Во Скопје свечено прославен празникот Педесетница

На 24 мај 2015 година, на празникот Духови – Педесетница, во скопската катедрала Пресвето Срце Исусово, Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија монс. д-р Киро Стојанов ја предводеше свечената света Литургија, на која подели света Тајна Крштение на четворица кои се подготвуваа за тоа, света Тајна Миропомазание на тринаесет млади, како и шестмина кои ги прими во полно заедништво со Католичката Црква.

Во концелебрација со бискупот беа скопскиот парох дон Давор Топиќ, директорот на Македонски Каритас монс. Антун Циримотиќ и скопскиот викар дон Јошт Мезег.

Во проповедта бискупот Стојанов рече: „На последната вечера Исус ја искажа најубавата молитва, која воопшто беше упатена до Бога, таа е и Негова Големо свештеничка молитва. Апостолите восхитено слушале како нивниот Учител ги упатува своите зборови и ја воздигнува душата до својот Отец Небесен. Во таа молитва е вметната сржта на Новиот и Вечниот сојуз кој што кратко после молитвата го склопи со своите ученици – со целото човештво. Слушнавте како Духот се покажува на апостолите и на сите кои тој ден поверуваа во Исус. Првиот и вистински роденден на Црквата е овој. Посланието на Црквата според волјата на Исус е: „Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието…“ (Мк 16,15-16). Драги миропомазаници ете пред нас е од самите извори на верата дадено посланието на Црквата. До вас кои сте дојдени на оваа Евхаристија довикувам: Вие сте Црква. Ќе примите печат дар на Светиот Дух и така зацврстени со помазанието на Духот ќе се упатите во животот на месијанскиот пат. Ако сте вие Црква, а тоа сте, тогаш и пред вас ја ставам таа задача што Исус ја постави пред првата Црква: Одете и навестувајте ја Радосната вест на спасението“.   

После проповедта парохот му ги претстави на бискупот шесттемина кои се подготвуваа за влез во полно единство со Црквата, и затоа тие со своите кумови пристапија пред бискупот и заедно со собраната заедница ја исповедаа верата молејќи го никејско цариградското верување. После молитвата, бискупот Стојанов им пријде на новопримените па ги прими нивните раце во своите како знак и израз на добредојде во Црквата. Собраната заедница на верници со долго ракоплескање ги поздрави новопримените верници.

Потоа следеше обредот на крштение за четворица кои се подготвуваа за оваа света Тајна. Обредот почна со молитва на бискупот, па пеење на литанија, благослов на вода, чинот на крштевањето и давање на запалените свеќи од кумовите. После крштевањето следеше песна.

После доаѓањето на бискупот во презвитериумот парохот најави дека сега ќе следи светата Тајна Миропомазание за 13 верници, па ги претстави по име. После молитвата на полагање на раце, бискупот пристапи па има ја подели светата Тајна Миропомазание.

На крајот од светата Литургија парохот им честиташе на миропомазаниците и новопримените во полно заедништво со Црквата, па им се заблагодари на с. Анџелина Јаковиќ, усмиленка и на проф. Дарко Мајдиќ, дипл. теолог за катехизацијата на оние кои се подготвуваа, за пренесувањето на верата низ минатата пасторална година. Исто така се заблагодари на бискупот на татковските зборови, а миропомазаниците во знак на благодарност му поклонија на бискупот мал дар.

За време на светата Литургија пееше парохискиот катедрален хор под диригенство на с. Татјана Атанасова, а кон свеченото литургиско славење придонесоа и министрантите.

к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

 

Категорија: Македонија

За авторот