Во пораката за Светскиот ден на мирот Папата повикува на „култура на грижа“

Во пораката за Светскиот ден на мирот Папата повикува на „култура на грижа“

Пораката за 54. Светски ден на мирот на 1 јануари 2021 година на тема „Културата на грижата како пат до мирот“ беше презентирана на конференција за новинарите во четврток, 17 декември 2020 година во прес центарот на Светиот Престол.

Пораката ја презентираа префектот и секретарот на Дикастеријата за промовирање на целосен човечки развој, кардиналот Питер Турксон и монс. Бруно-Мари Дафе, Христијане Жанге од таа дикастерија и Ана-Жули Керуел од Државниот секретаријат на Светиот Престол.

Во пораката Папата ја повика политиката и економијата во пандемијата со коронавирусот да им овозможат на сите пристап до вакцината, посебно на најсиромашните и најранливите.

Како и во неговата енциклика Fratelli tutti, Папата се осврнува на моменталната ситуација во светот во кој растат разни форми на „национализам, расизам, ксенофобија, како и војни и конфликти што носат смрт и уништување“. Тој оценува дека кризата со коронавирусот заостри голем број на веќе постоечки кризи кои се тесно поврзани: како што се климата, храната, економијата и миграцијата. Затоа, станува уште поважно да се грижиме едни за други и за созданието со цел да се изгради општество засновано на братски односи – рече Светиот Отец.

Објаснувајќи зошто луѓето се повикани да водат грижа, Папата го користи аргументот што го даде во својата енциклика „Лаудато си“ од 2015 година, заклучувајќи дека „грижата за другите и околината е срце што чука во социјалната наука на Црквата“. Од оваа наука произлегува „граматиката за грижата“. Промовирање на достоинството на секоја личност, солидарност со сиромашните и ранливите, општото добро и зачувување на создаденото се фактори со кои може да се најде „заедничка насока“ во глобализираниот свет. На Папата му е важна вистинската човечка насока, радикално да се отфрли расипничката култура на отфрлање и растечката нееднаквост во и меѓу народите.

Папата сонува за „пророци и сведоци на културата на грижа“ и предупредува дека до тоа ќе се дојде само доколку жените имаат главна улога во тоа“.

Папата изрично повикува на почитување на меѓународното хуманитарно право и ги опишува ужасните услови во кои живеат луѓето во областите на кризи и конфликти. Таму каде што се борат за нормален живот затоа што се изложени на експлозии, пукање и бомбардирање. Децата не можат да одат на училиште, мажите и жените не можат да работат за да ги прехранат своите семејства.

Папата Фрањо нагласува дека не смееме да прифатиме конфликтите во нашиот свет да стануваат нормални и толку многу ресурси залудно да се трошат на оружје, посебно на нуклеарно оружје. Овие ресурси се итно потребни за други цели, предупредува Папата, додавајќи дека ова се гледа и преку глобалните проблеми како што се пандемијата со коронавирусот и климатските промени.

Затоа, Папата повикува на воспитување за култура на грижа, почнувајќи од семејства, училишта и универзитети. При тоа религиите можат да имаат важна улога во ова. Без таква култура, нема да има мир – заклучува папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот