болонек во името на папата Фрањо на бискупот Стојанов му предаде литургиска одежда, наменет за новата Црква во Штип.

По повеќе од 50 години во Штип верниците од католичка вероисповед повторно добија своја црква, која се наоѓа во близна на зградата на Народниот театар – Штип и во наредните месеци светата Миса ќе се служи секоја недела и празници со почеток во 9.00 часот. (го*ко/фото: С. Кирил+с.К.)

Категорија: Македонија

За авторот

Write a Comment

<