Во Ватикан заврши третото заседание на Советот на кардинали

Во Ватикан на 19 февруари заврши третото заседание на Советот на кардинали, кој од 13 април мината година му помага на Папата во управувањето со сеопштата Црква и во размислувањето на нацртот за реформи на Римската курија. Попладне е одржана и средба со кардиналите членови на Советот на петнаесет кардинали, кој посебно се занимава со економските и организациски работи на Светата Столица. За попладневниот состанок во Канцеларијата за печат на Светата Столица извести патер Федерико Ломбарди, на вообичаениот брифинг за новинарите.

Советот на осумте кардинали продолжи со работа и вчера попладне, а заврши при крај на денешното попладне. Затоа и на папата Фрањо – како што рече патер Ломбарди – е предаден предлог за реформи. Советот на осумте кардинали интензивно работеше и од своја страна донесе упатства кои ги претстави на Светиот Отец, а кои се однесуваат на две подрачја за кои се расправаше: едно е целокупноста на економско – организациската структура на Светата Столица, и за IOR (Ватиканската банка), која е, сепак, поспецифичен и ограничен предмет.

Двете комисии, кои се занимаваа со економско – организациската структура на Светата Столица, и Ватиканската банка, а кои беа сослушани од осумте кардинали, денеска попладне го известија и Советот на петнаесет кардинали, кој на посебен начин се занимава со економските и организациските работи на Светата Столица.

Патер Ломбарди потоа се осврна на Конзисториумот за семејството, кој започнува утре наутро во Ватикан, и тоа со поздравот на кардинал Анџело Содано, декан на Кардиналскиот колегиум, а потоа ќе следи говорот на Светиот Отец. После тоа, воведно излагање ќе има кардинал Валтер Каспер за семејството, а потоа слободни излагања на присутните кардинали, и тоа во текот на попладневните часови, како и попладнето наредниот ден. Советот на осумте кардинали повторно ќе се состане од 28 до 30 април, и од 1 до 4 јули.

РВ/С.С.

Категорија: Ватикан

За авторот