Во Великиот пост и каменот зборува за Господ

Во Великиот пост и каменот зборува за Господ

Јас сум камен, цврст и постојан. Јас сум како точка на крајот од реченицата. Јас изградувам непроодни ѕидини од градовите, пред кои и најголемите освојувачи зачудено гледаат или беспомошно потклекнуваат. Каде што ќе падне каменот таму е и крајот.

Оние мали камчиња многумина не ги сфаќаат сериозно додека не им дојдат на главата. Се сеќавате на малиот Давид кој со мало каменче, уште и меко, го онеспособил големиот Голијат. Добро и тој поминал. Давид да го земал оној остар камен, со првиот удар животот би го одземал. А луѓе мои, што се камењата, од ридот оддвоени, кои во каменоломот прецизно се сечат и во блокови се одвојуваат. Тоа се ѕидините на градот, гарант за безбедноста и одлика на убавини.

Знаете ли дека ѕидовите имаат уши, многу слушаат, но уште повеќе и во тајност задржуваат. Тоа ни е уште една посебност, затоа многумина нѐ сакаат.

Немојте да ми замерите ако ви откријам дека ние, камените блокови знаеме меѓусебно помалку да шепотиме, да прераскажуваме сѐ што слушаме во животот. Некои ќе се пофалат како се сјај и украс на храмот, некои цврстина и сигурност на ѕидините од градот.Каде ни е тогаш крајот.

Слушнав дека некој таму занесен се залетал и рекол дека храмот ќе го срушел и во три дни повторно ќе го изградел. Само да знае како се смеевме, среќа луѓето нас не нѐ слушаа. Да не слушаа, ќе знаеја дека ние повеќе се смееме на тие фантазии, отколку оние кои со децении нѐ ределе во редови. Не сме краткорочни, ние сме за долги патеки.

Но тој занесен, велат дека го викаат Учител, честопати нѐ збунува со своите пророкувања. Прво вели дека ќе го обнови храмот за три дена, а на друго место плаче над нашата судбина, дека ќе нѐ снема. Очигледно столарот не нѐ познава, ние сме постојани од најтврдото дрво. Сепак, во многу е мудар, но зошто токму за нас така се говори. Веќе ме убедува во тоа и да поверувам.

Го гледам народот, го сака. Велат помага, оздравува, храни, проповеда, дури и мртви оживува. Тоа од него најмногу ме загрижува. Ми јавуваат караваните од Витанија дека барал гробот на Лазар да се отвори. И тоа после четири дена. Па зарем ниту мртвите мир немаат! Кој видел гробен камен да се чепка! Кога плочата еднаш ќе се стави мртвите треба мирно да почиваат. Но велат дека Лазар станал. Се прашувам само колку долго, сепак на него тој камен повторно ќе го поклопат.

А гледам исто така, некои не го сакаат. Му подготвуваат тешки моменти. Се плашам дека во сето тоа и ќе успеат. Барем да знам како, би го предупредил. Штета, млад е, а зад грб му работат. Би било подобро кога би се повлекол, можеби за каменот повеќе научил.

Се случи тоа од што се плашев. Залудни му се приказните за тридневната обнова на храмот или за рушењето на градот. Барем да бил помудар, староста би ја дочекал. Сега телото мојата ладна сенка му го крие.

Ме зедоа за Него. Најголем сум во каменоломот на Голгота. Така на неговиот споменик ќе останам. А некои луѓе, за да бидат посигурни дека телото нема да му го украдат, го украсија со царски печат и со стража го опколија. Залудно ви е стравот пријатели мои. Мојата тежина ниту еден крадец не може да ја помести. Јас сум овде за вечноста, … додека за три дена нежно ме поместија.

Само за крај уште еден цитат, не ми е потполно јасен, но сеедно со вас ќе го споделам: „Разорете го овој храм и јас за три дена ќе го обновам“ Можеби и Бог, нашиот каменорезец, ќе направи од нас нешто за нас непознато.

Фрањевци-сплит/к.мк

Категорија: Вера, Духовност
Ознаки камен, пост

За авторот