Во Скопје прославен патрониот празник на црквата Свети Јосиф на Бит Пазар

На празникот Свети Јосиф свршеник на Блажена Дева Марија, 19 март 2014 година во капелата Свети Јосиф на Бит Пазар во Скопје, со свечено Евхаристиско славење кое го предводеше Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс. др. Киро Стојанов, се прослави патрониот празник на црквата. Во прославата на овој празник сослужуваа Генералниот викар монс. Антун Циримотиќ, скопскиот парох дон Давор Топиќ, канцеларот о. Марјан Ристов и парохот од Куманово и водител на заедницата „ад Гентес“ дон Хуан Маниел Кастро, како и церемонијал, богословот Бошко Чатлак (Редемпторис Матер)

На почетокот од Евхаристиското славење парохот ги поздрави сите присутни и на бикупот му посака добредојде, при што истакна дека „верата и довербата на свети Јосиф се темелат на слушањето на Бог, а свети Јосиф бил отворен за слушање и така бил на располагање и станал отворен пат за делување, поради што ни е пример во верата и патоказ во небото“ и го замоли бискупот да започне со Литургиското славење и на тој начин да ја воведе заедницата во морето на Божјото милосрдие.

Во пригодната проповед бискупот Стојанов го истакна ликот на свети Јосиф и рече дека „покрај тоа што животната историја на свети Јосф е невообичаена, сепак, сите татковци со право можат да го земат за пример. Јосиф е отворен за Божјата волја. Кога ја зеде при себе Марија, својата свршеница која е во блажена состојба, кога се соочува со раѓањето на Исус најблаго речено во непријатни околности или кога бега од убиствената Иродова лудост, свети Јосиф со мирна душа ја прифаќа таа непредвидлива и неразбрилива ситуација. Јосиф ги потсетува сите татковци: и покрај тоа што треба да се предвидува, организира, да се водат своите работи како „добар татко во семејството“, сепак треба да се знае во дадени моменти, да се откажеме од своите убави планови и да се следи Божјата волја, па колку и да изгледа збунивачка. Многу е убава пораката која ја упати папата Павле VI пред 50 години во Назарет од куќата на Јосиф до сите татковци во светот и до сите семејства. Назаретската куќа ја нарече: училиште, кое се краси со работа, ред и молитва. Сите нѐ повикува и ние да влеземе во тоа назаретско училиште и да научиме како се живее семејното заедништво, живеејќи едни за други.

Бискупот Стојанов исто така се осврна на своето пасторално патување во Индија, каде беше две недели во месец февруари и пред собраната заедница го изнесе своето искуство од доживувањата на Црквата во Индија, како и нејзиното силно сведочење на верата и убавината во поглед на единството и различноста на обредите.

На крајот од Евхаристиското славење собраната заедница измоли пред статуата на свети Јосиф литанија во негова чест, како и молитвата за семејството која се моли во оваа пасторална Година на семејството, прогласена за Скопска бискупија и Апостолскиот егзрхат во Македонија. За време на Литургијата пееше катедралниот хор под водство на с. Татјана Атанасова.

Братското заедништво меѓу свештениците продолжи во парохискиот пасторален центар.

Дон Давор Топиќ

Категорија: Македонија

За авторот