Во пресрет на задушница: Животот и смртта

Во пресрет на задушница: Животот и смртта

Воскресението на телото и вечниот живот се крајната цел на човечкиот живот. Сите вистини на христијанската вера се патоказ кои водат до конечната средба со Воскреснатиот Христос, дефинитивната смисла за човечкото постоење и апсолутната иднина.

Сето тоа е повик човекот да не ја троши лесно животната сила, туку да поверува, односно одговорно да се однесува кон сегашниот момент и да донесува вистински одлуки дека самиот, а и со другите луѓе создава предуслови за среќната иднина која Бог ја подготвил за тие кои веруваат.

Сите други предвидувања, колку и да изгледаат убедливи, научни и сигурни, ќе отстапаат место за вистината на верата во која на луѓето им е понуден живот после смртта. Всушност, човекот е минлив и неговиот живот на земјата е постојано умирање; од раѓањето секој ден е сѐ поблиску до смртта и нема ништо посигурно од тоа. Сите наши планови, желби, аспирации и успеси носат печат на минливоста. Никој не може да го запре процесот на заборавање, бришење на трагите на постоењето, процесот на универзалната бесцелност. Запишано е: „Дните на човекот се како трева; како полски цвет, така прецутува тој; ќе дувне ли ветар, и веќе го нема, и местото веќе нема да се познава“ (Пс 102, 15-16).

Да се живее со овие факти, а уште и без вера, би било исклучително песимистички, а за многумина и невозможно. Но верниците имаат Божји Дух и кога живеат според Него, во нив се буди заспаната желба за среќа и вечниот живот. Таа е толку силна што може да се ѝ спротивстави и на самата смрт. Колку повеќе е некој духовен, толку посилен е неговиот копнеж за животот, Бог му е поблиску, чувствува дека Божјата волја не е човековото умирање, туку желба за да живее, а оваа спознание смртникот го спроведува преку црниот хаос на исчезнувањето и му ја отвара вратата на вечноста, како што се одразило во Исусовиот живот, смрт и воскресение. Исус, во кого се зборовите на вечниот живот, потврди: „Оваа е волјата на оној кој ме испрати: никој од оние кој ми ги дал да не ги изгубам, туку да ги воскреснам во последниот ден.“

Исусовиот разговор со Марта ја фрла светлината на темната страна од човечкото искуство со смртта, таа светлина на местото каде што е најгустата темнина, укажува на животот после воскресението. Тажната Марта го оплакувала нејзиниот мртов брат, а Исус ја повикувал својата човечка тага да ја ублажи со друга, еднакво вистинска реалност дека животот и покрај горкото искуство е посилен од смртта. Кој верува во Исус ќе живее иако дури и ако умре, бидејќи Бог таквата вера ја наградува со воскресение, со нов и вечен живот. Тоа за луѓето секогаш било неверојатно и тешко прифатливо, па затоа Исус го потврдил тоа со доказ: го оживеал Лазар, братот на Марта. На Исусовата (Божја) заповед смртта ги одмотала завоите и Лазар го вратила во живот. На сите им беше евидентно дека Исусовиот збор е вистина, дека навистина животот е посилен од смртта и дека смртта, колку и да е страшна, таа го нема последниот збор, бидејќи ете, и таа покорно ја слуша Божјата заповед и во живот го враќа мртвиот Лазар.

Да се потсетиме дека Исус на Марта ѝ рекол: „Јас сум воскресение и живот“, а потоа прашал: „Дали веруваш во тоа?“ На сите оние кои го слушаат Божјото слово на спасение, евангелието и денес им се поставува прашањето на верата. Дали верува современиот човек, и покрај сѐ поприсутните сомнежи, дека животот е посилен од смртта? Дали верува дека силната поврзаност со Христос може да ја надвладее самата смрт и дека после смртта може да се влезе во нов, вечен живот? Доколку го прифаќа Христос, воплотеното Божје Слово, навестителот и создател на човечкото спасение, тогаш Денот на мртвите треба свечено да го прославува.

На овој ден верниците не треба, а уште повеќе не смеат да бидат тажни. Искуството го учи дека смртта е тврда граница на земскиот живот, а верата го учи дека таа го нема последниот збор, сепак последниот збор е Божјиот. На оваа вера човекот може да ја зацврсти надежта дека ќе живее и ако умре. Додека пак надежта потпрена на верата, дава причина за да се радуваат луѓето на спознанието: на верниците животот им се менува, а не дека им се одзема. Верата и надежта се повикуваат на Божјото слово, почетокот на животот и ветувањето на велигденската постојаност. Тие кои му поверувале не бегаат од фактот дека смртта е сила која ја уништува минливоста, тиранин кој и Божјиот Син го повлече во гробната темнина, но тие не ѝ се плашаат, бидејќи поверувале дека љубовта е посилна од неа и дека пред Бога нема мртви: постојат само живи од оваа и од онаа страна на смртта. Постојат само преобразувања како што се оние присутни во гасениците кои стануваат подоцна пеперутки, или како зрното жито кое е ставено во земјата за да би вродило нови класови.

Дон Боско/З.А.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вера, Духовност

За авторот