Во Мосул запалена Сиро-католичката епископската резиденција

Состојбата на христијаните во Ирак е подраматична. Како што извести патријархот на Сириско – католичката црква Јосип III Јунан, муслиманските екстремисти од Ирак и Левант ја запалиле епископската резиденција во Мосул. Патријархот во Ватикан се сретна со надбискупот Доменик Мамберти, секретар за односите меѓу државите. Папата Фрањо, видно загрижен, и со чувства на блискост ја следи ситуацијата во Ирак, како и ситуацијата со преживеаните христијански заедници. По две илијади години во Мосул христијани повеќе нема.

Последните вести се катастрофални, рече во разговор за Радио ватикан патријархот Јунан. Постојано со жалење повторуваме дека не треба религијата да ја мешаме со политиката. Ако постои непријателство помеѓу шиитите, сунитите, или меѓу било кој друг, тоа никако не смее да биде причина за напад врз недолжните христијани како и  врз другите помали групи во Мосул, или било каде.

Тоа никако не е причина, додаде патријархот, за уништување на богослужните места, црквите, бискупиите или парохиите, во име на таканаречената терористичка организација која не го слуша разумот и не се осврнува на совеста. Нашиот надбискупски двор во Мосул е потполно запален, заедно со ракописите, библиотеката… А веќе стигнаа и заканите дека, ако не преминат на ислам, сите христијани ќе бидат убиени. Страшно! Тоа е голема срамота за меѓународната заедница, истакна патријархот.

На новинарско прашање дали во Мосул има уште христијани, патријархот потврди дека последните десет семејства побегнале на 18 јуни и сѐ им е одземено. Ги оставиле на крајот од градот, но им украле сѐ што имале, ги навредувале,и така ги оставиле среде пустина. За жал, тоа е вистината, рече патријархот, и додаде дека сите тие прибегани христијани бараат засолниште во Курдистан, кој ги прима, но курдскиот премиер изјави дека повеќе не можат да примаат бегалци, бидејќи имаат и други помали групи, шиити, јазиди… кои, исто така се пребегани во Курдистан.

На прашањето како може да се запрат исламските интегралисти, патријархот Јунан истакна дека треба да им биде укината секоја финансиска помош. Од кого добиваат оружје?, запраша патријархот и веднаш одговори: Од фундаменталистичките земји од Заливот, со дозвола на политичарите од Западот, бидејќи им треба нивната нафта. За жал, тоа е така. И тоа е вистинска срамота!, истакна патријархот.

Затоа бараме од меѓународната заедница да биде верна на начелата на човековите права, верската слобода и слободата на совеста. Ние христијаните во Ирак, Сирија и Либан не сме увезени на тие простори, тука сме веќе со векови, затоа имаме право на однос како кон човечки суштества и граѓани на тие земји. Не прогонуваат во име на нивната религија и не само што ни се закануваат, туку тие своите закани и ги остваруваат, палејќи и убивајќи, рече на крајот патријархот Јунан.

РВ/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот